1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија има нова влада

СН/агенции
24 јуни 2024

Пратениците во македонското Собрание синоќа ја изгласаа новата влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски и составена од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ „Ваша Македонија“, албанската коалиција „Вреди“ и движењето „Знам“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како премиер ќе ја предводи новата македонска влада
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како премиер ќе ја предводи новата македонска владаФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

За избор на новата влада на Северна Македонија гласаа 77 пратеници во 120-члениот парламент, 22 беа против, а немаше воздржани.

Новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски во свечена изјава, како и сите министри, својата земја ја нарече со уставното име „Северна Македонија“, согласно Преспанскиот договор со Грција.

„Функцијата премиер ќе ја извршувам совесно и одговорно и ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија“, рече новиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот од дводневната дискусија, Мицкоски вети дека неговата влада „ќе ги подигне стандардите веќе во првите 100 дена, дека ќе работи напорно и ќе се погрижи земјата да се промени, да оди напред, дека ќе ги почитува граѓаните и оти ќе биде одговорна“.

Новата влада, која ја сочинуваат претставници на коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и партијата „Знам - За наша Македонија“, наместо 16 министерства, колку што имаше претходната влада, ќе има 20 министерства. Тројца министри ќе бидат без ресори, а премиерот ќе има пет заменици.

Во владата на Христијан Мицкоски има 20 мажи и три жени, просечната возраст на членовите на Владата е 47 години - најстариот има 66 години, а најмладиот 33 години.

Заклетва на функциите со користење на уставното име Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во владиниот кабинет 15 члена се од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата на албански партии „Вреди“ и двајца од движењето „Знам“ на поранешниот висок функционер СДСМ и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски.

За министер за одбрана е избран од ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, за внатрешни работи Панче Тошковски, за надворешни работи и за надворешна трговија Тимчо Муцунски, за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за енергетика, рударство и минерални ресурси е Сања Божиновска, а министе за земјоделство, шумарство и водостопанство е Цветан Трипуновски.

Министер за транспорт е Александар Николовски, министер за локална самоуправа е Златко Перински, министер за образование и наука е Весна Јаневска, министер за култура и туризам Зоран Љутков, министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски, а министер за спорт е Борко Ристовски.

Во квотата министри од коалицијата „Твоја Македонија“ се и претставници на помалите  коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ - лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија Иван Стоиљковиќ, кој е министер за односи меѓу заедниците и двајца министри без ресор - претседателот на Социјалистичката партија на Македонија Љупчо Димовски и Шабан Салиу од Ромски демократските сили.

Новата македонска влада има 20 министерства, со пет заменици на премиерот и тројца министри без ресорФотографија: Petr Stojanovski/DW

Министри од редовите на коалицијата „Вреди“ се министерот за европски прашања Орхан Муртезани, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, министерот за здравство Арбен Таравари, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, министерот за просторно планирање и животна средина Изет Меџити и министерот без ресор Арбен Фетаи.

Двајцата министри од најмалиот владин коалициски партнер на партијата „Знам - За наша Македонија“ се министерот за правда Игор Филков и министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Парламентарното мнозинство, во кое членуваат коалицијата ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“,  „Вреди“ и движењето „Знам“ има вкупно 78 пратеници во Собранието на Северна Македонија со 120 пратенички места.

Во новиот состав на македонскиот парламент во опозиција се коалицијата „Европски фронт“ околу Албанската Демократска унија за интеграција (ДУИ), коалицијата „За европска иднина“ предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и политичка партија „Левица“.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски мандатот за состав на новата македонска влада го доби на 6 јуни.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми