Неразјаснета серија убиства на Роми во Унгарија
1 октомври 2022Сторителите убивале од заседа. Постапувале кукавички, ладнокрвно и сурово. Ги палеле куќите на жртвите и пукале во нив кога се обидувале да побегнат од пламените јазици. Некогаш ги убивале во сон. Убиле вкупно шест лица, меѓу нив и едно мало дете, повредиле 55 лица, во најголем дел тешко. И сето тоа од една единствена причина: бидејќи биле Роми.
Серијата убиства врз Роми во 2008/09 е најтешкото расистичко злосторство во поновата криминална историја на Унгарија и деснорасистичка серија напади, слична на серијата убиства во Германија од страна на НСУ. Убиствата се случија за време на владеењето на сoцијалистичко-либерална влада, кога Унгарија тонеше во корупција и политички препукувања. Неколку месеца подоцна Виктор Орбан дојде на власт со двотретинско мнозинство.
Целосно истражен и обработен случајот во Унгарија не е ни до ден денешен. Но, барем тројцата сторители во 2014 беа осудени на доживотна казна затвор, а еден соучесник на 13. Но, и покрај неоспорни докази меѓу кои обемни траги од ДНК на местото на злосторствата, сторителите цврсто ја оспоруваа вината. Само еден од нив, Арпад Кис, кој важи за главен сторител и лидер на групата, неколку пати јавно зборуваше и негираше дека е убиец.
Непланирано вовлечен?
Сега, 13 години подоцна, сосем неочекувано, даде признание - (31.08.2022) во интервју за дневниот весник “Маџар Немзет”, неофицијалното гласило на Орбан и неговата влада. Признанието е шокантно и бизарно истовремено. Во интервјуто Кис вели: „Кривичните дела се случија, ние ги сторивме”. Тој ги опишува како „грешка”, но жалење и вистинско каење не може да се препознае и новинарот не ни прашува за тоа. Тоа што во процесот негирале дека ги сториле делата, Кос исто така го означува како „грешка”. Иако во процесот беше претставен како главен сторител, организатор и „мозок” на бандата, Кис ја оспорува таквата улога.
Тој само сакал да го поддржи неговиот помлад брат и без намера влетал во убиствата. Бизарна кулминација во интервјуто е исказот дека последните две убиства во април и август 2009 можеле да бидат спречени да работеле истражителите како што треба.
Непознати соучесници
Интервјуто не привлекува внимание само поради овој исказ. Кис за прв пат јавно признава она што долгогодишните набљудувачи на процесот го сметаа за многу веројатно: дека за време на серијата убиства имало поддржувачи и соучесници кои помагале во убиствата со пари, оружје и логистика. Кис зборува за двајца кои помагале: локален политичар од тогаш десноекстремната партија Јобик („Подобрите”) и соработник на продавница за оружје кој наводно преку познаник имал пристап до доверливи информации од Министерството за внатрешни работи.
Имиња и други околности во врска со лицата Кис не споделува, но тврди дека на истражителите уште во 2020 година им дал опширни детали во врска со соучесниците. Истрагата останала без резултат. „Ние одговаравме, а другите двајца се спасија", вели Кис во интервју. „Тоа сметам дека е страшно."
Нема реакции на интервјуто
Кис вели дека се надева на ревизија на неговата казна. Како и неговите двајца соучесници, тој беше осуден на „буквален доживотен затвор“, што во Унгарија значи ослободување најрано по 40 години, а не по 25 години, како што обично се случува. Во октомври 2021 година, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ја прогласи оваа практика за незаконска. Доколку Унгарија ја спроведе пресудата, Кис би можел да биде ослободен во 2034 година.
Иако серијата убиства на Роми во Унгарија претставува расистичко и десничарско терористичко злосторство без преседан, досега буквално нема никаква реакција на интервјуто на Кис. Само неколку медиуми пренесоа кратки извадоци, но нема коментари ниту од политичарите од владата на Орбан и неговата партија Фидес, ниту од опозицијата.
Нема интерес за расветлување на случајот
„Ниту една политичка опција во Унгарија нема интерес за целосна истрага и расветлување на серијата убиства на Ромите. За тоа има консензус од сите страни", вели за ДВ, филмскиот работник и новинар Андраш Б. Вагволѓи. Тој важи за еден од најдобрите познавачи на овој случај. Бил присутен на речиси сите рочишта во процесот против сторителите кој траеше неколку години. Во 2016 објави и книга за серијата убиства на Ромите. Долго е во контакт и со Арпад Кис, со кој направил неколку досега необјавени интервјуа, а работи и на документарец за оваа серија убиства. Вагволѓи смета дека темелна истрага за случајот може да го расветли соучеството на вработени во безбедносните и тајните служби. Тој посочува и на недостаток на свест за антициганизмот.
„Политичари ми велат дека случајот конечно треба да се заборави," вели Вагволѓи за ДВ.
Соучесник на слобода
На овој случај слично гледа и поранешниот политичар од Либералите, Јозеф Ѓулас кој заедно со пријателите и познаници сѐ уште ги поддржува преживеаните од серијата убиства.
„За жал, речиси и да нема интерес за овој случај, жртвите се речиси заборавени," вели тој за ДВ. Како парламентарец во 2009/10 Ѓулаш бил член на Парламентарната комисија за национална безбедност која во тоа време го истражувала случајот.
„Сега по изјавите на Арпад Кис, најважно е да се покренат нови истраги и тајните служби да ги објават сите податоци за случајот," бара Ѓулас.
Дали тоа ќе се случи засега останува отворено. До објавувањето на овој текст, унгарската полиција и Националното истражно биро не одговорија на прашањето на ДВ дали се планираат нови истраги, ниту пак на прашањето дали се запрени истрагите против соучесниците, како што тврди Кис.
Каква е улогата на поранешниот премиер?
Пред сѐ, бризантни се индициите за можно соучество на унгарските тајни служби, меѓу другото на Иштван Чонтош кој е осуден како помагач и бил возач на извршителите на последните две убиства, а бил доушник на тогашната воена такна служба, КБХ. Се вели дека тоа што го знаел му го открил на неговиот офицер, но оваа информација наводно не е проследена. Чонтош беше ослободен кон крајот на август 2022 по 13 години во затвор. До сега се нема јавно изјаснето за случајот.
Но, прашањето зошто Арпад Кис сега добива волку ударно место за интервју во неофицијално државно гласило, може да има политичка позадина. Кис во интервјуто го обвинува поранешниот социјалистички премиер Ференц Ѓурчани дека лично бил запознаен и дека профитирал од серијата убиства на Роми. Ѓурчани и денес е политички активен и неколку пати бил цел на напади од владејачката партија Фидес на Орбан. Самиот поранешен премиер никогаш не ја објасни веродостојно неговата улога во тој случај. Поранешниот премиер не одговара ниту на новинарските прашања во врска со случајот.