1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСеверна Кореја

Северна Кореја испали ракета – аларм во Јапонија

ЖА / агенции
4 октомври 2022

Прв пат по пет години, севернокорејската војска истрела балистичка ракета која прелета над Јапонија, предизвикувајќи предупредување до населението да се засолни. Американскиот државен секретар Блинкен и ЕУ со остра осуда

Балистичка ракета испалена од Северна Кореја прелета над Јапонија
Балистичка ракета испалена од Северна Кореја прелета над ЈапонијаФотографија: Lee Jin-man/AP/picture alliance

По истрелувањето балистичка ракета од Северна Кореја, во Јапонија на кратко е прогласена состојба на аларм за населението од северниот дел. „Северна Кореја изгледа испали ракета, ве молиме, евакуирајте се во зградите или подрумите“, гласи владиното издадено соопштение. Јапонскиот премиер Фумио Кишида инцидентот го нарече „насилно дело“, во него нема повредени, а деталите уште се истражуваат.

Јужнокорејската војска го потврди инцидентот, со дополнување дека веројатно станува збор за балистичка ракета со среден дострел, која „била стартувана од областа Мупијонг-Ри во провинцијата Јаганг и прелетала во источен правец кон Јапонија“. Јужнокорејскиот Генералштаб соопшти дека војската добила наредба за целосна готовност, тесна координација со САД и зголемување на претпазливоста.“

Денеска утрото бил активиран јапонскиот систем за предупредување од ракети, што е редок случај, предупредувањето важело за два северни региони од земјата, соопшти државното радио НХК.

Јапонската крајбрежна стража подоцна објасни дека ракетата веројатно паднала во Пацификот, истовремено предупредувајќи ги бродовите да не се приближуваат кон паднати објекти.

Челниците на ЕУ, исто како и американскиот министер за надворешни работи, Ентони БЛинкен и неговите ресорни колеги од Јапонија и Јужна Кореја, остро го осудија најновиот инцидент во режија на Северна Кореја. 

„Ако Пјонгјанг навистина испалил ракета која прелетала над Јапонија, тоа би било драстична ескалација на најновите провокации“, истакнува политикологот Лајф-Ерик Исли од Евха-Универзитетот во Сеул.

Пред неколку дена Северна Кореја во четири наврати  испали балистички проектили,  а само неколку часа пред истрелувањето на третата ракета, во соседната држава Јужна Кореја во посета беше стигната американската потпретседателка Камала Харис.

Вашингтон и Сеул се тесни сојузници, во Јужна Кореја се стационирани околу 28.000 американски војници. Минатата недела јужнокорејската и американската морнарица вршеа обемни воени маневри,  а во петокот Јужна Кореја, Јапонија и САД првпат пат по пет години започнаа воени вежби за заштита од подморници.

Сеул и Вашингтон стравуваат дека Пјонгјанг наскоро планира нов атомски тест, прв по 2017 година, кој веројатно би бил изведен кратко по претстојниот партиски конгрес во Кина на 16 октомври.

Од 2006 година досега меѓународно во големи рамки изолираната Северна Кореја шест пати тестираше нуклеарно оружје, а Советот за безбедност на ОН во повеќе наврати усвои санкции во обид да се спречат натамошни обиди. Според дипломатски извори, Пјонгјанг располага со атомски бомби и балистички ракети, но обидите за спојување на овие две технологии досега му се неуспешни.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми