1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секој трет источен Германец мечтае за силен водач

Ханс Фајфер
30 јуни 2023

Актуелна студија покажува дека во источна Германија се распространети исламофобија, нетрпеливост спрема странци и националшовинизам, како и антисемитизам.

неонацисти Цвикау  1 мај 2022 година
Марш на неонацистите од партијата „Третиот пат“ во Цвикау на 1 мај 2022 годинаФотографија: Sebastian Willnow/dpa/picture alliance

Десноекстремни искази наидуваат на посебно одобрување во источна Германија. Тоа е резултатот на голема студија во врска со десноекстремни ставови кај населението во источните сојузни покраини, која ја спроведе Универзитетот во Лајпциг под водство на психологот за социјални прашања и социолог Оливер Декер. Испитани се повеќе од 3.500 лица во Саксонија, Саксонија-Анхалт, Тирингија, Бранденбург и Мекленбург-Предна Померанија, каде што процентуално живее една петтина од германското население. Резулатите од студијата се политички скокотливи - околу половина од испитаниците бараат стоп за доселување на муслимани. Речиси 70 проценти се согласуваат со непријателскиот став спрема странци, мислат дека тие доаѓаат во Германија само за да ги искористат социјалните можности што ги нуди државата. Антисемитизмот исто така е распространет, па така секој трет испитаник вели дека влијанието на Евреите е преголемо. 

АфД атрактивна за десноекстремните

Политичките ставови се одразуваат и кај гласачките кутии: „Резултатите покажуваат дека екстремно десни партии со нивните идеолошки понуди си наоѓаат бројни точки на преклопување во широката популација”, велат креаторите на студијата. „Меѓу приврзаниците на АфДсе најголемиот дел лица со десноекстремни ставови”, се вели во студијата. Партијата Алтернатива за Германија (АфД) бележи посебен успех во источниот регион. За прв пат во историјата на партијата, таа неодамна победи на локални избори - имено, нивни кандидат ја освои функцијата окружен началник. 

Копнеж по силна држава: една третина од анкетираните источни Германци сметаат дека диктатура во одредени услови е подобра државна форма Фотографија: Abdulhamid Hosbas/AA/picture alliance

Истражувачи на јавно мислење сметаат дека партијата има шанси да извојува три победи на истокот на земјата на претстојните избори следната година на покраинско ниво. АфД со години собира поени со агресивна и делумно расистичка кампања против доселеници, муслимани и политичките противници. Притоа партијата, според студијата, го нема целосно искористено својот потенцијал во источна Германија затоа што многу потенцијални гласачи сѐ уште се во таборот на неопределените. 

На сојузно ниво, АфД има само индиректно политичко влијание, затоа што сите останите партии одбиваат соработка со партијата која заради радикалните наративи се води како осомничен десноекстремен случај од страна на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок. Делови од партијата и нејзиното милје дури важат и за „докажано десноекстремни”. 

Партијата бара радикална промена на општеството и постојано се заканува со остри политички мерки. 

Желба за авторитарна држава 

Тоа што креаторите на студијата го истражувале истокот е поврзано со поновата германска историја. Овој дел од државата до обединувањето во 1990 година беше самостојна тоталитарна држава - комунистичката Источна Германија. Општествените промени во 90-тите во петте источногермански покраини доведоа до масовни отпуштања од работа, голема невработеност и масовно отселување на населението. Промените беа проследени со бран на насилство спрема делови од населението. Покрај тоа, со години избиваше расистичко насилство во регионот и до ден денес десноекстремисти извршуваат насилни дела.

Демонстрација на АфД за енергетска сигурност и заштита од инфлација - партијата профитира од десни екстремни ставови Фотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Зошто десноекстремни ставови се посебно раширени на истокот?

Главната причина според резултатите на актуелната студија не е во историјата на регионот од времето кога беше Источна Германија. Многу повеќе според нив се должи на тоа дека се проширил „менталитет на заговори” и желбата за „авторитарна државност”. Мнозинството на испитаниците дели копнеж по „силен лидер” или „силна партија”. Многу распространети се и т.н. „нео-националсоцијалистички идеологии” кои се потпираат на националсоцијалистичката диктатура под Адолф Хитлер. 33% се согласуваат со исказот дека „треба да имаме водач кој за доброто на сите со цврста рака ќе ја води Германија”. Речиси една четвртина од испитаниците велат дека националсоцијализмот имал и свои добри страни. 

Испитувачите истражувале и дали ставовите се имаат променето низ децениите. Во Германија по расистички убиства и кампањи за поттикнување нетрпеливост секогаш имало и големи општествени дебати. На многу места, па и во источна Германија, се основани граѓански иницијативи за помош и поддршка на бегалци и општествена разноликост.

Резултатите се отрезнувачки - политичките ставови во источна Германија се чини дека во изминатите 30 години се релативно непроменети. Не растат десноекстремните ставови, но и се држат на постојано високо ниво. Тоа може да е и објаснување за добрите изборни резултати на АфД во регионот. За креаторите на студијата од Лајпциг, алармантно е тоа што десничарските ставови толку константно опстојуваат на истокот од Германија, затоа што обемот на десноекстремни кривични дела, како на пример подметнување пожар во домови за азиланти, покажува оти антидемократски размислувања во секојдневието се преточуваат и во дела.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми