1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Една година од победата на Трамп: Сета моќ на Белата куќа

АРД
6 ноември 2025

Пред една година, Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД. Оттогаш, тој се фокусира на радикална концентрација на моќ и политизација на сите државни институции.

Доналд Трамп пред Белата куќа
Трамп тврди дека како претседател, може да преземе што било доколку процени дека земјата е во опасностФотографија: Nathan Howard/REUTERS

Сета моќ во рацете на Белата куќа –  една година по изборите во САД, Доналд Трамп го спроведе во пракса ваквиот концепт. Со помош на декрети во кои претседателот се повикува на национална вонредна состојба, уште во првите месеци од мандатот Трамп се погрижи за отпуштање на стотици илјади државни службеници и притворање на имигранти без судска постапка.

Покрај тоа, произволно воведе царини, ги укина прописите за заштита на потрошувачите и еднаквоста, и ги блокираше сојузните средства за универзитетите, еколошките и социјалните програми – иако Конгресот ги имаше одобрено. Освен тоа, ја распореди и војската во внатрешноста на земјата.

Како претседател, може да преземе што било доколку процени дека земјата е во опасност, тврди Доналд Трамп.

Политизација на државните институции 

Трамп се потпира на доследно политизирање државните институции. Федералната полиција и обвинителите спроведуваат истраги против неговите политички противници. Во градови управувани од опозицијата има депортациски рации.

Стејт департментот доделува и одзема визи врз основа на политички критериуми, додека надзорните тела за животна средина, медиуми или заштита при работа ги предводат лица лојални на Трамп. Дури и војската се користи како политичко средство, предупредува демократската сенаторка Мелиса Слоткин од Мичиген:

„Трамп сета моќ на владата ја користи против Американците што ги смета за непријатели, за тој и сличните на него никогаш да не мора да ја предадат власта. Во тоа, според мене, лежи врската меѓу неговата дефиниција за ‘домашни терористи’ и распоредувањето на војската во американските градови. Натаму се движиме“, вели Слоткин.

​​​​Со помош на декрети во кои претседателот се повикува на национална вонредна состојба, уште во првите месеци од мандатот Трамп се погрижи за отпуштање на стотици илјади државни службенициФотографија: Al Drago/Pool/CNP/IMAGO

Врховниот суд – сојузник или чувар на уставноста?

Клучна улога во вториот претседателски мандат на Трамп има Врховниот суд, чиј состав во голема мера е номиниран од него. Мнозинството судии се сметаат за пријателски настроени кон Трамп и неговата администрација.

Само во последната година, администрацијата „Трамп Два“ поднесе 27 итни барања до Врховниот суд за потврдување на уставноста на своите постапки. Од нив, 17 случаи се решени во корист на претседателот, а четири сè уште се во тек.

Предупредување до Републиканците

Мајкл Меконел, професор по право на Универзитетот Стенфорд и поранешен сојузен судија, предупредува дека концентрираната моќ на Трамп може да стане опасен преседан:

„Речиси сè што прави Трамп е веќе еднаш видено. И тој самиот беше политички обвинет. И Џо Бајден сакаше да троши стотици милијарди на предизборни ветувања без одобрение од Конгресот. Но, секој што верува во владеењето на правото мора да ги осуди и двете постапки,“ вели Меконел.

Тој им порачува на Републиканците:

„Можеби ви се допаѓа она што го прави Трамп сега, но ако другата партија дојде на власт, истото може да ви се случи и вам.“

Клучна улога во вториот претседателски мандат на Трамп има Врховниот судФотографија: Tasos Katopodis/Getty Images

Америка по Трамп – визија што сè уште недостасува

Политичката база на Трамп и понатаму ги слави неговите мерки како враќање на американската сила и ефикасност. Берзите се на рекордно високо ниво, но довербата на граѓаните во независните институции и владеењето на правото драматично опаѓа.

Кај Демократите, успехот на последните регионални и локални избори се смета за доказ дека партијата е политички жива. Сепак, експертите предупредуваат дека анти-Трамп кампањата сама по себе не е доволна за да се запре доминацијата на Републиканците.

Она што е нужно е јасна и убедлива визија за Америка по Трамп – а таква визија, засега, нема на повидок.

Автор на текстот: Самуел Јакиш, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми