1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сенката на Орбан и духот на Трамп надвиснати над НАТО и ЕУ

12 јули 2024

Не сум убеден дека Македонија ја има силата и важноста да игра игри слични на Вучиќ и Орбан, да седи на две столчиња како аутсајдер од европските институции или да се клади на Трамп?! Пишува Ивор Мицковски

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во Мар-а-Лаго на Флорида се сретна со Доналд ТрампФотографија: Viktor Orban via X via REUTERS

Откако Унгарија го презеде шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ, Виктор Орбан не престанува со својата глобална програма и игра.  Од Киев на средба со Володимир Зеленски каде му презентираше мировен предлог во „путинска“ салса, до Москва на разговори со рускиот лидер Владимир Путин, со што отвори институционална криза во ЕУ, потоа Пекинг и средба со претседателот Ши Џинпинг, унгарскиот премиер Виктор Орбан ја спроведува својата програма за глобална дипломатија, за која вели дека е дизајнирана да донесе  мир во Украина.

Сега во четврток, унгарскиот премиер полета за Мар-а-Лаго на Флорида за да се сретне со Доналд Трамп, изјави за „Гардијан“ извор близок до Орбан, бидејќи тој се обидува да преговара за мировен договор без да се консултира со другите земји на ЕУ или со администрацијата на Бајден.

„Случајот Будимпешта“ стана ургентен во ЕУ и НАТО- круговите каде повеќето европски шефови на држави превртуваа со очите и се одлучија на неформална изолација и бојкот на унгарското претседателство со Советот на ЕУ. Со други зборови, никој не сака да биде вмешан или да стане дел од  маневрите на Орбан.

Се разбира,  потезите на Орбан  не се само обична провокација насочена против европскиот лидершип од Брисел. Неговите маневри се опасна политичка кладба која е пред сѐ насочена кон иднината. И за верување е дека, доколку му се поклопат коцките, автократот од Будимпешта ќе инкарнира една нова европска и глобална политичка линија. Доста црна и опортунистичка.

„Шанса за мир во Украина"

Самиот унгарски министер за надворешни работи во средата потврди дека Унгарија го гледа потенцијалното враќање на Доналд Трамп на функцијата претседател на САД на изборите во ноември како  „шанса за мир во Украина“.  Во интервју за Ројтерс во Вашингтон, Сијарто рече дека целта на Будимпешта е да стави крај на војната во Украина преку мировни преговори во кои учествуваат Русија и Украина.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и украинскиот претседател Володимир ЗеленскиФотографија: Maxym Marusenko/Nur Photo/IMAGO

Орбан предизвикува загриженост дека работи како посредник меѓу Путин и Трамп, додека посетата на Флорида е дел од напорите на Орбан да преговара за мировен договор меѓу Украина и Русија без консултации со другите членки на ЕУ или администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. Орбан е единствениот европски премиер кој има пријателски однос и структурирани политички врски со Трамп. Во исто време, најдолгиот по стаж премиер во Европа е единствениот лидер од континентот кој слободно разговара со Путин. Подеднакво, одржува одлични односи со Кина, а како потврда на тоа минатиот 9 мај го угости Џинпинг во Будимпешта. 

Вистинскиот страв на евро-атлантските сојузници е дека Орбан всушност работи како олеснувач за Путин, оправдувајќи ги неговите аспирации и идеи за примирје кои неминовно одат на штета на Украина, но и како портпарол на субјект кој е надвор од сите институции, односно,  поранешниот претседател Доналд Трамп.

Орбан се обложува на враќањето на Трамп и на мир со Путин кој воопшто не би бил беневолентен за Киев. Во еден таков случај Орбан и Унгарија би станале „папокот на светот“, поради централна геополитичка позиција на Будимпешта и евентуалните расплетувања на украинскиот конфликт. Орбан тогаш и физички би го инкарнирал новиот глобален курс по стапките на Трамп и Путин, би и дал нова лимфа на екстремната десница и би ги зајакнал аспирациите на автократите низ Европа и светот. Свесен дека во Европа и во ЕУ засекогаш би останал изолиран, Орбан сите свои карти ги става на Трамп и Путин, со цел да стане централна фигура во меѓународното конзервативно движење.

Сенката на Трамп

Но, покрај сенката на Орбан, уште еден дух се „моташе“ низ коридорите на Самитот на НАТО, а тоа е: втората администрација на Трамп. Повеќе од „духови“, зборуваме за луѓе од крв и месо, затоа што повеќемина советници на екс-претседателот, кои се надеваат дека ќе се вратат на политичката сцена со Трамп, повеќе или помалку јавно се сретнуваа со делегации на европските земји за време на нивната посета на Вашингтон.

И како што веќе пренесе Борис Георгиевски во својот мошне интересен текст:  Дали Христијан Мицкоски типува на Доналд Трамп? -  јасно е дека македонската делегација, предводена од премиерот Мицкоски, придружуван од министрите за надворешни работи, внатрешни работи и одбрана, се сретна со Ричард Гренел, контроверзниот поранешен дипломат и поранешен в.д. координатор на американските разузнавачки служби.

Гренел е само еден од дуото „амбасадори“ на Трамп кои неофицијално организираа средби со европските функционери. Главниот бил поранешниот генерал Кејт Келог, екс-шеф на кабинетот на Советот за национална безбедност од првиот мандат на Трамп, кој во вториот евентуален мандат се надева да го предводи Советот. Самиот Келог потврди дека се сретнал со бројни министри за надворешни работи, како и со спикерот на украинскиот Парламент, Руслан Стефанчук. Келог нема некоја официјална улога во предизборната кампања на Трамп, но е автор на планот за крај на војната во Украина, неодамна презентиран на Трамп. Гренел од друга страна се надева дека во идната администрација на Трамп би ја имал улогата на државен секретар.

Премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски и Ричард Гренел Фотографија: Nordmazedonischer Premierminister Hristijan Mickoski

Без да се навлегува во шпекулации или избрзани оценки за „полезноста“ или добредојденоста од оваа средба, неизбежен е заклучокот дека нашата делегација во Вашингтон не си создала премногу проблеми дали ќе ги повреди чувствата на домаќинот и актуелен американски претседател Џо Бајден. Некои поголеми земји, како Италија, културно ја одбиле поканата од „амбасадорите“ на Трамп. Можеби целта на нашата мисија беше да се испрати порака, дека заедно со Србија и Унгарија и Македонија може да влезе во една нова политичка оска и така подобро да се позиционираме кон идната американска администрација, доколку барањата и притисоците од Грција и Бугарија не се намалат. Велам нагаѓам, но некоја поголема позадина пожелно е да постои. Верувам дека и прифаќањето на ВМРО-ДПМНЕ на остро критикуваниот договор со Бехтел и Енка, треба да се гледа од таа призма, како и критиката на Мицкоски за мешањето на амбасадорите.

„Специјални релации“

Мене лично ми е интересна конјуктурата на нашата дипломатија со заложбите на Гренел во регионот, особено кај Вучиќ, како и обновената „специјална“ релација со Унгарија на Орбан. Гренел и  зетот на Трамп, Џаред Кушнер  се инвеститори на локација на поранешниот срушен Генералштаб, каде треба да никнат луксузни хотели и апартмани. Според аналитичарите, договорот е студија на случај како една мала и неврзана земја може да се припреми за евентуалното враќање на Трамп. Се разбира, и Гренел и Вучиќ негираат дека постои каква било политичка позадина и дека се работи за  чисто економски дил,  но јасен е методот на надворешната политика на Трамп, каде токму преку „инвестиции“ се надминуваат политичките препреки.

Од еднаква, строго економска логика можеме да го гледаме и договорот на Мицкоски и Орбан за специјална економска соработка и заем од 500 милиони евра, по доста поволни услови. Но, колку и да сакаме не можеме да ги избегнеме и негативните политички аспекти од специјални врски со најголемиот европски автократ и човекот кој му даде азил на бегалецот Груевски.

Соочени со закочените евроинтеграциски процеси, старо-новите проблеми со Софија и Атина, искрено не знам како една мала земја како Македонија ќе помине низ радарите на европските канцеларии, и онака загрижени и во костец со екстремната десница и внатрешните петтоколонаши како Орбан, и како Париз, Берлин или Варшава ќе гледаат на новата ориентација на нашата дипломатија и економија. Едноставно не сум убеден дека Македонија ја има силата и важноста да игра игри слични на Вучиќ и Орбан, да седи паралелно на две столчиња како аутсајдер од европските институции и да типува на политиките на Орбан, или пак, уште попретенциозно, да се клади на Трамп?!

Новата Влада секако заслужува барем 100 дена меден месец, но актуелниот активизам во политиката и економијата, новиот пристап кон Грција, нејаснотиите околу Преговарачката рамка, но и навестувањата за обиди да се гради некое ново мултилатерално позиционирање на Македонија, заслужуваат во најбрзо време да бидат контекстуализирани и објаснети. 

Во спротивно, контрадикциите на одредени потези сами ќе се објаснат во очите на странците и на домашната јавност, и тоа нема да биде најдобро ни за властите, ни за државата.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми