1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСеверна Кореја

Северна Кореја: Зошто Ким со задоволство го пречекува Путин?

Џулијан Ријал
19 јуни 2024

И Владимир Путин и Ким Јонг Ун се исклучени од голем дел од меѓународната заедница. Со посетата на Путин на Пјонгјанг, двајцата лидери сакаат да се позиционираат како моќни сојузници против американската доминација.

Ким Јонг Ун и Владимир Путин на меѓународниот аеродром Сунан кај Пјонгјанг
Ким Јонг Ун со големи почести го пречека Владимир Путин на меѓународниот аеродром Сунан кај ПјонгјангФотографија: Gavriil Grigorov/dpa/picture alliance

Москва и Пјонгјанг се надеваат дека  Владимир Путин и Ким Јонг Ун, за време на актуелната посета на рускиот претседател на Северна Кореја ќе ги зајакнат меѓусебните односи, бидејќи двете земји се исклучени од голем дел од  меѓународната заедница.

Се очекува од разговорите да произлезат бројни економски и воени иницијативи. Аналитичарите предупредуваат дека некои од договорите - особено оние за размена на оружје и за напредната ракетна и сателитска технологија - веројатно ќе се чуваат во тајност.

Покрај тоа, двете страни се подеднакво желни да покажат државнички способности. Севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун очајно сака да изгледа како значаен светски лидер, а сателитските снимки од главниот град на Северна Кореја покажаа опсежни подготовки за пристигнувањето на Путин во центарот на Пјонгјанг. 

Путин, од своја страна, сака да покаже дека Русија сè уште има пријатели и сојузници и дека е слободен да патува во странство, и покрај санкциите и меѓународните потерници кои против него ги издаде Меѓународниот кривичен суд за наводно киднапирање на деца во Украина од страна на руските војници.

Посетата на Путин - „победа“ на Ким

„Списокот на земји подготвени да го пречекаат Путин е пократок од кога било, но за Ким Јонг Ун оваа посета е победа“, вели Леиф-Ерик Исли, професор по меѓународни студии на женскиот универзитет Ива во Сеул. „Не само што самитот го подобрува статусот на Северна Кореја меѓу земјите кои се противат на меѓународниот поредок предводен од САД, туку помага и за зајакнување на домашниот легитимитет на Ким.“ 

Плакати со портет на Путин поставени на бројни улици во Пјонгјанг по повод посетата на рускиот претседателФотографија: Kristina Kormilitsyna/SNA/IMAGO

„Москва и Пјонгјанг веројатно ќе продолжат да го негираат кршењето на меѓународното право, но тие значително преминаа од криење на нивните незаконски активности до фалење за нивната соработка“, вели тој за ДВ.

„Посетата на Путин е делумно израз на благодарност до Северна Кореја што дејствува како 'арсенал на автократијата' во поддршка на неговата нелегална инвазија врз Украина. Откако Ким Јонг Ун отпатува во Русија на претходните два билатерални самита, оваа реципрочна посета е политички важна, бидејќи дозволува пропагандата на Пјонгјанг да го прикаже Ким како светски лидер“, додава Исли.

Уште пред да замине за Пјонгјанг, Путин најави создавање на нови, сè уште неспецифицирани системи за трговија и меѓународни плаќања. Русија е практично исклучена од структурите за меѓународна соработка предводени од Западот поради санкциите воведени по нападот на Украина. Северна Кореја на сличен начин нема пристап до банкарски и други комерцијални институции. Тоа е казна за развојот на нуклеарно оружје и ракетни програми.

Во написот објавен во севернокорејскиот весник Родонг Синмун во вторникот наутро (18 јуни), Путин рече дека односите на двете земји се „засновани на принципите на еднаквост, взаемно почитување и доверба“.

Тој, исто така, изрази благодарност до Северна Кореја за поддршката на Пјонгјанг за „специјалната воена операција“ во Украина и рече дека САД „прават сè што можат за да го наметнат таканаречениот 'поредок заснован на правила' во светот, што во суштина не е ништо друго туку глобална неоколонијална диктатура заснована на 'двојни стандарди'“.

„Префинети вештини, силна волја“

Придружниот уводник во весникот го пофали Путин како „извонреден политичар“ кој „ја зајакнува (руската) националната моќ со своите префинети вештини и силна волја“.

Јаков Зинберг, професор по меѓународни односи на Универзитетот Кокушикан во Токио, роден во Русија, смета дека посетата на Путин на Пјонгјанг е „заканувачка“. „Ова е пресметана закана за безбедносната алијанса на САД-Јужна Кореја-Јапонија во регионот и е осмислена да испрати порака дека Путин не само што е силен против НАТО во Европа, туку и на Далечниот Исток“, вели тој.

Зинберг предвидува дека Ким ќе се обврзе да ѝ обезбеди на Русија повеќе артилериска муниција, покрај милионите гранати за кои аналитичарите веруваат дека веќе се испорачани во првите редови во Украина. За возврат, Путин ќе продолжи да обезбедува технолошка поддршка за нуклеарните, ракетните и вселенските проекти на Северот.

Русија и Северна Кореја негираа дека доставувале муниција и каква било нелегална соработка во областа на сателитската и воената технологија.

Лим Еун-јунг, вонредна професорка по меѓународни студии на јужнокорејскиот национален универзитет Конгју, додава дека Ким направил „стратешки избор“ да ја поддржи Русија од почетокот на инвазијата на Украина, делумно за да ја намали зависноста од Кина во поглед на политичката поддршка на меѓународен план.

„Ким го посети космодромот 'Восточни' на рускиот Далечен исток во септември минатата година и се чини дека успеа да обезбеди дополнителна напредна руска технологија“, изјави таа за ДВ. Очекувам дека повторно ќе го бара истото на актуелната средба, но и оти ќе бара силна воена поддршка од Путин, а ако ја добие и писмено ќе ја стави Северна Кореја во многу силна позиција“.

Нафта и гас во замена за работна сила

Путин, исто така, најверојатно ќе се согласи да обезбеди природни ресурси неопходни за севернокорејската економија, вклучувајќи нафта и гас. Во меѓувреме, Ким се очекува да се согласи да испрати повеќе работници во Русија за да го надомести недостатокот предизвикан од регрутацијата. Ким веројатно го извлекува максимумот од договорот, вели Лим, истакнувајќи дека дури и пријателите на Ким во Кина може да имаат приговори за приближувањето на Пјонгјанг со Москва.

Ким и Путин последен пат се сретнаа за време на посетата на Ким на Далечниот исток на Русија во септември 2023 годинаФотографија: Sputnik/Mikhail Metzel/Kremlin via REUTERS

Исли вели: „Тоа предизвикува голема загриженост во Сеул, Токио и Вашингтон, но и во Пекинг. Сепак, Исли сугерира дека линиите на несогласување веројатно постојат веднаш под површината на овој сојуз од нужда. „Зближувањето на таквите држави е закана за глобалната трговија и мирот“, рече тој. „Сепак, овие држави немаат постојани сојузнички институции и вредности; тие се само слабо поврзани едни со други со отпорот кон спроведувањето на меѓународните закони и норми“.

„Покрај богатите демократии, многу други земји имаат трајни интереси во трговијата и дипломатијата заснована на правила“, заклучи Если. „Тие треба итно да воведат санкции за да обезбедат неуспех на визијата на Путин и Ким за меѓународните односи“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми