1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ќе ја зајакнува отпорноста кон дезинформации

ДТЗ
12 април 2023

Дезинформациите и пропагандата можат да ја отежнат дебатата за уставни измени, предупреди специјалниот претставник на Стејт департментот, Џејмс Рубин кој имаше средби со државниот врв

Стево Пендаровски Џејмс Рубин
Македонскиот претседател Стево Пендаровски на средба со специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент Џејмс РубинФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Северна Македонија активно работи за јакнење на отпорноста кон дезинформациите, превенирање и намалување на штетните влијанија, вклучувајќи ја отпорноста на кампањите на дезинформации што имаат за цел да поттикнуваат антизападно расположение кај македонските граѓани, и да заговараат нејасни алтернативи на европските интеграции. Ова е пораката која што ја испрати претседателот Стево Пендаровски на денешната средба  во Скопје со специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент Џејмс Рубин. 

Двајцата соговорници разговарале за напорите и начините за справување со дезинформациите и нивното влијание врз развојот на демократските процеси на глобално ниво. Пендаровски оцени дека дезинформациите имаат потенцијал да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси во земјата и во светот и поради тоа се една од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави. Македонскиот претседател ја нагласи потребата од постојано вложување во ресурси и вештини за нивно препознавање и разобличување, како и создавање на национални стратегии за опсежен одговор на дезинформациите.

Специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман (ГЕЦ) на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин престојува во земјата, во рамките на неговата посета на регионот. Тој во вторникот (11.04) имаше интензивни средби со државниот врв, на коишто беа разгледувани начините како САД можат да и помогнат на Владата со своите аналитички капацитети и техничка помош во справување со ширењето на дезинформациите.

Според Рубин, дезинформациите генерирани од Русија се главна закана за Западен Балкан. Лажните вести и пропагандата можат да им наштетат и на важните политички процеси во Северна Македонија, бидејќи во такви услови ќе биде многу тешко да се води нормална политички дебата за промената на Уставот. 

Кој ги шири дезинформациите?

Проблемот со дезинформации во Западен Балкан е главната причина за посетата на Рубин на регионот. Тој ја посочува Русија како главен извор на дезинформациите кои се шират и промовираат низ регионот.

Според него, ширењето на дезинформации во информацискиот простор не може целосно да се спречи, но мора да се најдат институционални начини за нивно ограничување. „Морам да кажам дека проблемот со дезинформациите е голем проблем, бидејќи Русија и Кина се долго ангажирани и трошат многу средства во информациската сфера. Немам илузии дека ова е лесно решлив проблем. Тоа е главен предизвик, реална закана“, изјави Рубин.

Тој на средба со медиумите во вторникот (11.04) нагласи дека пред земјава сега претстои одлука за уставните измени, откако во минатото беше принудена да донесе многу тешки одлуки, дури и да го промени името за да стане членка на НАТО, посочувајќи дека се надева оти Владата ќе го има потребното политичко лидерство за да ги преземе неопходните чекори за да ја однесе земјата во ЕУ.  

„Сигурен сум дека има некои во регионот и во Кремљ, што не сакаат да видат напредок по ова прашање и сакаат да ја оневозможат Северна Македонија да напредува кон европските институции и мислат како да направат проблеми“, изјави Рубин. Тој се надева дека Владата во соработка со САД ќе може да создаде сеопфатен пристап, инфраструктура и закони за справување со оние кои шират дезинформации. Рубин најави оти наскоро ќе ја посети Бугарија, во која оцени дека има „многу загадувачи“ кои шират разни приказни и манипулации.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и Џејмс Рубин, специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент Фотографија: Regierung Nord Mazedonien

Поддршка и зајакната соработка

Рубин со премиерот Димитар Ковачевски разговараше за состојбите и борбата со дезинформации, манипулацијата со информации како и другите закани во информативниот простор на Западен Балкан организирани од трети земји. На средбата со министерката за одбрана Славјанка Петровска, пак, стана збор за штетното влијание на дезинформациите особено имајќи ја предвид безбедносната состојба во регионот и руската агресија врз Украина, како и за начините како Министерството за одбрана ги развива своите капацитети за справување со дезинформации.

„Хибридните закани вклучувајќи ги и дезинформациите имаат за цел да ја намалат нашата општествена отпорност и да предизвикаат внатрешни поделби и недоверба на граѓаните во институциите и нивната ефикасност. Затоа, мораме да имаме здружен пристап кој ги обединува напорите на сите чинители во општеството во соочувањето со овој предизвик“, посочи министерката.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми