1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамАвстралија

Нападот во Сиднеј - мотивиран од терористичката ИСИС

ЖА / агенции
16 декември 2025

По нападот во Сиднеј, полицијата смета дека сторителите биле под влијание на идеологијата на терористичката група ИСИС. Истражителите следат трага што води на Филипините.

Плажата Бонди во Сиднеј - граѓаните пред куп цвеќиња и свеќи за жртвите од нападот
Тага и шокираност по нападот на плажата Бонди во Сиднеј - граѓаните пред куп цвеќиња и свеќи за жртвите Фотографија: Bianca De Marchi/AAP/IMAGO

Според австралискиот премиер Ентони Албанезе, двајцата напаѓачи кои го извршија антисемитскиот напад на плажата Бонди во Сиднеј веројатно биле под влијание на терористичката организација  „Исламска држава“  (ИСИС). „Се чини дека ова (нападот) било мотивирано од идеологијата на Исламската држава“, изјави Албанезе за радио станицата Еј-Би-Си Сиднеј. Ваква изјава даде и полицијата на прес-конференција.

На прашањето дали смета дека направил доволно за борба против антисемитизмот во неговата земја, Албанезе одговори: „Правиме што можеме. Идеологијата на ИСИС доведе до оваа идеологија на омраза, а во овој случај и до подготвеност за извршување масовни убиства. Работиме напорно колку што можеме“.

Двајцата напаѓачи, 50-годишен маж и неговиот 24-годишен син,  во неделата застрелаа 15 лица на прославата на Ханука. Меѓу жртвите е и десетгодишно дете и преживеан од Холокаустот.

Австралиската телевизија Еј-Би-Си објави дека австралиската разузнавачка служба пред шест години вршела проверки за можни врски меѓу 24-годишниот сторител и ИСИС. Според извештајот, истражителите за борба против тероризмот веруваат дека таткото и синот се заколнале на верност на ИСИС.

Албанезе потврди дека австралиската домашна разузнавачка служба го истражувала тогашниот тинејџер за евентуална поврзаност со терористичката ќелија на ИСИС со седиште во Сиднеј. Сепак, во тоа време тој не се сметал за непосредна закана. „Тие го интервјуирале, ги интервјуирале членовите на неговото семејство, ги интервјуирале луѓето во неговиот социјален круг“, рече Албанезе. „Во тоа време, тој не се сметал за осомничен“.

Еј-Би-Си, повикувајќи се на безбедносни извори, објави и дека напаѓачите добиле „обука во воен стил“ на Филипините непосредно пред нападот. Шефот на полицијата на Нов Јужен Велс, Мал Ланион, потврди за „Гардијан“ дека двајцата минатиот месец патувале на Филипините. Целта на патувањето и местото каде што таму престојувале двајцата моментално се испитуваат,  изјави тој.

Според Ланион, во автомобилот, регистриран на синот, се најдени неколку експлозивни направи и две рачно изработени знамиња на ИСИС. Властите продолжуваат со напорите за утврдување на околностите околу нападот.

По нападот, израелскиот премиер  Бенјамин Нетанјаху  ја обвини  австралиската влада  дека не успеала да се справи со растечкиот антисемитизам во земјата. Албанезе во најновата изјава истакнува: „Сакаме да го искорениме антисемитизмот. Тоа е целта“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми