1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Под штитот на НАТО: шест години подоцна

27 март 2026

Македонија одбележува шест години членство во НАТО – период кој донесе поголема безбедност, стабилност, инвестиции и меѓународна позиција.

Церемонија на подигнување на знамето на НАТО пред Собранието по повод влезот на Северна Македонија. февруари 2020
Македонија шест години под штитот на НАТОФотографија: DW/P. Stojanovski

Пред точно шест години, на 27 март 2020 година, Македонија стана 30-та членка на НАТО Алијансата. Овој датум останува едно од најзначајните поглавја во поновата историја на државата.

Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, на својот фејсбук-профил потсети дека влезот во НАТО претставува „историски момент исполнет со национален интерес и голем државен успех“.

„Со одговорни и државнички политики, СДСМ ја внесе Македонија во НАТО преку една од најбрзите пристапни постапки во историјата на Алијансата. Со тоа обезбедивме трајна безбедност, стабилност и сигурност за државата и граѓаните. Така се работи за татковината кога постои желба, волја, одговорност и сериозност“, вели Филипче.

Тој додаде дека во време на глобални безбедносни ризици и воени конфликти, уште појасно се гледа значењето на оваа одлука, бидејќи денес зад безбедноста на Македонија стои најмоќниот сојуз во светот – НАТО. „Сите ние сме особено горди на овој национален и државнички успех“, истакна тој.

Датум за паметење

Македонија официјално стана членка на Алијансата на 27 март 2020 година, 27 години по усвојувањето на Резолуцијата на Собранието во 1993 година, со која беа дефинирани надворешнополитичките приоритети – НАТО и Европската Унија.

Патот до членството вклучуваше:

  • 1995: потпишување на Рамковниот документ за Партнерство за мир
  • 1996: отворање на Канцеларија за врски
  • 1997: отворање на Постојана мисија во НАТО во Брисел
  • 1999: на Самитот во Вашингтон, државата доби статус на кандидат и го започна Акцискиот план за членство

Стабилен и верен сојузник

Во ноември 2024 година, поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска беше избрана за заменик генерален секретар на НАТО. Овој избор беше оценет како доказ за регионалниот и глобален кредибилитет на Македонија како рамноправна членка.

При посетата на Скопје на 3 март годинава, генералниот секретар Марк Руте порача дека НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во услови на кризи во Украина и Блискиот Исток. Тој нагласи дека Македонија останува стабилен и верен сојузник на Западен Балкан.

Инвестиции во одбраната и БДП обврски

Во согласност со заклучоците од Самитите во Вилнус (2023) и Вашингтон (2024), државата одвојува повеќе од 2% од БДП за одбраната – вкупно 329 милиони евра, од кои над 32% се наменети за модернизација и опремување на Армијата.

Во Македонија деновиве пристигнаа нови американски оклопни возила „Страјкер“, кои значително ќе ја зголемат мобилноста и оперативната способност. Најавени се и дополнителни инвестиции до 2030 година.

Во јуни 2025 година, сојузниците усвоија декларација за зголемување на националните одбранбени буџети на најмалку 5% од БДП до 2035 година. Најмалку 3,5% се предвидени за набавка на вооружување, а до 1,5% за инвестиции во воена мобилност и кибер-заштита.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми