1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сиљановска: Не можеме од Уставот да правиме книга на желби

11 октомври 2024

Ни треба стандарден и европски Устав. Верувајте ми, нема да нѐ сакаат внатре во ЕУ, ако имаме решенија какви што нема во европските држави, вели претседателката Сиљановска.

Претседателката на РСМ, Гордана Сиљановска Давкова
Претседателката на РСМ, Гордана Сиљановска ДавковаФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Могила на непобедените, споменикот на Кузман Јосифовски - Питу, Спомен костурницата во Куманово, Партизанските гробишта во Скопје, споменикот „Ослободители на Скопје“ пред Владата, се дел од спомениците пред кои владини делагации денеска ќе положат цвеќе по повод  Денoт на народното востание 11-ти Октомври.

За што се борела славната антифашистичка генерација, за што се бори земјата денес и каде сака да биде утре, се тридецениска тема, која и годинава не одбележи исчекор на  евроинтегративниот пат.

Во пресрет на празникот, претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на ТВ 21 искажа ставови за актуелните прашaња, меѓу кои и за условот за  уставни промени.

„Не можеме ние од Уставот да направиме една книга на политички и партиски желби. Нам ни треба стандарден и европски Устав. Верувајте ми, нема да не сакаат внатре во ЕУ,  ако имаме решенија какви што нема во европските држави. Затоа е и хармонизацијата на законите, ние во хармонизацијата сме најнапред од сите кандидати“, рече таа.

На прашањето колку е можно да се промени преговарачката рамка, таа фокусот го стави на нејзиното спроведување.

„Не говорам јас за  промена на преговарачка рамка,  мене ми е јасно дека таму гласале сите. Јас зборувам за нејзиното спроведување, со интерпретација. Јас тоа им го кажав и во Обединетите нации на сите. (…) За што разговараме ние со Бугарија? За историја, за култура, за јазикот... Историски комисии, замислете - наука, се под капа на министерствата за надворешни работи. Грција како потписник на Преспанскиот, ама и ЕУ, треба да укажат - нека си разговараат во Комисијата историчарите, како што разговараа Германија и Франција, Полска и Германија, ама да не може тоа да биде причина за вето. За тоа треба добра волја“, рече Сиљановска.

Владеење на правото

На прашањето -  како Македонија ќе влезе во ЕУ, претседателката вели дека тоа ќе се случи најпрво со работа на владеење на правото. „Најважниот доказ за владеењето на правото е беспоштедна битка со корупцијата и со криминалот. Нашата ќе се случи со европски стандарди во образование, во здравство, во социјална заштита (...) Добрососедството - не само ние да го покажуваме и докажуваме, туку и нашите соседи. Со помош на луѓето кои ни се пријатели, со помош на членките на ЕУ од овој регион, со помош на земјите од Вишеградската група која нѐ     познава и со помош на нашите стратешки партнери, ние мораме да исчекориме и да добиеме елан, решеност и поддршка на стандардизацијата, а не на градење на уште едно sui generis решение какво што нема никаде“, рече Сиљановска.

Од другата страна на границата отфрлаат можност за  какво било посредништво на ЕУ  за решавање на проблемот меѓу Софија и Скопје, и повикуваат РСМ да си ги заврши веќе преземените обврски.

Оттаму не гледаат благонаклоно кон антифашистичката легитимациска „картичка“ на РСМ и прославата на 11-ти Октомври, со оглед дека Бугарија во тој период била на спротивната страна.

Но, тоа е единствената причина за искри меѓу двете земји. Последните тензии се зголемија по неофицијалната средба и фотографирање на Сиљановска со нејзиниот бугарски колега Румен Радев во Софија, при што не беше истакнато македонското знаме. Тоа предизвика размена на критики меѓу Скопје и Софија, кои поради изборната кампања во соседната земја добија уште посилен призвук, а кулминираа со едногласно усвоена декларација во Народното собрание.

Во Брисел ќе се одржи средба на која тема ќе биде бугарско-македонскиот дел од Коридорот 8Фотографија: Elona Elezi/DW

Првиот лакмус

Првите сигнали во која насока ќе се движат работите, ќе може да се насетат кон крајот на октомври, кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе биде во неколкудневна турнеја низ земјите од Западен Балкан, а според најавите планира да ја посети и Северна Македонија.

Но, пред тоа, во Брисел ќе се одржи средба на која тема ќе биде бугарско-македонскиот дел од  Коридорот 8.  Како што соопшти бугарското Министерство за транспорт, средбата треба да се одржи на 16-ти октомври на ниво на заменици- министри од двете земји со претставници на Европската комисија. Ќе се разговара за сегашните и идни активности поврзани со имплементацијата на Коридорот 8 од двете страни на границата.

„За тврдењата на Скопје дека не знаат каде ќе влезе железничката линија во Бугарија,  од министерството наведуваат: ‘Делот од станицата Гуешево до влезот на трансграничниот тунел Деве Баир е вклучен за реализација во тековниот програмски период на Програмата „Транспортно поврзување“ 2021-2027. Проектот треба да биде завршен до 2030 година. Во моментов приоритетно се разработуваат проектите од станицата Гуешево до влезот во тунелот „Деве Баир“, објави БНР.

Токму на овој ден, 11-ти октомври во 1994 година за првпат почна изградбата на пругата Куманово - Бељаковце - Деве Баир кон Бугарија. Триесет години подоцна пругата сѐ уште не е изградена.

По долг застој, на 11-ти октомври 2022 година во Брисел беа презентирани домашните капитални инвестиции во железничката инфраструктура, а набрзо потоа почнаа и градежните работи на оваа пруга. Фактот дека земјата до денес остана без железничко поврзување со Бугарија, во изминатиот период неретко беше ставан и во политички контекст, со забелешки за недостиг од волја за градење и транспортни и патнички врски меѓу двете земји.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми