1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија на историски самит на Берлинскиот процес

3 ноември 2022

Ако кон Отворен Балкан пристапија само три држави, од самитот на Берлинскиот процес шест земји од Западен Балкан ќе се вратат со три договори за мобилност, важни за регионалната соработка.

Знамиња на државите од Западен Балкан и ЕУ
Знамиња на државите од Западен Балкан и ЕУФотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска во Берлин ќе учествува на еден од најзначајните самити на Берлинскиот процес, кој нема да заврши само со размена на идеи за регионална соработка, туку со шест потписи на три конкретни договори за мобилност. Премиерите на земјите од западнобалканската шесторка (Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина), ќе потпишат договори за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, за меѓусебно признавање на високообразовните квалификации за докторите на медицина, дентална медицина и архитектите, и за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан.

Додека дел од овие теми се третираа и во рамки на иницијативата Отворен Балкан, но кон неа досега пристапија само три земји од Западен Балкан - РСМ, Србија и Албанија, Берлинскиот процес успеа да ги обедини сите шест во проектите за регионална соработка. Вакиот чин не се случи преку ноќ, туку по интензивни напори на германската дипломатија во земјите од Западен Балкан. Конечно, на 21-ви октомври годинава, шефовите на дипломатиите на шесте држави, во рамки на состанок во Берлин чиј домаќин беше германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, усвоијаДекларација за имплементација на заедничкиот регионален пазар и за потпишување на трите споменати договори.

Декларацијата за имплементација на заедничкиот регионален пазар беше усвоена на 21-ви октомври годинава, на состанок чиј домаќин беше германската министерка за надворешни работи, Аналена БербокФотографија: Christoph Soeder/picture alliance/dpa

Блокирани две години

Можноста да се дојде до такви договори претходно две години била блокирана поради политички прашања, објасни специјалниот претставник на германската влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

„Овие три договори ќе ги изградат темелите на Заедничкиот регионален пазар кој е договорен во Софија во 2020 година, како натамошен развој на Регионалниот економски простор кој беше потпишан во 2017 година во Трст. Овие договори беа блокирани две години поради политички прашања. Благодарение на политичката подготвеност на сите актери од земјите на Западен Балкан, конечно успеавме да направиме пробив за време на преговорите во Берлин, а шесте земји успеаја да ги усогласат текстовите што ќе ги остават настрана политичките прашања и ќе се фокусираат на целта на овие регионални договори“, вели Сарацин во интервју за „Истрага.ба“.

Сарацин: Трите договори ќе ги изградат темелите на Заедничкиот регионален пазар кој е договорен во Софија во 2020 годинаФотографија: Anila Shuka/DW

Како се толкуваше овој исчекор?

„Она што се смета за особено важно за нас, од една страна, е иницијативата за Берлинскиот процес да обезбеди поврзаност со ЕУ-процесите, но истовремено и да се обезбеди меѓусебна комплементарност преку размена на позитивните искуства на земјите“, порача министерот Бујар Османи на состанокот на кој е направен посочениот исчекор.

„Крајно време е да ги здружиме Заедничкиот регионален пазар и Отворениот Балкан. И двете имаат иста цел и треба да бидат комплементарни, инклузивни и да ја почитуваат нашата потрага за усогласување со акито (acquis)“, оцени шефот на македонската дипломатија.

Османи: Крајно време е да ги здружиме Заедничкиот регионален пазар и Отворениот БалканФотографија: Anila Shuka/DW

Има разлика

Реакциите во регионот се позитивни, бидејќи ќе решаваат практични проблеми на граѓаните. Поранешниот српски амбасадор во Германија, Милован Божиновиќ, во изјава за Танјуг оценува дека трите договори кои денес треба да се потпишат се чекори кои охрабруваат, најмногу поради тоа што ќе им помогнат на луѓето непосредно.

„Политиката овој пат не дозволи тие подобрувања на животот да бидат засенети со нерешливите проблеми, со кои Западен Балкан сѐ уште е оптоварен, вклучувајќи го и статусното прашање на Косово (...) Според природата на нештата ова во голема мера се совпаѓа со Отворен Балкан. Тоа се истите работи кои водат кон иста цел“, вели Божиновиќ.

Но, сепак има разлика, а неа ја објаснува Сарацин.

„До денес само три земји од регионот и пристапија на иницијативата Отворен Балкан, додека Берлинскиот процес и заедничкиот регионален пазар го опфаќаат целиот регион и шесте земји од Западен Балкан. Само пазар кој го опфаќа целиот регион може да оствари и најголема економска корист за него. Со оглед дека сите земји имаат цел да се приклучат кон ЕУ и да постигнат кохезија со единствениот пазар на ЕУ што е можно побрзо, сметаме дека е многу важно заедничкиот пазар да се заснова на стандардите на ЕУ“, посочува Сарацин.

Запрашан, дали зајакнувањето на Берлинскиот процес ќе значи крај за Отворен Балкан, Сарацин вели дека не се работи за исклучување на едното или другото. Но, потенцира дека соработката треба да биде поинклузивна за целиот регион и да се заснова на стандардите на ЕУ.

Регионална дебата

Покрај премиерот Ковачевски, на самиот во Берлин се присутни и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата Бујар Османи. Заедно со колегите од земјите во регионот ќе дискутираат на темите „Регионалната соработка и регионален заеднички пазар“,„Сигурност во снабдувањето со енергија и трансформација“ и „Иднината на Берлинскиот процес“. Самитот ќе го отвори германскиот канцелар Олаф Шолц, а по работната сесија ќе следува церемонија за потпишување на трите договори. По звршувањето на самитот се очекува да има заедничка прес-конференција на германскиот канцелар, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и премиерот на државата што ќе биде домаќин на следниот самит на Берлинскиот процес.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми