1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сиљановска на самитот „Брдо-Бриони“ во Драч

6 октомври 2025

Според домаќините, самитот доаѓа во значаен момент за целиот регион, а Планот за раст го забрзува економското и социјалното приближување кон ЕУ.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова говори пред новинари
Од самит на самит: По учеството на самитот на Европската политичка заедница во Копенхаген, македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова ќе учествува на самитот Брдо-БриониФотографија: Patrick Brown/European Union

Европската интеграција, Планот за раст на ЕУ, младинската политика и одливот на мозоци, како и регионалната соработка и безбедност ќе бидат теми на самитот на земјите учеснички во Процесот „Брдо-Бриони“ што се одржува денеска (6.10.) во албанскиот крајбрежен град Драч, на кој учествува и претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.

Процесот Брдо-Бриони во кој учествуваат лидерите на земјите од Западен Балкан и претставници на ЕУ е форум на високо ниво, кој има за цел да ја зајакне регионалната соработка и да го унапреди процесот на европска интеграција на регионот. Тој е инициран во 2013 година од Словенија и Хрватска и до денес служи како стабилна платформа за политички дијалог меѓу земјите од регионот, со цел да си помагаат во градењето меѓусебна доверба, консолидирање на стабилноста во регионот и поддршката на реформите потребни за членство во ЕУ. Денешниот самит го организираат претседателите на Словенија и Хрватска, Наташа Пирц Мусар и Зоран Милановиќ, а домаќин е претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.

Во пресрет на самитот албанската министерка за Европа и надворешни работи, Елиса Спиропали, сподели порака на социјалните мрежи, нагласувајќи дека тој доаѓа во значаен момент за Албанија и целиот регион.

„Ги поздравуваме шефовите на државите од процесот Брдо-Бриони во Драч во важен момент за Албанија и нашиот регион. Новиот план за раст е финансиски инструмент што го забрзува економското и социјалното приближување кон ЕУ“, напиша Спиропали. 

Како што е познато, Планот за раст на ЕУ има за цел подлабоко да ги интегрира земјите од регионот во европскиот единствен пазар преку реформи, инвестиции и економска соработка.

Оптимизам во Подгорица и Тирана

Пред денешниот самит синоќа се одржа работна вечера, на која лидерите учесници имаа можност да разменат мислење за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, во време кога динамиката на проширувањето на ЕУ повторно доби на важност по геополитичките случувања во Европа.

„Нa работна вечера со лидерите на регионот во рамки на самитот Брдо-Бриони во Драч, разговараме за добросоедската соработка и нашата европска иднина, објави на социјалната мржа „X“ црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ. 

Процесот Брдо-Бриони има за цел да ја зајакне регионалната соработка и да го унапреди процесот на европска интеграција на земјите од Западен БалканФотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Притоа даде и прогноза кога неговата земја ќе стане членка на ЕУ. 

„Црна Гора е предводник на европскиот пат и уверен сум - 28-ма држава членка на ЕУ дo 2028 година. Заради тоа, нацрт договорот за пристапување на нашата земја во ЕУ би бил ветер во грб и на другите земји кандидати. Државите од Западен Балкан мора да работат заедно, во духот на сороботка и меѓусебна доверба. Само така можеме да го забрзаме нашиот европски пат и да обезбедиме стабилност на Балканот“, порача Милатовиќ.

Оптимист е и албанскиот премиер, Еди Рама, кој во интервју на локален медиум, нагласил дека Албанија брзо напредува кон членство во ЕУ, наведувајќи дека досега се отворени 28 од 33 поглавја од преговорите, а целта е следната година да се започне со нивно затворање.

Поранешната косовска министерка за европски интеграции, Мимоза Ахметај, во интевју за ТВ Клан Косово, оценува дека освен Албанија и Црна Гора, другите земји во регионот не работат сериозно на процесот на членство во ЕУ. Според неа, во моментов нема вистинска посветеност од земјите од регионот кон европската интеграција, а тоа го поврзала со внатрешната политичка ситуација во секоја земја. 

„Јасно се гледа дека секоја земја се свртела кон себе или е преокупирана со внатрешни проблеми (...) Албанија и Црна Гора се издвојуваат, бидејќи имаат тежок пат. Додека за други земји како што се Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Србија, се чини дека има малку или воопшто нема јасна перспектива на хоризонтот за тоа кога ќе се приклучат“, изјавила Ахметај.

Тема во кампањата

Не е лесен ни патот на Македонија, а кампањата за локалните избори покажа дека евроинтеграцијата и реформите позврзани со неа, се дел од секојдневната реторика на политичките партии. Темата се третира низ неколку прашања - кој е одговорен за застојот на патот кон ЕУ, кој шурува со туѓи агенди на штета на македонскиот национален интерес, кој и зошто е попустлив кон условите на Бугарија, па до тоа чии партиски функционери имаат регистрирани фирми во Бугарија. Овие прашања, како и резолуцијата за дефинирање на црвените линии на патот кон ЕУ, којашто неодамна ја презентираше претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, се меѓу клучните прашања на митинзи, трибини и во партиски соопштенија. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека по изборите ќе биде подготвена македонска резолуција, која вистински ќе ги штити македонските национални интереси. Според претседателката Сиљановска, ако има еден чекор – уставни измени и потоа пречка, тогаш ништо не е направено.

„Јас не сум за линии, јас сум за договор дома“, порача таа. 

Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, неодамна презентираше резолуција за дефинирање на црвените линии на патот кон ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

ВМРО-ДПМНЕ вчера упати нова критика за ставовите на Филипче.

„Повеќе од очигледно е дека црвените линии на Филипче се само еден подарок од СДС за Бугарија“, наведе партијата.

„Се сеќаваме на кажувањата на поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов дека финансиски ја помогнал СДС и тоа директно, поточно преку куферче пари за менторот на Филипче, Заев. Прашањето сега е, ако Заев земал куферче од Борисов, сега какво куферче земал Филипче (...) Тоа  што за Филипче е добро, за граѓаните и за Македонија значи само едно, ново предавство“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Филипче: Каде се реформите?

Филипче, пак, во повеќе наврати потенцира дека Владата не ги спроведува правните реформи, односно не ги носи законите предвидени за 2025 година согласно со Планот за раст. Тој посочува дека од вкупно 12 закони кои треба да се донесат во 2025 година - седум  од нив до јуни и  уште пет до крај на годината - ниту еден, не само што не е донесен, туку не е ниту поднесен од страна на Министерството за правда во Собранието.

Се очекува Македонија да добие над 750 милиони евра од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан до крајот на 2027 година, Косово 880 милиони, Албанија 920 милиони, Србија над 1,5 милијарди евра, Црна Гора 380 милиони и Босна и Херцеговина околу 900 милиони евра.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, деновиве изјави дека кај премиерот и Владата постои сериозна одлучност и заинтересираност по завршувањето на локалните избори да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија. Тој рече дека веќе постојат конкретни размислувања како тоа да се направи, но одби да открие повеќе детали со цел тоа да не се извади од контекст во време кога тече кампањата за локалните избори.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми