1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред истекот на рокот - експлозија на нервоза околу пасошите

ДТЗ
6 февруари 2024

Граѓаните се жалат поради огромните гужви и хаос пред пунктовите. Надлежните бараат решенија, бидејќи бројни граѓани по 12 февруари не ќе можат да патуваат без заменет пасош

гужви пасоши
До 12 февруари граѓаните треба да ги заменат патните исправи поради промена на името. Гужви и нервоза на пунктовите на МВР. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Шест дена пред истекот на рокот за замена на пасошите со нови, на кои ќе стои новото име на државата, создаде експлозија на незадоволство и револт меѓу граѓаните. Покрај тоа што велат дека се принудени да шетаат од еден шалтер на друг, во потрага по изготвените документи, многумина се доведени во ситуација да мораат да ги откажат службените и приватните патувања надвoр од земјата по 12 февруари, бидеќи не успеаја навреме да обезбедат нови патни документи. 

„Чаре? Нема. Морам да го откажам патувањето и да тужам“, коментира скопјанец кој пола ден му поминал низ пунктовите за вадење нови документи, во обид да лоцира каде завршиле неговите документи. 

Шест дена пред истекот на рокот за замена на пасошите со нови, на кои ќе стои новото име на државата, создаде експлозија на незадоволство и револт меѓу граѓаните.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

До документи само со закажан термин

Истекува последниот ден како граѓаните можеа да поднесат барања без да закажат термин за замена на документите. Од утре (07.02.2024) пунктот за фотографирање за лични документи во ПС Пролет нема да работи без закажување, туку се трансформира во пункт за презакажани термини за сите оние кои имале резервиран термин за фотографирање на територија на град Скопје до крајот на 2024 година.

Од МВР велат дека измените се со цел да се воведе ред наместо хаос и да се олесни и забрза добивањето на лични документи за жителите на Скопје. Граѓаните кои веќе имаат закажано термин ќе бидат контактирани од економскиот оператор задолжен за тоа и ќе им биде понуден нов термин во многу пократок рок. Истовремено, оние ослободени термини добиени при прочистувањето на сите списоци ќе останат на располагање за идни резервации.

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за ТВ Телма, изјави дека 165. 000 граѓани во Скопје имаат закажано термин за вадење на лични документи, но дека неговиот тим со вработени луѓе во МВР констатирал дека тој број е неточен. „Голем дел од овие закажувања не се споредени со оние коишто се предомислиле од редовна да влезат во итна постапка, или пак поминале да се сликаат на пунктот „Пролет“, вели Тошковски.

Тој посочува дека по првичното споредување на податоците има намалување за 20 проценти, околу 30.000 телефонски закажувања се непотребни и го оптоваруваат системот. Место граѓаните да закажат во август – септември, закажувале термини во ноември и декември.

14 базни станици 

Поради тоа, од среда во рамки на пунктот во ПС Пролет ќе функционираат 14 базни станици, на кои ќе се врши фотографирање на граѓаните од понеделник до сабота, а од понеделник (12.02) ќе се воведе и фотографирање во втора смена. Закажувањето на термини за фотографирање за лични документи ќе биде само телефонски, а закажувањето преку интернет поради технички причини нема да биде можно во наредните денови.

Техничкиот министер Панче Тошковски го посети Отсекот за персонализација на лични документи, каде со вработените разговараше како да се подобри целиот процес и да се зголеми капацитетот на изработка и на испорака на документите. 

Околу 10 000 граѓани дневно поднесуваат барања за пасоши, лични карти, возачки дозволи,сообраќајни дозволи...Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Решенија и предлози 

До 12 февруари граѓаните треба да ги заменат патните исправи поради промена на името на државата Република Северна Македонија. Станува збор за обврска преземена со Договорот од Преспа, согласно која државата имаше рок од пет години за замена на документите. Личните карти и по истекот на рокот ќе останат да важат за внатрешна употреба, но проблем се пасошите. 

Со стари патни исправи ќе останат и бројни македонски државјани коишто се во странство и не ќе можат да се вратат дома. Техничкиот премиер Талат Џафери во интервју за МИА најави конкретни решенија за проблемот со патните исправи. Тој вели дека државјанин на Република Северна Македонија и без ниеден документ ако дојде до граница за влез во државата – државата е должна да го потврди неговиот статус по однос на државјанството и доколку се потврди државјанството е должна да го пушти без ниеден документ.

„Имајќи предвид дека од надвор не може да се патува без никаков документ, државата има воспоставено мрежа на дипломатско-конзуларни претставништва коишто имаат надлежност и обврска на таквите случаи да им издава соодветен документ за патување во еден правец“, рече Џафери во интервјуто за МИА.

Околу 10 000 граѓани дневно поднесуваат барања за пасоши, лични карти, возачки и сообраќајни дозволи. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми