1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секое второ дете во Македонија е математички „неписмено“

ДТЗ
24 јануари 2024

Резултатите по читање се уште позагрижувачки - само еден од четворица ученици постигнува минимално знаење. Образованието мора да стане национален приоритет - укажуваат од УНИЦЕФ.

Symbolbild Schülerin & Hausaufgaben
Фотографија: Imago/PhotoAlto

Структурните реформи во образованието треба да станат национален натпартиски приоритет. Северна Македонија ќе плати висока цена доколку ништо не се преземе за образованието да стане национален приоритет. Ова се укажувањата на претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани. На Меѓународниот ден на образованието, таа изнесе загрижувачки податоци, кои посочуваат дека севкупните постигнувања на учениците се многу ниски и се намалени во периодот меѓу 2018 и 2022 година.

Само еден од тројца ученици на возраст од 15 години постигнал минимално ниво на знаење по математика (ниво 2 од 6), што значи дека двајца од тројца ученици не успеале да протолкуваат и препознаат, без директни инструкции, како едноставна ситуација може математички да се претстави. Резултатите по читање се уште позагрижувачки - само еден од четворица ученици постигнува минимално знаење.

Национален приоритет

Резултатите од последното тестирање во рамки на Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА 2022) кои укажуваат на проблеми во резултатите од учењето кај учениците, алармираат дека структурните реформи во образованието треба да станат национален натпартиски приоритет.

Зошто е потребно целото општество да ги поддржи реформите во образованието?

„Квалитетното образование е клучен двигател на економскиот раст и развој и го забрзува остварувањето на сите човекови права. Образованието овозможува стекнување на потребните вештини и знаења, за да може, по завршувањето, учениците да се вклучат на пазарот на трудот и да придонесат кон подобар економски развоја. Исто така, образованието помага да се намалат нееднаквостите и сиромаштијата преку подобрување на можностите за работа и зголемување на приходите“, вели претставничката на УНИЦЕФ.

Резултатите по читање се уште позагрижувачки - само еден од четворица ученици постигнува минимално знаењеФотографија: picture-alliance/dpa/M. Hitij

Недостиг на квалификувани работници

За да се зајакне економијата, потребна е квалификувана и компетентна работна сила. Меѓутоа, во Македонија процентот на ученици кои го постигнале највисокото ниво е значително понизок од просекот во ОЕЦД - само еден процент од учениците имаат највисоки достигнувања по математиката, достигнувајќи ниво 5 или 6 (во споредба со просекот во ОЕЦД од 9%), додека речиси никој нема највисоки достигнувања по читање и наука (во споредба со просекот во ОЕЦД од 7% во двете области).

„Доколку таквата состојба не се надмине, земјата и понатаму ќе заостанува во развојот на човечкиот капитал и конкурентноста“, вели ДиЏовани.

Нееднаквост

Образованието има потенцијал да ги извлече луѓето од сиромаштија, но резултатите од ПИСА посочуваат на нееднаквости во системот. Во Северна Македонија, учениците кои се во многу добра социо-економска состојба имаат далеку подобри постигања од учениците кои се социо-економски најобесправени и тоа за дури 76 поени по математика.

Ако не се надминат овие нееднаквости, од УНИЦЕФ посочуваат дека системот ќе ги продлабочи и со тоа ќе придонесе кон уште поголема сиромаштија и недостаток на можности.

Меѓу 2018 и 2022 година, двојно е зголемена стапката на ученици кои се изјасниле дека не се задоволни од својот живот, од 7% во 2018 година на 14% во 2022 годинаФотографија: imago/photothek/T. Trutschel

Незадоволство

Северна Македонија, како и другите земји од Западен Балкан, се соочува со емиграција на млади, образовани и квалификувани луѓе и резултатите покажуваат дека овој тренд најверојатно ќе продолжи, бидејќи задоволството на учениците од животот е значително намалено. Меѓу 2018 и 2022 година, двојно е зголемена стапката на ученици кои се изјасниле дека не се задоволни од својот живот, од 7% во 2018 година на 14% во 2022 година.

Сепак, според УНИЦЕФ, оптимистички е тоа што Северна Македонија е над просекот на ОЕЦД за прашања поврзани со чувството на припадност на учениците во училиште. Во 2022 година, 85% од учениците во Северна Македонија се изјасниле дека лесно се спријателуваат на училиште, а 86% имаат чувство на припадност во училиштето (во споредба со просекот во ОЕЦД од 76% и 75%).

Таквото споделено чувство на припадност, според ДиЏовани треба да се искористи и да им се обезбеди квалитетна настава на учениците и стимулирачка училишна средина, за да можат да ги развиваат своите интереси, да се стекнат со повеќе знаења и компетенции, а со тоа да си обезбедат подобар живот.

Дополнителни вештини

Училиштата, исто така, треба да им овозможат на учениците да стекнат широк спектар на дополнителни вештини, како што се справување со емоциите, преговарање, решавање проблеми, емпатија и комуникација. Овие вештини им помагаат на учениците подобро да учат, да бидат глобални граѓани, оспособени да се справат со личните, социјалните, академските и економските предизвици, истовремено помагајќи им и на младите луѓе кои се справуваат со тешкотии да се справат со предизвиците и да изградат отпорност.

Од УНИЦЕФ се децидени дека за да се подобрат овие резултати и квалитетното инклузивно образование да стане реалност за сите деца, политичките лидери и носителите на одлуки треба да се согласат дека навистина е потребно да се зголемени јавното финансирање и инвестициите во образованието на сите нивоа, истовремено обезбедувајќи ефикасна и правична распределба на ресурсите за општините и училиштата. Образовниот систем треба да има доволно финансии за да им овозможи на училиштата да ги достигнат националните образовни стандарди и да го олеснат пристапот и инклузијата на најранливите деца, вклучувајќи ги и оние со попреченост, од етничките малцинства и од посиромашните домаќинства.  

Подобри можности за образование на децата со попреченост

04:53

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми