Северна Кореја внимателно ги следи нападите врз Иран
20 март 2026
Северна Кореја остро ги осуди американско-израелските воени напади врз Иран, нејзин долгогодишен сојузник на Блискиот Исток. Аналитичарите предупредуваат дека Пјонгјанг внимателно ќе ги следи сите воени и дипломатски слабости, како и евентуалните тактички грешки на Вашингтон.
Според експертите, една од клучните лекции од нападите што започнаа на 28 февруари, кога првите американски и израелски ракети удрија врз Иран, е јасна: задржувањето на нуклеарното оружје е од суштинско значење за опстанокот на режимот на Ким Јонг Ун.
Пјонгјанг може да ја користи заканата од своето нуклеарно вооружување, заедно со напредокот кај балистичките ракети, и како притисок во преговори и како гаранција дека секој обид за уривање на режимот би значел ризик од нуклеарна ескалација.
Во февруари, Ким изјави дека „статусот на Северна Кореја како нуклеарна држава игра клучна улога во одвраќањето на потенцијални закани и во одржувањето на регионалната стабилност“, пренесе државната агенција КЦНА. Тој додаде дека нуклеарниот арсенал претставува „гаранција“ за безбедноста на државата.
Во мај 2025 година, за време на тестирање ракета, Ким повика севернокорејските системи да бидат брзо употребливи и опремени со механизми за непосреден одговор.
Нема веќе преговори за севернокорејското нуклеарно оружје
Андреј Ланков, професор по историја и меѓународни односи на Универзитетот Кукмин во Сеул, вели дека американско-израелскиот напад, кој брзо ја елиминираше иранската државна елита, е силен сигнал за Пјонгјанг дека нуклеарното одвраќање функционира.
„Останатиот свет може да се прости од секоја надеж дека Северна Кореја некогаш би се откажала од нуклеарното оружје. Северот нема да учествува во никакви преговори за ништо“, изјави Ланков за Дојче веле. „Нападите врз Иран се последниот клинец во тој ковчег.“
Извештај објавен на 16 март од „38 норт“, тинк-тенк специјализиран за прашања за Северна Кореја, идентификува осум клучни лекции што Пјонгјанг би ги извлекол од тековните настани на Блискиот Исток. На врвот на листата стои заклучокот дека „нуклеарното оружје обезбедува реална заштита“.
Во документот се вели дека случајот со Иран го зацврстува ставот на Ким Јонг Ун дека тој нема да преговара за елиминација на нуклеарниот арсенал.
Други важни поуки се потребата за зголемување на залихите на ракети, производство на повеќе беспилотни летала и засилена одбрана од непријателски дронови.
Истовремено, тинк-тенкот потсетува дека Северна Кореја ја развиваше својата нуклеарна програма од 1994 година наваму, откако го одврати Вашингтон од напад врз нејзините нуклеарни објекти благодарение на способноста да нанесе масовна штета на Сеул со конвенционална артилерија и потенцијалното хемиско вооружување. Северна Кореја ја изведе својата прва нуклеарна проба во 2006 година.
Заканата од иранска одмазда, и покрај ракетните капацитети, никогаш не била на исто ниво со заканата што Пјонгјанг ја претставува за Јужна Кореја.
Долгогодишното партнерство меѓу Северна Кореја и Иран
Од исламската револуција во 1979 година, Иран и Северна Кореја создадоа тесни врски, вклучувајќи соработка во развојот на ракетна и нуклеарна технологија. Уште во 1980-тите, Северна Кореја посредуваше во оружени договори меѓу држави од поранешниот комунистички блок и му продаваше свои ракетни системи на Техеран. Пјонгјанг испраќаше и инструктори за иранските вооружени сили.
Врските беа толку блиски што во 2002 година американскиот претседател Џорџ В. Буш ги нарече двете држави – заедно со Ирак – „оската на злото“. И Северна Кореја и Иран и денес се на списокот на држави спонзори на тероризам.
Минатата недела, Пјонгјанг ја осуди акцијата на САД и Израел како напад што „ги уништува основите за регионален мир и безбедност и ја засилува глобалната нестабилност“.
Иранскиот режим и натаму се држи на власт
И покрај масовните загуби во раководството, иранскиот режим и по три недели интензивни напади успева да ја задржи власта. Според извештајот на „38 норт“, уште една клучна лекција за Ким е потребата за заштита на државното раководство и подготвување резервни командни позиции во случај врховниот лидер да биде убиен.
Според Ким Санг-ву, поранешен пратеник од левичарскиот јужнокорејски Конгрес за Нова политика и член на Управниот одбор на Фондацијата за мир Ким Деџунг, Северна Кореја внимателно го набљудува развојот на ситуацијата и е задоволна од исходот.
„Иран успеа да ја стави Америка во тешка позиција. Тие очекуваа брза победа, како во Венецуела, но сега се заглавени и трпат притисоци и дома и меѓународно“, изјави тој за ДВ.
„Северна Кореја знае дека би било крајно неразумно да се откаже од нуклеарната предност. Тоа за нас на Југ стана невозможен сон“, додаде тој.