1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија стана членка на Советот за човекови права на ОН

ДТЗ
10 октомври 2024

Поддршката од земјите членки на ОН е потврда за придонесот на нашата држава како посветен промотор и заштитник на човековите права и слободи, вели министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски

ОН
Македонија стана нова членка на Советот за човекови права на ОНФотографија: Eskinder Debebe/United Nations /AP/picture-alliance

Со 168 гласа „за“, Република Северна Македонија стана нова членка на Советот за човекови права на Обединетите Нации за периодот 2025-2027, на изборот што се одржаа во Генералното собрание на ОН во Њујорк.

„Убави вести од Њујорк! Нашата држава стана нова членка на Советот за човекови права на Обединетите Нации за периодот 2025-2027 година. Поддршката од земјите членки на ОН за овој избор е признание за нашите досегашни придонеси како држава која е посветена на заштитата и промоцијата на човековите права и слободи“, објави на социјалните мрежи министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. 

Според него, по овој значаен дипломатски успех, приоритет на земјата ќе биде активно учество во работата на Советот, каде што ќе придонесе за глобалната промоција и подобрување на состојбата со човековите права ширум светот.

„Ова е во согласност со обврските и заложбите кои ги истакнавме при нашата кандидатура за членство“, вели Муцуснки.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ), во најновиот Национален извештај за Универзалниот периодичен преглед презентиран пред Советот за човекови права во Женева, Северна Македонија е високо на листата на земји кои ги почитуваат и гарантираат човековите права и оценета како квалификуван кандидат кој ги исполни неопходните услови за да биде дел од работата на ова меѓународно тело.

Република Северна Македонија по вторпат е избрана за членка на Советот за човекови права, откако претходно членуваше во периодот 2014-2016.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми