1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија гласаше за прекин на огнот во Газа

ДТЗ
13 декември 2023

Северна Македонија при гласањето во октомври беше воздржана. Ставот во меѓувреме го сменија и други земји. На што се должи ваквата одлука?

резолуција Газа ОН
Северна Македонија гласаше во ОН за прекин на огнот во ГазаФотографија: ANGELA WEISS/AFP

Северна Македонија гласаше во Обединетите нации за прекин на огнот во Газа. Резолуцијата за Блискиот Исток, која нема обврзувачко дејство, беше усвоена со големо мнозинство на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во вторникот (12.12). Со неа се бара хуманитарен прекин на огнот, заштита на цивилите, како и итно и безусловно ослободување на сите заложници и хуманитарен пристап. Северна Македонија е меѓу 153 земји коишто ја подржаа резолуцијата, за која што гласаа и другите земји од регионот како Грција, Албанија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. 

Десет земји гласаа „против“, а 23 беа „воздржани“. Северна Македонија при гласањето во октомври беше воздржана. Македонските власти досега официјално не образложија на што се должи ваквата одлука. 

Македонија не е единствената земја која што го промени ставот во меѓувреме. Истакнати сојузници на САД - вклучувајќи ги Канада, Австралија и Јапонија, кои претходно беа воздржани - сега се најдоа меѓу повеќе од 30 земји кои го сменија својот став.

Повеќе азиски земји кои беа воздржани во октомври, вклучително и Индија и Јужна Кореја, гласаа за последната резолуција. Муслиманските и арапските нации, кои ја осудија израелската офанзива во Газа, исто така ја поддржаа резолуцијата.

Јужноамериканските држави, како што се Боливија, кои ги прекинаа дипломатските односи со Израел поради војната во Газа, и Чиле и Колумбија, кои ги отповикаа своите амбасадори, гласаа за прекин на огнот.

Кои земји гласаа против?

Покрај САД и Израел, против резолуцијата гласаа и Австрија, Чешка, Гватемала, Либерија, Микронезија, Науру, Папуа Нова Гвинеја и Парагвај.

Сојузниците на САД, Велика Британија - која се воздржуваше од гласањето за претходните резолуции за Газа на Генералното собрание и Советот за безбедност на ОН - и Германија беа меѓу 23. земји што гласаа воздржано. Украина, чиј претседател, Володимир Зеленски, силно го поддржа Израел по нападот на Хамас на 7 октомври, исто така се воздржа од последното гласање.

Кои земји гласаа воздржано?

Земји кои се воздржаа при гласањето се Аргентина, Бугарија, Зелен 'Рт, Камерун, Екваторијална Гвинеја, Грузија, Германија, Унгарија, Италија, Литванија, Малави, Маршалските Острови, Холандија, Палау, Панама, Романија, Словачка, Јужен Судан, Того, Тонга, Украина, Обединетото Кралство, Уругвај.

Откако САД ставија вето на резолуцијата во Советот за безбедност со која се бара хуманитарен прекин на огнот, арапските и исламските нации повикаа на итна седница на Генералното собрание од 193 члена за да се гласа за резолуција со истото барање. Генералното собрание на ОН гласаше со големо мнозинство за барање хуманитарен прекин на огнот во Газа како силна демонстрација на глобална поддршка за ставање крај на војната меѓу Израел и Хамас.

Во резолуцијата се изразува „голема загриженост за катастрофалната хуманитарна ситуација во Појасот Газа и страдањата на палестинското цивилно население“, и се вели дека Палестинците и Израелците мора да бидат заштитени во согласност со меѓународното хуманитарно право. Резолуцијата бара од сите страни да се усогласат со меѓународното хуманитарно право, „особено во однос на заштитата на цивилите“ и повикува на „итно и безусловно ослободување на сите заложници, како и обезбедување хуманитарен пристап“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми