Ши му порача на Трамп: Тајван може да доведе до конфликт
14 мај 2026
Кинескиот претседател Ши Џинпинг ги предупреди Соединетите Американски Држави за можен „конфликт“ во врска со прашањето за Тајван. „Прашањето за Тајван е најважната тема во односите меѓу Кина и САД“, изјави Ши во четврток за време на посетата на американскиот претседател Доналд Трамп во Пекинг, пренесе државната телевизија ККТВ. Ако ова прашање се „третира погрешно“, двете земји би можеле да дојдат во судир „или дури и да влезат во конфликт“, додаде Ши.
Тој нагласи дека тоа може да ги доведе „севкупните“ односи меѓу Пекинг и Вашингтон во „крајно опасна ситуација“. Кина ја смета демократската и самоуправувана островска држава Тајван за отцепена провинција која, доколку е потребно, треба повторно да се обедини со копното, дури и со употреба на воена сила. Вашингтон, иако официјално не го признава Тајван, е негов најважен воен поддржувач.
Партнери, а не ривали
Претходно, кинескиот лидер изјави дека САД и Кина треба да бидат „партнери, а не ривали“. „Стабилните“ односи меѓу двете земји се добри за целиот свет. „Соработката им користи на двете страни, додека конфронтацијата им штети“, додаде Ши. Тој истакна дека е „среќен“ што го пречекува Трамп во време кога светот се наоѓа „на нова раскрсница“.
Ши Џинпинг го прими Трамп во рамки на неговата посета на Народна Република Кина. Американскиот претседател на средбата во Големата сала на народот изјави дека посетата е „чест“ за него. Тој додаде: „Чест е да бидам ваш пријател.“ Според Трамп, односите меѓу Пекинг и Вашингтон ќе бидат „подобри од кога било досега“, а Кина и САД ќе имаат „фантастична заедничка иднина“.
Претходно, двајцата лидери се ракуваа пред салата. При пристигнувањето на Трамп пред зградата, присутни беа, меѓу другите, американскиот државен секретар Марко Рубио, министерот за одбрана Пит Хегсет, како и повеќе бизнис лидери, меѓу кои и извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск.
За вечерва е планиран државен банкет. За петок се предвидени попладневен чај и работен ручек, по што американскиот претседател ќе замине назад во САД.
Ова е прва посета на американски претседател на Кина по речиси една деценија. Трамп ја посети Народната Република и за време на неговиот прв мандат во 2017 година. Тој пристигна во Пекинг во средата.