1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сеќавања за Холокаустот: Почит за Марија, Пепо, Жоли...

ДТЗ
11 март 2024

Со положување цвеќе пред споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи во Скопје се одбележаа 81. година од депортирањето на македонските Евреи во нацистичкиот логор „Треблинка“.

Стево Пендаровски и Талат Џафери
„Сеќавањата од Холокаустот ги чуваме од заборав, за никогаш да не се повтори едно од најголемите зла на човештвото“, порача Талат ЏафериФотографија: President of RNM

Со положување цвеќе пред споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи во дворот на поранешниот скопски Монопол во Скопје се одбележаа 81. година од депортирањето на македонските Евреи во нацистичкиот логор „Треблинка“. Почит одадоа претседателот на државата, Стево Пендаровски, техничкиот премиер Талат Џафери, пратеници, амбасадори.

„Сеќавањата од Холокаустот ги чуваме од заборав, за никогаш да не се повтори едно од најголемите зла на човештвото“, порача државниот врв. 

Почит одадоа претседателот на државата, Стево Пендаровски, техничкиот премиер Талат Џафери, пратеници, амбасадори.Фотографија: President of RNM

Почит за Марија, Пепо, Жоли...

„Денеска им оддаваме почит на 7.144 Евреи од Македонија. На Марија, Пепо, Жоли, Бесале, Дора, Давид, Руфел, Јаков, Боена, Мари, Ештер и многу други Евреи од Македонија, кои загинаа трагично во логорот на смртта „Треблинка". Станува збор за Евреи од Штип, Битола и Скопје никогаш повеќе не ги видоа своите родни градови“, рече претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви. 

Техничкиот премиер Џафери порача дека не е целта да се отвораат рани од болното минато, туку да се испрати порака дека, сеќавањата за Холокаустот ги чуваме од заборав – за никогаш повеќе да не се повтори едно од најголемите зла на човештвото.

Одбележана 81. година од депортирањето на македонските Евреи во нацистичкиот логор „Треблинка“Фотографија: President of RNM

Обврска да градиме мир

„Како генерации на денешнината, должни сме да отвораме надеж, во името на сите положени животи, на сегашните генерации, и најмногу, во името на светлата иднина - за идните генерации. Обврска на сите е да градиме свет во мир, во којшто сите граѓани имаат еднакво право да живеат во слобода. Тоа е можно, само ако градиме заеднички свет на рамноправни народи и држави, независно дали се големи или мали, развиени или во развој, чијшто глас еднакво се слуша и се вреднува во глобалниот поредок“, вели Џафери.

Пред присутните обраќање имаше и амбасадорката на Израел, Симона Франкел која истакна дека комеморацијата на депортацијата на еврејската заедница во државава во нацистичките логори годинава за Израел има ново и болно значење и кажа оти не сака да го споредува ,,Холокаустот со масакрот од 7 октомври“.

„Првиот е најголемата можна трагедија која се случила во современата еврејска историја, вториот е најлошиот ден за Израел од формирањето на нашата држава. Не можеме да го игнорираме фактот дека, доколку постоеше државата Израел, Холокаустот можеби немаше да се случи. Од 11 март 1943 година изминаа 81 година, кога еврејските заедници од Скопје, Битола и Штип беа однесени до зградата на Монополот и затворени во провизорни транзитни логори како резултат на добро планирана операција“, рече Франкел.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми