Шест месеци по трагедијата - уште се чека правда за Кочани
16 септември 2025
По повод шест месеци од трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 62 лица, родителите организираа „Марш за ангелите“. „Оваа трагедија не е само последица на една искра или на невнимание. Таа е последица на системска слабост и неодговорност“, порача Васка Лазарова, мајка на починатиот фудбалер Андреј Лазаров.
Родителите прашаа каде биле инспекциите и институциите коишто морале да го затворат клубот кој работел без дозвола, но и каде се службениците коишто требале да ги извршат сите неопходни проверки за работата на објектот.
„Тие молчеа и не постапија. Институциите се дел од државата. Ако тие не ја завршиле работата, тогаш државата има одговорност“, порачаа на маршот.
Роднините бараат одговорност од институциите
Според роднините на загинатите не е потребно да се казнат само неколку менаџери. Потребно е да има одговорност и во институциите во Македонија, за оние кои дозволиле клуб без дозвола да работи, одговорност за инспекторите кои затворале очи, потпишувале записници дека објектот ги исполнува условите за работа. Тие бараат правда и „одговорност за сите коишто со своето молчење учествувале во ова злосторство“, со цел ваква трагедија да не се повтори.
Покрај во Кочани, вечерва и во Скопје ќе се одржи протестен собир на кој ќе им се оддаде почит на жртвите на катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи пред точно шест месеци. Собирот ќе се одржи на плоштадот во Скопје, со почеток во 20.16 часот.
Организаторите, иницијативата „Кој е следен“, најавија дека на плоштадот ќе биде поставено сандаче за писма, во кое секој може да остави порака за семејствата на жртвите. Пораките, со кои на семејствата треба да им се покаже дека не се сами во својата тага, идната недела ќе бидат однесени во Кочани.
Се чека правна разврска
Пожарот во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март во раните утрински часови. Во него загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски на прес-конференција на 13 јуни информираше дека е поднесено обвинение за пожарот во Кочани, со кое се опфатени 34 физички и три правни лица. Тие се гонат за тешки дела против општата сигурност. Помеѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Поради немање доволно докази, постапката беше запрена за вкупно 11 лица, помеѓу кои двајца поранешни министри.
Истражна постапка се води и против 13 полицајци поврзани со случајот. Првично со истрагата беа опфатени 47 физички и 3 правни лица. Поради немање доволно докази, за 11 лица постапката се запре, еден од осомничените во меѓувреме почина, а за еден постапката е во прекин поради неговата здравствена состојба. Најавите беа дека доколку во иднина се обезбедат докази, постапката може да продолжи за оние за коишто е запрена, а не се исклучува можноста со истрагата да бидат опфатени и други лица.