1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И по шест години, 27 април ја бранува јавноста

ДТЗ
27 април 2023

И по шест години од упадот во Собранието, случувањата од 27 април сè уште ја брануваат јавноста, која е длабоко поделена по прашањето дали учесниците во собраниските настани се уставобранители или терористи.

упад Собрание
И по шест години 27 април ја бранува јавностаФотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

И по шест години од упадот во Собранието, случувањата од 27 април 2017 година сè уште ја брануваат јавноста. Опозицијата притиска за амнестија, власта порачува дека насилството нема да се заборави и да се дозволи да се повтори, а дел од обвинетите сè уште се надеваат на нови судски процеси. Јавноста е длабоко поделена по прашањето дали учесниците во собраниските настани се уставобранители или терористи.

Најцрн датум

„Ова е најцрниот датум во историјата на македонската демократија, 27 април е крвавиот печат на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ поттикна вооружени насилници да упаднат во Собранието обидувајќи се да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби, да го урнат уставниот поредок и да предизвикаат и граѓанска војна. Денес, тие насилници кои беа придружувани и од самиот Христијан Мицкоски пред македонското Собрание, ВМРО-ДПМНЕ ги нарекува уставобранители, дури бараше и нивна амнестија, што само покажува дека ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ“, велат од владејачката СДСМ.

Шест години по „крвавиот четврток“, тие велат дека во ВМРО-ДПМНЕ нема ниту ронка каење или извинување за теророт што оваа партија го создаде само за да не ја предаде власта. „Напротив, не само што нема извинување или осуда, туку партијата предводена од Христијан Мицкоски ги слави и наградува извршителите на грозоморниот чин и се залага за нивна амнестија. Последен пример за тоа е одлуката на мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ и Левица во Советот на општина Битола парично да ги награди осудените лица за 27 април“, реагира партијата. 

„Не“ за амнестија на сите осудени

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека  политичарите треба да имаат договор околу националните интереси, а не околу криминалот. Тој потенцира дека е против амнестија на сите осудени од 27 април, предлозите коишто ВМРО-ДПМНЕ ги поднесува изминатиов период.

Aпсолутно сум против амнестија на сите осудени од 27 април, вели Спасовски Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

„Точно шест години од организираниот напад врз македонското Собранието на 27 април 2017 – кулминација на двегодишната политичка криза, луѓе маскирани, со качулки на глава извршуваат напад на институциите и напад на пратеници, поттикнати од лажниот патриотизам на ВМРО-ДПМНЕ. Целта беше со напад на демократското и уставното уредување да се земе власта и по цена на живот. Затоа, апсолутно сум против амнестија на сите осудени од 27 април“, вели Спасовски во објава на Фејсбук  по повод одбележувањето на шестгодишнината од случувањата во Собранието.  

Според Спасовски, заврши времето кога граѓанинот се плаши од полицијата, бидејќи денес полицијата е партнер на граѓаните. „Горд сум што како застапници на идеите за слобода и демократија, и по цена на сопствениот живот, успеавме да ја одробиме државата, да ја вратиме на прав пат, во евроатлантските структури таму каде што припаѓаме, како држава на сите граѓани! Никогаш да не се заборави“, порача Спасовски. 

„Политички затвореници“

Семејствата на осудените за 27 април преку социјалните мрежи објавија писмо во коешто посочуваат дека „граѓаните треба да знаат дека во монтиран политички процес нивните најблиски се прогласени за државни непријатели и дека се политички затвореници“. Тие бараат дел од обвинетите да имаат можност и право на фер судење. 

Во првиот предмет за упадот во Собранието беа обвинети 33 лица од кои со закон за амнестија беа помилувани 15 лица. За 16 осудени за „тероризам“ судот донесе пресуда со вкупно 188 години затвор.

Голем дел од осудените во предметот за упадот на 27 април издржаа скоро половина од казната во затворите во Штип, Прилеп, Идризово и Скопје. Апелацискиот суд, во меѓувреме, на 3 април ја укина првостепената пресуда со која на вкупно 25 години затвор беа осудени организаторите на „крвавиот четврток“, спикерот Трајко Вељаноски, поранешните министри, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Предметот е вратен на повторно судење.

„Не бараме милост, само бараме правда во фер, правична и непристрасна постапка. Не бараме амнестија, не бараме помилување, бараме шанса за да ја докажат својата невиност. Тоа го заслужуваат особено после аспурдите во многуте судски постапки каде бевме сведоци на политичките пазари за застарувања и укинувања на пресуди и особено заради селективната амнестија само на дел од првично обвинетите за настаните од 27 април“, се вели во писмото на семејствата на осудените.

 

Помирување, а не амнестија

01:05

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми