1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сијарто: Треба да се забрза влезот на Македонија во ЕУ

ДТЗ
16 ноември 2023

Кога ќе го преземеме претседателството со ЕУ, ќе направиме сѐ за да осигураме дека членството на Македонија и Западен Балкан ќе се случи што поскоро, порача шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто.

Петер Сијарто
Страшно е што Бугарија го блокира влезот на Македонија во ЕУ, вели СијартоФотографија: Danil Shamkin/NurPhoto/picture alliance

„Проширувањето на Европската Унија треба да се забрза веднаш со Северна Македонија. Вистинските разговори треба да започнат веднаш и да се заокружат со цел Северна Македонија да стане членка“, порача унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој е во работна посета на земјата. 

Сијарто на прес-конференција во Скопје со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи рече дека Европската Унија има потреба од Западен Балкан. „На ЕУ и е потребен тој моментум  и брз развој на настаните. ЕУ треба да признае дека местото на Западен Балкан е во Унијата“, додаде тој. 

Кој го кочи процесот? 

Но, според Сијарто, се уште има членки што го успоруваат и ставаат пречки на овој процес. „Страшно е што Бугарија го блокираше писмото што требаше да се испрати на РСМ пред неколку недели. Македонија е кандидат веќе 18 години и да не може да започне преговори е ужасно и покажува непочитување кон земјата и е контрадикторно со интересите на ЕУ“, вели Сијарто и додава: „Тие што го кочат пристапувањето треба да знаат дека го поткопуваат и кредибилитетот на Унијата. Кога ќе го преземеме претседателството со ЕУ, ќе ги превртиме сите камења за да се осигураме дека членството на Северна Македонија и Западен Балкан ќе се случи што поскоро“. 

Османи е дециден дека Груевски треба да биде во Северна Македонија и да се соочи со правдата. Фотографија: Thomas Peter/REUTERS

Реакција за бугарската такса 

Тој изрази остра реакција за бугарската такса за увоз и пренос на природен гас.

„На секоја земја и е важно да обезбеди снабдување со енергија. Никој нема право да ја загрозува безбедноста на другите за снабдување со енергија“, рече Сијарто, откако Унгарија поднесе жалба до Европската комисија против бугарската такса. Тој оцени дека тоа е чекор и акт на непријателство од страна на Бугарија. 

На одлуката на Бугарија се жали и Македонија. Шефот на македонската допломатија, Бујар Османи вели дека ова е нелегално поставена такса, што е спротивно на европските правила, и таа нанесува штета на македонската економија. „Ја известивме ЕК и баравме координиран пристап со цел да се острани оваа нелегално поставена такса“, вели Османи. 

„Не е неопходно да зборуваме за Груевски“ 

Двајцата министри за надворешни работи денеска во Скопје разговарале на повеќе теми, но не и за екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски.

На новинарското прашање каква слика дава Унгарија како европска држава, ако се има предвид дека досега не одговорила на четири барања за екстрадиција на Груевски,  Сијатро одговори: „Не смееме да се мешаме во судските постапки и сметам дека не е неопходно да зборуваме за тоа прашање“.

„Тоа не е прашање на надворешно политичка комуникација“, вели и шефот на македонската дипломатија.Османи е дециден дека Груевски треба да биде во Северна Македонија и да се соочи со правдата. „Не е во интерес на ниедна држава премиер да биде во егзил“, вели Османи.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми