1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Семакедонско обединување или нов мегдан за партиски битки?

ДТЗ
24 октомври 2022

Семакедонско обединување и зачувување на унитарниот карактер на државата - ова е понудата која што пристигна од опозицијата до власта во пресрет на уставните измени и барањата на албанскиот блок за јазикот

протест Скопје
Опозицијата повикува на семакедонско обединување и зачувување на унитарниот карактер на државатаФотографија: Edita Zekjirovikj/Anadolu Agency/picture alliance

Семакедонско обединување за напредок на земјата, зачувување на унитарниот карактер на државата и исцртување на црвените линии - ова е понудата која што пристигна од опозицијата до власта за време на празничниот викенд кога се одбележува 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба. 

„Македонските национални интереси повторно се ставени на маса“, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во пресрет на отворањето на  Пандорината кутија со уставните измени, и албанските условувања за да го поддржат влезот на Бугарите во преамбулата на македонскиот Устав. Мицкоски, кој изминатиов период имаше цврст став дека нема да дозволи ниту еден пратеник од опозицијата да ги поддржи ваквите промени во парламентот, дури и најавуваше дека ќе замине од политиката ако се случи нешто такво, повика на нов општествен договор за доброто на идните генерации, и подаде рака и на владејачката СДСМ „за да се обединат околу државните интереси“ и соопшти какви гаранции очекува од ЕУ за да поддржи уставни измени. 

„Ајде да направиме семакедонско обединување за остварување на целите на државата и зачувување на достоинството. 
На оваа генерација политичари во Македонија им припаѓа обврска да го бранат македонскиот народ и да донесат просперитет за државата на секое поле. Со деструктивни политики нема напредок, а со уништување на достоинството нема долгорочен раст“, повикува опозицијата. 

Ваквиот повик следи откако државниот врв во повеќе наврати изминатиот период ја повика опозицијата да седнат на заедничка маса и да ја усогласат ЕУ агендата, со цел да нема блокади во парламентот во пресрет на уставните измени за кои е неопходно двотретинско мнозинство. По апелот на Мицкоски за семакедонско обединување, од власта порачаа дека „Мицкоски е лицемерен и недоследен политичар, кој ги менува ставовите како ќе му текне“. „Еднаш е за промена на Уставот и внесување на Бугарите, потоа е категорично против, па повторно ја врти плочата. Беше и против Договорот за добросоедство со Бугарија, па го поткрепи“, велат од СДСМ.

Христијан Мицкоски повика на нов општествен договор за доброто на идните генерации, и подаде рака и на владејачката СДСМ за да се обединат околу државните интересиФотографија: Petr Stojanovski /DW

Треба да се разговара 

„Со два статуси не се брани Македонија, треба да се зборува лице во лице, и во Берлин, и во Париз, и во Брисел, но и тука кога ќе дојдат во Скопје, и таму се кажуваат аргументите. И затоа велам јас треба да се разговара“, порача во неделата Мицкоски на Научниот симпозиум 129 години ВМРО „Борба за Македонија која трае“ организиран од ВМРО-ДПМНЕ. 

Обвинувајќи дека Владата на СДСМ потпиша договор со Бугарија со кој македонизмот до 1945 година го поврзува со бугарскиот идентитет, па како последица на тоа сега има два нови моменти кои ја оптоваруваат европска иднина на земјата. Првиот е условот за Уставот и промената на Преамбулата и вториот од пред некој ден барање за бришење на бројката и процентот со кој ќе се детерминира јазикот на албанскиот народ. 

„Ајде и за тоа да зборуваме. Јас сум подготвен за сѐ да зборувам. Ајде аргументите да ги ставиме на маса. Ако ја смениме Преамбулата ќе бидеме ли во 2030 година членка на ЕУ, ќе потпише ли некој дека ќе бидеме членка како што ни ветуваат, ќе донесе ли Европскиот парламент заклучок и резолуција со кој се признава посебноста на македонскиот јазик“, запраша Мицкоски. 

Опозицијата смета дека со промена на Преамбулата на Уставот, земјата нема инстант решение за влез во ЕУ поради што е потребно општествено обединување. Што се однесува пак, на дополнителните услови кои што деновиве ги ставија на маса дел од албанските партии за бришење на формулацијата од 20 отсто во Уставот, опозицијата смета дека тие може да значат нарушување на унитарниот карактер на државата. „Унитарниот карактер на државата е загарантиран и мора да биде црвена линија на секого. И за тоа исто така е потребно општествено обединување“, порача опозицијата. 

Пратениците на Алијанса на Албанците начелно ќе гласаат за уставни измени, но имаат неколку условиФотографија: DW/P. Stojanovski

Услови за уставни измени 

Уставните измени неопходни за влезот во ЕУ ги разбудија апетитите на партиите кои што ја условуваат својата поддршка во замена за глас.  Пратениците на Алијанса на Албанците начелно ќе гласаат за уставни измени, но имаат услови, коишто деновиве ќе им ги презентираат на „поважните амбасади низ Македонија“. Еден од условите е да се тргне „терминот 20 проценти“ од Уставот и македонскиот и албанскиот јазик за да се користат како службени јазици во земјата, најави в.д. претседателот на партијата Арбен Таравари.

Формулацијата „јазикот што го зборуваат 20% од населението“ не е поврзана со дневната политика, туку со навредлива дефиниција на албанскиот јазик која мора итно да се отстрани, порачуваат од Алијанса на Албанците, по изјавата на Мицкоски дека е подготвен за разговори албанскиот да стане рамноправен со македонскиот јазик. но под услов да се укинат „бадентеровото“ правило и таканаречениот „балансер“. Тие и порачаа на опозицијата дека ако пречи Бадентер, тогаш може да се воведе дводомен парламент, по примерот на слични земји.
 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми