1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите си ја префрлаат топката за бегството на Артан Груби

ДТЗ
19 декември 2024

Партиите меѓусебно се обвинуваат за бегството на Артан Груби. Од ДУИ порачаа дека не се совршени, а поранешниот вицепремиер од засега непозната локација ги следи случувањата во земјата

Блаце
Серија пропусти откриваат како Артан Груби со леснотија преминал преку границата кај Блаце Фотографија: DW/Esat Ahmeti

Серија пропусти коишто испливуваат секојдневно на површина укажуваат со каква леснотија поранешниот вицепремиер Артан Груби ја напуштил Северна Македонија и преминувајќи ја непречено северната граница заминал на Косово, само неколку минути пред да биде извршен полицискиот претрес во неговиот дом. Откако во неделата (15.12) испрати порака преку Фејсбук дека ќе се врати дома, откако ќе ги заврши обврските, тој повеќе не се огласи на социјалните мрежи. Во меѓувреме ситуацијата драстично се промени. По отворањето на истрагата, судот му изрече притвор од 30 дена, а полицијата го бара со меѓународна потерница.

Дали е сè уште на Косово, или неговата следна дестинација била Тирана, нема одговор ниту од надлежните институции. Партиите во меѓувреме си ја префрлаат топката околу тоа кој е виновен за неговото бегство. Според опозициската СДСМ, „факт“ е дека полицијата не си ја завршила работата. Тие го отвораат прашањето дали станува збор за пропуст или пак за „координирана акција за пуштање на Груби“. 

„Ова е скандал од епски размери за кој министерот за внатрешни работи Панче Тошковски мора итно да излезе и да ја каже вистината, а потоа да си поднесе оставка“, порача на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. 

Панче Тошковки мора итно да излезе и да ја каже вистината, а потоа да си поднесе оставка, бараат од СДСМФотографија: Petr Stojanovski/DW

Кој е виновен за бегството? 

Двајца полициски службеници се соочуваат со дисциплински постапки, а едниот од нив е суспендиран откако внатрешната контрола на МВР утврдила дека не постапиле во согласност со правилата во моментот кога екс-вицепремиерот Артан Груби ја поминал границата на Блаце. Проверки не биле извршени во „мерцедесот“ со кој се превезувал Груби, а не функционирал ниту видео надзорот за да го сними бегството. 

Според СДСМ, едниот од полицајците, бил прераспредел на контрола на граничниот премин токму од министерот Тошковски. 

„Но, истиот ден откако го пропуштил Груби земал боледување. Со тоа, де факто не може да биде суспендиран се додека му трае боледувањето. Дали Тошковски сака да го заштити, или пак чека да се забошоти целата ситуација? И зошто не е поднесена кривична пријава против полицајците, туку наводна суспензија кога станува збор за дело за кое може да се поднесе кривична пријава“, прашуваат од опозициската партија. 

Тие посетуваат дека по слична шема неодамна ја напушти земјата и Блерим Рамадани, кој се бара за тероризам. 

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, порачаа дека СДСМ се виновни што Артан Груби со години ја крадел државата и влијаел врз судството. 

„И МВР под капата на СДС знаеле за криминалот на Груби. Со години немало никаква реакција од институциите под капа на СДС, затоа што раководството на таа партија сакало да остане на власт по секоја цена. И Венко Филипче знаел дека Груби е корумпиран, но не презел ништо“, вели Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. 

Од ДУИ порачаа дека не се совршени, а Артан Груби од засега непозната локација ги следи случувањата во земјата Фотографија: P. Stojanovski/DW

ДУИ: Не сме совршени

ДУИ, чиј висок функционер е во бегство поради злоупотреби тешки осум милиони евра во Државната Лотарија, порача дека отсекогаш била посветена на одговорност и транспарентност на сите нивоа на јавниот живот. Потсетуваат дека за време на нивното владеење предложија прогресивен закон со кој се наметнуваат строги ограничувања за поединци објавени на американската „црна листа“ за корупција, но кој беше блокиран во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. 

Според ДУИ, предложението закон имаше за цел да им забрани на назначените лица да учествуваат во избори и процеси за јавни набавки, што, според нив, е важен чекор во заштитата на демократските процеси и довербата на јавноста.

„ДУИ не е совршена, ниту се преправа дека е. Учиме од предизвиците со кои се соочуваме и се стремиме да се подобриме во службата на граѓаните“, порачуваат од Мала Речица.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми