1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСеверна Кореја

Севернокорејскиот лидер Ким на врвот на својата моќ

Мартин Фриц
10 октомври 2025

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун ќе ја прослави 80-годишнината од Работничката партија на Кореја со воена парада. Неговите стратегии за преживување се исплатија.

Маж со црно палто (севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун) телефонира во својот кабинет, седнат на маса на која има документи
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун за време на телефонски разговор со рускиот претседател Путин на 12 август 2025 годинаФотографија: Yonhap/YONHAPNEWS AGENCY/picture alliance

Вечерва (10.10), по локално време, десетици илјади војници повторно ќе маршираат низ главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, прикажувајќи го обемниот арсенал на вооружените сили. Со парадата се слави 80-годишнината од основањето на Работничката партија на Северна Кореја, чиј генерален секретар е Ким Јонг Ун. На трибините, покрај Ким, ќе стојат кинескиот премиер Ли Чијанг и поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев. „Пријателите се заедно, непријателите стануваат нервозни“, напиша Медведев на новата руска платформа, Макс.

Парадата ја нагласува значително зголемената моќ на Ким. Никогаш порано 41-годишникот не бил толку цврсто на власт, никогаш порано неговото меѓународно значење не било толку големо откако пред 14 години го замени својот татко, Ким Јонг Ил, како единствен владетел на изолираната земја. Во септември, Ким се појави првпат рамо до рамо со кинескиот претседател Ши Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин на воена парада во Пекинг. „Ким е на исто ниво со најмоќните автократи во светот - никогаш досега немало таков приказ на стратешко сојузништво“, напиша германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Кои државници дојдоа на парадата на Путин во Москва

00:46

This browser does not support the video element.

Војната на Русија како катализатор

Зголемувањето на моќта на Ким се должи на војната на Русија против Украина и борбата за економска моќ меѓу САД и Кина. Ова ја направи Северна Кореја важен партнер, особено за Русија. Кина потоа повторно се приближи до Северна Кореја за да избегне губење на своето влијание. „Статусот на Северна Кореја значително порасна“, вели поранешниот севернокорејски дипломат и дезертер Ли Ил Кју. „Во таа смисла, одлуката за поддршка на руската војна беше правилна.“

Како резултат на променетите околности, Ким успеа да ги олабави оковите на економските санкции што Советот за безбедност на Обединетите нации ги наметна на неговата земја поради нуклеарните и ракетните тестови. Русија, меѓу другото, ја снабдува Северна Кореја со гориво и храна, додека Северна Кореја испрати огромни количества муниција и илјадници војници. Кина, исто така, се чини дека ги спроведува санкциите помалку отколку во минатото.

Кина повторно се приближи до Северна Кореја (фото: кинескиот претседател Ши и севернокорејскиот лидер Ким на приемот во Пекинг по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна)Фотографија: Florence Lo/REUTERS

Признание како нуклеарна сила

Кимовата долгорочна стратегија за обезбедување на опстанокот на владеењето на семејството преку масовно нуклеарно и ракетно засилување сега се му се исплати. Американската воена разузнавачка агенција ДИА во мај процени дека Северна Кореја е во својата „најсилна стратешка позиција во последните децении“ и претставува потенцијална закана за американските сили и нивните сојузници во Источна Азија. Северна Кореја ја подобри и својата способност да ја загрози територијата на САД. Извештајот заклучува дека Ким е „сè посигурен во својот меѓународен политички легитимитет и сигурноста на својот режим“.

Најважниот лост за зголемување на меѓународната важност на Северна Кореја е нејзиниот стремеж да стане де факто нуклеарна сила заедно со Пакистан, Индија и Израел. Со години, Ким не само што тестира или пушта во употреба нуклеарно способни системи како што се ракети со долг дострел, туку закон донесен во септември 2022 година ја легализираше превентивната употреба на нуклеарно оружје и го прогласи нуклеарниот статус за „неповратен“. Една година подоцна, Врховното народно собрание ја внесе нуклеарната доктрина во уставот. Замрзнувањето или демонтирањето на нуклеарниот капацитет на земјата сега изгледа малку веројатно.

Нова средба со претседателот Трамп?

Режимот сега ги жнее плодовите. Во јули, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, за време на посетата на Северна Кореја, изјави дека Москва почитува и разбира зошто Пјонгјанг продолжува да ја развива својата нуклеарна програма. Кина всушност го отфрла севернокорејското нуклеарно оружје, но одамна престана да бара денуклеаризација. Сега Ким се надева дека американскиот претседател Доналд Трамп конечно ќе ја прекрши забраната. Ким неодамна ги услови новите разговори со Вашингтон со тоа САД „да ја напуштат својата апсурдна опсесија со денуклеаризација“. Постојат шпекулации дека Трамп би можел да се сретне со Ким на линијата за демаркација, како што направи во јуни 2019 година. Американскиот претседател ќе ја посети Јужна Кореја на крајот на октомври и ќе присуствува на самитот на АПЕК.

Фризура „Трамп“ или „Ким“?

01:53

This browser does not support the video element.

Со воената парада за роденденот, Работничката партија го слави и својот највисок по функција другар. Ким повторно ја оживеа партијата како инструмент на моќ и ја обликуваше според својата волја. Додека неговиот татко, Ким Јонг Ил, никогаш не одржа ниту еден партиски конгрес, младиот лидер остави свој личен белег на државната партија. Седмиот конгрес во 2016 година го потврди „кимилсунгизмот-кимјонгилизмот“, синтеза на идеите на Ким Ил Сунг и Ким Јонг Ил, како свој водечки принцип и утврди дека партијата работи „под монолитно водство“ на Централниот комитет. Ким се унапреди од прв секретар во претседател. Ким Ил Сунг и Ким Јонг Ил беа дедо и татко на новиот претседател.

На Осмиот конгрес во 2021 година, Работничката партија ја напушти доктрината „војската прво“ (Сонгун) на Ким Јонг Ил и ја воспостави доктрината „народот прво“ како нова фундаментална форма на социјализам. Ким беше назначен за генерален секретар на Централниот комитет, проширувајќи го своето апсолутно владеење. Во септември оваа година, Ким конечно објави дека деветтиот конгрес ќе претстави доктрина за истовремен развој на нуклеарни и конвенционални вооружени сили. Ова значи дека подготовките за следната партиска конвенција, веројатно следната година, веќе се во тек. 2026 година е соодветен датум и поради тоа што  претходникот на Работничката партија, „Сојузот против империјализмот“, наводно бил основан од Ким Ил Сунг пред 100 години во октомври 1926 година, откако тој и неговите родители заминале во егзил во Кина. Тогаш Ким имал само 14 години.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми