1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија ја доби првата лоби организација

ДТЗ
8 јули 2024

По примерот на многу земји, во Северна Македонија е регистрирана првата лоби организација, откако две години по донесувањето на законот, имаше комплетно затишје на оваа тема

корупција
Северна Македонија ја доби првата лоби организација, како чекор во борба против корупцијатаФотографија: Colourbox

Северна Македонија ја доби првата лоби организација. Две години по донесувањето за законската рамка, друштвото за услуги Прима инкасо ДООЕЛ Штип стана првата регистрирана лоби организација во Регистарот на лобисти, лоби организации и лобирање. Барањето било доставено од Антикорупциската комисија преку електронската платформа lobisti.dksk.mk.

Според Сервет Демири, член на ДКСК, исполнети се сите законски услови за ова правно лице да се впише во Регистарот, во кој ќе биде лоби организација регистрирана за вршење лобирање во областите економија, енергетика и правни консултантски услуги.

„По извршената проверка на потполноста на пријавата и исполнетоста на условите од членовите 6 и 7 од Законот за лобирање, а со оглед на тоа што на подносителот не му е суспендирано правото на повторно запишување во Регистарот, подносителот се запишува првпат во Регистарот“, информираше Демири.

Која е фирмата што ќе лобира?

Фирмата која што го стекна правото да лобира - Прима инкасо ДООЕЛ Штип, постои од 2006 година. Потписник на барањето за стекнување право за лобирање на семејната фирма е адвокатката Стефанија Монева од Штип. Според неа, станува збор за лоби организација во која што е и нејзиниот татко, а кој би требал да се занимава со лобирање. За ДВ вели дека лобирањето ќе се спроведува на три нивоа - правно, економски и политички. 

Ова е прв случај на лоби организација која ги користи можностите од Законот за лобирање да се регистрира согласно законот иако тој е во примена повеќе од две години. Антикорупциската комисија ги охрабрува заинтересираните физички и правни лица, кои сакаат да се стекнат со статус на лобисти или лоби организации, да ги искористат можностите што им ги нуди Законот за лобирање.

Која е целта на лобирањето?

Новиот Закон за лобирање беше донесен во јуни 2021 година, со цел да се спречи нелегитимното влијание врз јавните политики и процеси и можни коруптивни ефекти. Законот ги уредува условите за стекнување статус на лобист и лоби организација, регистрацијата на лобистите и лоби организациите и обврските на лобистите, лоби организациите и лобираните лица и органи. Законот за лобирање започна со примена од 11 јуни 2022 година. За следење на спроведувањето на одредбите од законот надлежна е Државната комисија за спречување на корупцијата.

Една од препораките на ГРЕКО од Четвртиот круг на евалуација беше да се воведат правила за односите на пратениците со лобисти и со трети лица кои настојуваат да влијаат врз законодавниот процес. Во рамките на Петтиот круг на евалуација ГРЕКО препорача да се воведат правила со кои ќе се регулираат интеракциите на лицата што вршат највисоки извршни функции со лобисти и со трети страни кои сакаат да влијаат врз процесот на донесување одлуки; и редовно објавување на таквите контакти.

Што претставува лобирањето?

Лобирањето претставува активност со цел остварување влијание врз процесите на подготвување, донесување и изменување на закони, подзаконски или други општи акти, јавни политики, односно програми што ги носат органите кај кои се лобира, особено кога тие политики, односно програми се однесуваат на просторното планирање, развој и доделување, односно распределба на јавни средства.

Лобирањето не се однесува на судски или управни постапки, постапки што се спроведуваат согласно прописите што ги уредуваат јавните набавки и постапки во кои се одлучува за права и обврски на поединци, комуникација со граѓанин во врска со остварување на индивидуални права,  комуникација чие што обелоденување може да претставува закана по безбедноста на кое било лице или по безбедноста на државата, или пак комуникација со или во име на меѓународни организации и политички партии.  

Кој може да лобира?

Лобирање може да вршат само домашни или странски физички лица лобисти регистрирани согласно одредбите од Законот. По исклучок, во име и за сметка на лоби-организација (домашно или странско правно лице) лобирање може да врши застапник по закон, вработен или овластено лице на лоби-организацијата.

Лобирање може да се врши само по претходна регистрација. Лобистот има законска обврски да ги почитува забраните за корупција во лобирањето и ставање на лицето кај кое лобира во состојба на судир на интереси или предизвикување чувство на обврска спрема лобистот/лоби-организацијата, како и забраните за паралелно лобирање, давање невистинити или нецелосни информации во врска со статусот на својството во кое лобира или за нарачателот во чие име лобира и користење или откривање информации или документи кои ги добил од лицето кај кое лобира спротивно на целите за кои ја добил информацијата.

Лицето кај кое се лобира е должно да внимава да не се стави во состојба на судир на интереси при лобирањето и да ги има предвид целите на лобирањето кое го врши лобистот, односно лоби-организацијата која го контактира (во таков случај е должно да го прекине контактот и да одбие каков било понатамошен контакт со лобистот). Лицето кај кое се лобира е должно да поднесе претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата доколку лобистот или лоби-организацијата, односно претставникот на лоби-организацијата постапи спротивно на одредбите од Законот за лобирање.

Советот на Европа го дефинира лобирањето како ускладен напор да се влијае врз креирањето на политиките и донесувањето на одлуки со цел да се добие некаков определен резултат од владините тела и избраните претставници. Европската комисија официјално го дефинира лобирањето како: сите активности кои се спроведуваат со цел да влијаат врз формулирањето на политиката и процесот на донесување одлуки на ниво на европските институции. 

Лобирањето е особено позната пракса во САД. Лобистите бараат обликување на законодавството, регулативата или надворешната политика во име на клиентот генерално преку контакт или средба со владини претставници од законодавната и извршната власт. По бројните скандали, терминот лобирање доби негативна конотација.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми