1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија на чекор до избор на нова влада

ДТЗ
22 јуни 2024

Во Собранието почна пленарната седница за избор на владата предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Новата Влада што ја предложи мандатарот Христијан Мицкоски ќе има 24 члена.

Христијан Мицкоски
Северна Македонија на чекор до избор на нова владаФотографија: Petr Stojanovski

Северна Македонија викендов се очекува да ја добие новата влада. Во Собранието почна пленарната седница на која единствена точка на дневен ред е изборот на новата влада. Предлагач на составот на владата е мандатарот, пратеник и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој деновиве до собранискиот спикер, Африм Гаши и до пратениците го достави предлогот за новиот владин состав, кој ќе има 24 члена, како и програмата за работа на идната влада.  Согласно собранискиот Деловник, седницата за избор на влада трае најмногу два дена. Мандатарот ја образложува програмата и предлог-составот на владата пред пратениците. Гласањето за избор на новиот владин состав се врши по завршување на претресот, најдоцна до недела (23.06) на полноќ. 

Владата се бира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Покрај премиерот, ќе има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Во кабинетот на Мицкоски, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Мандатарот Христијан Мицкоски најави дека ќе води бескомпромисна борба со криминалот и нема да има толерирање, без разлика од која партија доаѓа злоупотребатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Кои се новите министри?

Досегашниот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски е предложен за министер во овој ресор, за надворешни работи и надворешна трговија - Тимчо Муцуски, а за финансии потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Кочоска Димитриеска. Функцијата на заменик претседател на Владата и министер за транспорт треба да ја добие Александар Николоски, во ресоротот одбрана се предлага Владо Мисајловски, а за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа ќе биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински.

Со новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ќе раководи Сања Божиновска, Цветан Трипуновски ќе го добие Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Весна Јаневска ќе биде прв човек во образование и наука, кандидат за во Министерството за култура и туризам е актерот Зоран Љутков, а со Министерството за спорт ќе раководи ракометарот Борко Ристовски.

Вицепремиерски места ќе имаат и коалициските партнери Социјалистичката партија и Демократската партија на Србите. Љупчо Димовски, претседателот на СП ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ - вицепремиер задолжен за односи со заедниците. Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите. 

На министерската функција во правда треба да дојде Игор Филков, додека за министер за јавна администрација е предложен Горан Минчев од Движењето ЗНАМ.

Покрај премиерот, ќе има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресорФотографија: DW/P. Stojanovski

Нова политичка структура

Лидерите од Коалицијата „Вреди“ во пресрет на собраниската седница за избор на новата влада, на трибина ја претставија Платформата на патриотизмот како знаење, професионализам и одговорност според која ќе се водат нивните министри, заменици министри и раководители на институции во наредниот четиригодишен период како дел од новата влада. 

За министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата се предлага Изет Меџити од коалицијата Вреди, за здравство - Арбен Таравари, за социјална политика, демографија и млади - Фатмир Лимани, за економија - Бесар Дурмиши; Орхан Муртезани е кандидат за министер за европски прашања, а вицепремиер и министер за добро владеење ќе биде Арбен Фетаи. 

„Заврши времето на демагогија, денеска се бараат образовани, искусни и храбри луѓе да бидат носители на сложени реформски процеси за да ја направиме нашата земја нормална, економски развиена и подготвена за интегрирање во ЕУ. Ќе се фокусираме на работата, почитување на институциите, одговорност за преземената задача, исполнување на обврските навремено и успешно. Тоа може да го направи само новата генерација која е ослободена од товарот на старото, од хипотеките на минатото, од фолклорот полн со зборови и малку труд“, рече лидерот на  Демократското движење Изет Меџити.

Тој истакна дека „Вреди“ е победник на парламентарните избори и е новиот политички фактор кој ги претставува Албанците со легитимитет, достоинство и одговорност, новата политичка структура која ќе биде носител на успешна институционална транзиција. Во однос на Законот за реформа на органите на државата управа кој беше донесен со двотретинско мнозинство од новиот парламентарен состав, нагласи дека претстои голема реформа и трансформација на министерствата, но дека содржината, односно основните концепти ќе останат исти, а правата на Албанците ќе продолжат да се гарантираат и штитат согласно Уставот и Рамковниот договор. Притоа Меџити најави дека балансерот како механизам за обезбедување правична застапеност ќе биде заменет со закон.

„Вреди“ ќе ги претставува Албанците со легитимитет, достоинство и одговорност, најавија од коалицијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Брзи резултати и одговорност

Мандатарот Христијан Мицкоски најави дека ќе води бескомпромисна борба со криминалот и нема да има толерирање, без разлика од која партија доаѓа злоупотребата.

На сопартијците и на идните министри им порача да ги засукаат ракавите затоа што ги чека многу работа и реформи. „Доколку кој било застрани, ќе биде веднаш санкциониран, вклучително и од нашата партија, и ќе биде повикан на одговорност“, изјави Мицкоски на 17 јуни на свеченоста на која се одбележа 34. роденден на партијата. 

Мицкоски најави дека ќе се бори за остварување на стратешките цели, како членството во ЕУ, најави нови инвестиции и законски измени во енергетиката за да се спречи порастот на цената на струјата, подобар стандард за младите и пензионерите....

Втора шанса за „Северна“

Атина и Вашингтон со внимание ќе ја следат свечената заклетва на Христијан Мицкоски, кој најави дека ќе го употреби уставното име. Ова ќе биде втора шанса за државниот врв да ја употреби придавката „Северна“, откако претседателката Гордана Сиљановска Давкова избегна да го стори тоа по победата на пролетните избори. 

Американската амбасадорка Анџела Агелер порача дека е воодушевена и ја поздрави најавата на мандатарот Христијан Мицкоски дека в недела, при заклетвата како нов премиер, а и во настапите во странство, ќе го користи уставното име на земјата. Во интервју за „360 степени“, Агелер изрази надеж дека неговиот пример ќе го следат и сите министри. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми