1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија на дното според медиумска писменост

13 октомври 2022

Северна Македонија е на 40. место според Индексот за медиумска писменост, кој ја оценува потенцијалната ранливост на 41 општество во Европа на негативните ефекти од лажните вести.

Слободата на медиумите е клучен предуслов за справување со проблемите со лажните вести
Слободата на медиумите е клучен предуслов за справување со проблемите со лажните вестиФотографија: McPHOTO/C. Ohde/picture alliance

Северна Македонија со 23 бода (од можни 100) е на претпоследното, 40. место, во рангирањето на новиот Индекс за медиумска писменост за 2022 година. Во рангирањето што го подготвува Институтот отворено општество - Софија во рамките на Иницијативата за европски политики, вкупно е набљудувана 41 земја. Последното, 41-во место, го зазема Грузија, а пред Северна Македонија, на 39. место, е рангирано Косово (но со ист број бодови како РСМ), Босна и Херцеговина (24 бода) е на 38. место, Албанија (25 бода) на 37. место, Црна Гора (32 бода) на 35. место и Србија (35 бода) на 32. место.

Од земјите-членки на ЕУ најлошо е рангиранаБугарија, и се наоѓа на 33. место, зад Србија.

РСМ меѓу најранливите

Индексот ја оценува потенцијалната ранливост на 41 општество во Европа на негативните ефекти од лажните вести и со нив позврзани феномени, преку користење индикатори за слобода на медиумите, образование и меѓучовечка доверба.

Рангирањето на Северна Македонија на 40. место се должи на ниски резултати во доменот на сите клучни индикатори. Така, според слобода на медиумите таа е на 38. место, според образование на 39. место, а според меѓучовечката доверба е на 32. место. РСМ е подобро рангирана, на 21-во место, единствено според дополнително вклучениот индикатор „Е-учество“. Со него се мери искористувањето на информатичките и комуникациските технологии за подобрување на политичко учество, кое им овозможува на граѓаните да комуницираат меѓу себе, со избраните службеници и со властите.

Од рангирањето на листата е видливо дека Северна Македонија е дел од групата држави во Југоисточна и Источна Европа кои генерално се најранливи поради негативните ефекти на лажните вести и „пост-вистината“ поради контролирани медиуми, недостатоци во образованието и пониска доверба во општеството.

„Резултатите од Индексот на медиумска писменост покажуваат дека во Југоисточна и Источна Европа има најмногу земји кои се потенцијално поранливи на лажни вести. На овие земји треба да им се посвети посебно внимание, бидејќи им недостигаат неколку услови кои се набљудуваат од Индексот на медиумска писменост: квалитет на образование, слобода на медиумите, меѓучовечката доверба или комбинација од проблеми во тие области“, се вели во Извештајот.

Северна Македонија е дел од групата држави во Југоисточна и Источна Европа кои генерално се најранливи поради негативните ефекти на лажните вести и „пост-вистината“ поради контролирани медиумиФотографија: picture-alliance/Chromorange/C. Ohde

Скандинавските земји во врвот

За разлика од овие земји, Индексот за 2022 година покажува дека земјите во Северна и Западна Европа, особено скандинавските земји, имаат повисок потенцијал за отпор кон лажни вести токму поради подобри резултати во набљудуваните области.

Финска со 76 бода е прворангирана според Индексот за медиумска писменост. Веднаш зад неа се Норвешка, Данска, Естонија и Ирска, како земји кои имаат висок потенцијал да се спротивстават на негативното влијание на лажните вести и дезинформациите.

Во целиот тој процес, образованието се смета за суштинска компонента во борбата против лажните вести.

„На пример, владата на Финска, смета дека силниот државен образовен систем е основниот инструмент за спротивставување на информациската војна против земјата, а ‘широко распространетите вештини за критичко размислување кај финското население и усогласената реакција на владата’ се сметаат за клучен елемент за спротивставување на кампањите на лажни вести. Генерално, се смета дека пообразованите луѓе се поинформирани, покритичко мислечки и е помалку веројатно да западнат во замката на лажните вести“, наведуваат авторите на извештајот.

Според образовните индикатори, Естонија и Финска се на прво, односно второ место, со идентичен број бодови.

Норвешка, на пример, е на прво место во рангирањето според слобода на медиумите, а е на второ место во генералното рангирање.

Турција е на последно, 41-во место според слобода на медиумите, а е на 36. место во генералниот Индекс за 2022 година.

Генерално се смета дека пообразованите луѓе се поинформирани, покритичко мислечки и е помалку веројатно да западнат во замката на лажните вести, стои во Извештајот за медиумска писменостФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Goldman

Засилени заканите од дезинформации

Индексот на медиумска писменост е востановен во 2017 година и на почетокот вклучуваше 35 држави, а во 2022 година е проширен на 41 држава во Европа.

„Вниманието кон лажните вести започна по претседателските избори во САД во 2016 година. Потоа, пандемијата на Ковид-19 од 2020 година со себе донесе ‘инфодемија’, а руската војна против Украина јасно покажа дека ‘инфовојните’ се активна операција паралелно со текот на реалната војна. Сите овие настани ги засилија дезинформациите и заканите кои произлегуваат од нив“, посочуваат авторите на извештајот.

 - повеќе: Битка на два фронта– против вирусот и лагите за 5G

Тие потсетуваат дека во изминатите години, експертите и носителите на одлуки се обидувале да ја идентификуваат терминологијата, веројатните причини и последиците од ваквите појави. Европската Унија создаде свои дефиниции за „дезинформација“ и „мисинформација“, при што „дезинформацијата е невистинита или погрешна содржина која се шири со намера да се измами или да се обезбеди економска или политичка предност и која може да предизвика општествена штета“, а „мисинформацијата е невистинита или погрешна содржина, споделена без штетна намера, иако ефектите може да бидат штетни“.

Во заклучоците од извештајот се посочува дека слободата на медиумите е клучен предуслов за справување со проблемите со лажните вести, вклучително и во контекст на заштитата на демократијата. Исто така, образованието останува суштинска компонента, вклучително и преку обезбедување насочена обука за медиумска писменост, како за младите, така и за возрасните.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми