1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците фрлаат повеќе храна од просекот во ЕУ

2 октомври 2026

Македонските домаќинства фрлаат повеќе храна од просекот во ЕУ. Податоците покажуваат дека отпадот од храна е повисок и во рестораните и во малопродажбата.

Храна во отпад 13.03.2012
Македонците фрлаат повеќе храна од просекот во ЕУФотографија: picture-alliance/dpa

Македонските домаќинства во просек фрлаат по 86 килограми храна годишно по жител, што е за 17 килограми повеќе од просекот во Европската Унија. Освен во домаќинствата, отпадот од храна во С. Македонијае над европскиот просек и во рестораните и малопродажбата.

Податоците покажуваат дека во светот се произведува значително повеќе храна отколку што се консумира, додека големи количини завршуваат како отпад. Во Северна Македонија често се отвора прашањето дали дел од непродадената храна наместо да биде фрлена може да се продава по пониски цени или да се донира на граѓаните на кои им е најпотребна.

Граѓаните во изминатите години во повеќе наврати укажуваа дека храната што останува непродадена може да се искористи преку донации или други модели на распределба. Според претходни проценки, со количините храна што завршуваат како отпад во текот на една година би можеле да се обезбедат оброци за меѓу 21.000 и 25.000 граѓани.

Како да направите ново пиво од стар леб!

01:08

This browser does not support the video element.

Отпадот од храна во државата е над европскиот просек

Според Извештајот на Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП) за индексот на отпад од храна за 2024 година, во светот годишно се фрлаат 1,05 милијарди тони храна, што претставува 19 проценти од вкупната храна достапна за потрошувачите.

Домаќинствата ширум светот фрлаат повеќе од една милијарда оброци дневно и се одговорни за 60 проценти од вкупниот отпад од храна, додека 29 проценти потекнуваат од рестораните и хотелите, а 12 проценти од малопродажбата.

Според УНЕП, домаќинствата во С.Македонија во 2024 година создале вкупно 179.311 тони отпад од храна,што изнесува околу 86 килограми по жител годишно. Рестораните и услугите за исхрана создале 51.283 тони отпад од храна или околу 25 килограми по жител годишно. Во малопродажбата биле создадени 30.755 тони отпад од храна, односно по 15 килограми по жител годишно.

Ако се споредат податоците по сектори, македонските домаќинства создаваат по 17 килограми повеќе отпад од храна по жител од европскиот просек. Рестораните и услугите за исхрана се над европскиот просек за 10 килограми по жител, додека во малопродажбата се создаваат пет килограми повеќе отпад од храна по жител годишно.

На ниво на Европската Унија, според податоците на Евростат, во 2024 година секој жител генерирал околу 129 килограми отпад од храна, што претставува благ пораст од 0,7 проценти во споредба со 2023 година.

Отпадот од домаќинствата сочинува повеќе од половина од вкупниот отпад од храна во Европската Унија, односно 53 проценти или 69 килограми по лице. Дополнителни 12 проценти се создадени од рестораните и услугите за исхрана, односно 15 килограми по жител.

Како да се спречи фрлањето на храна?

01:42

This browser does not support the video element.

Иницијативи за продажба и донација на вишокот храна

Во изминатите години се појавија иницијативи и платформи за продажба, промоција и донација на храна што угостителските објекти не успеале да ја продадат во текот на денот. Идејата е вишокот храна наместо да заврши како отпад да биде пласиран преку продажба по пониски цени или преку донации.

Прашањето за отпадот од храна е актуелно и во другите европски земји. Италија се издвојува со високо ниво на фрлање храна по жител. Според податоци објавени во италијанските медиуми, просечен Италијанец неделно фрла 555,8 грама храна.

Во споредба со Италија, неделното количество фрлена храна е 512,9 грама кај Германците, 469,6 грама кај Холанѓаните, 459,9 грама кај Французите и 446,5 грама кај Шпанците.

Според проценките на организациите што работат на намалување на фрлањето храна, едно семејство во Италија губи меѓу 500 и 600 евра годишно поради храната што завршува како отпад.

Овој парадокс останува еден од најголемите предизвици на современото општество. Додека во светот се фрлаат големи количества храна, повеќе од 670 милиони луѓе се соочуваат со глад.

Отпадот од храна има и значително влијание врз животната средина. Според анализите, тој е одговорен за речиси 10 проценти од глобалните емисии на стакленички гасови и за користење на една четвртина од свежата вода што се употребува во земјоделството. Доколку отпадот од храна беше држава, тој би бил трет најголем емитер на стакленички гасови во светот, веднаш по Кина и САД.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми