1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија на штрек по нападот на вахабист во регионот

ДТЗ
1 јули 2024

„Никој не е изземен од опасноста која што демне во Европа“, вели националниот координатор Златко Апостолоски по терористичкиот напад пред амбасадата на Израел во Белград.

Сирија борци
Ниту еден безбедносен систем не може да каже дека 100% не постои ризик од терористички напад, вели Златко Апостолоски.Фотографија: Getty Images/AFP/A. Almohibany

Северна Македонија со внимание ги следи случувањата во регионот, каде изминатиот период има закани од терористички напади поврзани со вахабисти. По веста дека саморадикализиран припадник на вахабистите пред неколку дена извршил напад пред израелската амбасада во Белград, кој тамошните власти го окарактеризираа како терористички, безбедносни експерти за ДВ посочуваат дека со ова само се потврдува дека никој не е изземен од опасноста која што демне во Европа.

„Сега за сега во Северна Македонија нема некои посериозни испади за коишто би рекле дека треба да се обрне особено внимание. Но, следиме што се случува во Србија. Како координатор често на регионалните средби посочував дека Западен Балкан не е изземен од заканата за тероризам. Можност секогаш постои. Никогаш не може да се рече дека нема можности. Има, но треба да се биде на штрек постојано“, вели за ДВ националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, Златко Апостолоски.

Според него, можности за извршување на терористички акт секогаш постојат. „Ниту една служба или држава, ниту еден безбедносен систем не може да каже дека 100 проценти не постои ризик од извршување на терористички напад. Секогаш постои. Шансите се 50-50. Колку што се големи шансите службите да го откријат обидот за терористички напад и да го спречат, толкави се и шансите некој да го изврши. Тука нема правила на игра“, вели соговорникот на ДВ. 

Проценки и ризици  

Проценките се дека од Северна Македонија на странските боишта заминале над 156 лица. Во земјата се вратиле 83. На дел од нив им се изречени затворски казни. Поради војната меѓу Израел и Хамас, лани степенот на ризик од можни терористички напади во земјата беше променет од ниско на средно ниво. Иако пораката на надлежните е дека граѓаните засега треба да се чувствуваат безбедно, нема гаранција дека работите не би можеле да се променат. 

Полициски увид на местото на терористичкиот напад во БелградФотографија: Oliver Bunic/AFP/Getty Images

„Засега нема никакви промени. Оценките за степенот на ризик остануваат исти. Продолжуваме со тековните активности  околу повратниците и програмите за превенција. Од регионот на Западен Балкан, ние сме земја која во континуитет принципиено го спроведува Националниот план за ресоцијализазија и реинтеграција на оваа категорија на граѓани“, вели Апостолоски.

Владата во 2018 година донесе Национална стратегија за борба против тероризмот, како и Националниот план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и нивните семејства. Во 2014 година се направија измени во Кривичниот законик со кој како кривични дела се воведоа учество во странски војски и терористички организации како и врбување и обука на лица на учество во странски војски за кои се предвидени казни од три до пет години затвор. 

Ресоцијализација и реинтеграција на 54 лица  

Во извештајот подготвен за Европската комисија „Справување со жените повратници на Западен Балкан“ објавен во 2022 година, се наведува дека напорите за репатријација во Северна Македонија на лицата кои заминале во Сирија и Ирак започнале во 2018 година, кога се вратени седум лица. Потоа продолжија со репатријација на 3 жени во 2019 година, додека во 2021 година се вратени 5 жени,14 деца и четворица мажи. 

Врз база на податоците од Министерството за труд и социјална политика, коешто е надлежно за спроведување на програмите  за ресоцијализација и реинтеграција на повратниците од боиштата на Блискиот Исток, Апостолоски вели дека досега 54 мажи, жени и деца се вклучени во овој процес во Северна Македонија. 

Експертка на Обединетите нации минатата година даде позитивни оценки за напорите на Северна Македонија и Германија за решавање на сложената ситуација во која се наоѓаат повратниците од конфликтните зони, особено од Сирија, преку нивна репатријација, реинтеграција и гонење. 

Проценките се дека од Северна Македонија на странските боишта заминале над 156 лица. Во земјата се вратиле 83. Фотографија: picture alliance/ZUMA Press/M. Dairieh

Специјалната известувачка на ОН за унапредување и заштита на човековите права и основните слободи во борбата против тероризмот, Фионуала Ни Аолаин, која беше во посета на двете држави, укажа дека при гонењето и судењето на повратниците мора да се постапува во согласност со меѓународните стандарди за фер и правично судење, казните мора да бидат пропорционални и условите во казнено-поправните установи мора да бидат соодветни, со цел на повратниците да им се даде подеднаква можност за рехабилитација и реинтеграција во општеството.

Северна Македонија започна со изработка на модел за реинтеграција во заедницата врз основа на мултидисциплинарна експертиза со вклучување на социјални работници, клинички психолози и претставници од безбедносниот сектор со цел семејствата, особено жените и децата, целисходно да се реинтегрираат во нивните заедници. На локално ниво, се работи на  превентивни механизми да се препознаат лидерите кои агитираат за одредена страна и кои повторно може да ги доведат во заблуда македонските граѓани, и да ги однесат на некакви боишта каде би војувале за туѓи интереси и цели.

Листата на санкции се дополнува

Со ризикот од постоење на радикални струи и терористички напади се соочуваат повеќето европски држави - не само Германија, туку и Франција, Белгија, Англија, Австрија. „Целиот европски регион е подложен на опасност од исламистички ќелии кои во одреден момент можат да предизвикаат проблеми“, вели националниот координатор за борба против тероризмот.

Во октомври 2022 година македонската Влада објави листа на 15 македонски државјани коишто учествувале во паравоени формации во Сирија и Исламската држава. За нив се предвидени финансиски мерки и замрзнување на имот и средства поради учество во војната во Сирија. Во меѓувреме листата, од страна на Министерството за наворешни работи, постојано се дополнува и корегира. Податоците редовно се разменуваат со останатите земји.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми