Претседателката будно ја следи аферата со прислушувањето
11 септември 2025
„Во ниту еден момент нема да дозволам да се поткопаат темелите на внатрешната и надворешната безбедност на Македонија, затоа што довербата во безбедносниот систем е темел на секоја држава“, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова, којашто будно ја следи „аферата за незаконското прислушување и следење од страна на група вработени во АНБ на личности од опозицијата, премиерот и неговото семејство, други политичари, обвинители, новинари, бизнисмени, во периодот од 2019 година до 2024 година“.
Во изјава за „Слободен печат“ таа порачува дека безбедносниот систем не е арена за партиски препукувања ниту за партиски агентури.
„Тоа се строго професионални институции, посебни органи на државната власт каде што апсолутно е забрането политичко или партиско здружување и дејствување“, вели Сиљановска Давкова, откако потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски ја прозва да реагира за злоупотребите во Агенцијата за разузнавање (АР).
Таа не се осврнува конкретно на злоупотребите во АР, која е под нејзина надлежност, но ова е прв нејзин став откако излезе аферата за следење на политичари, новинари и бизнисмени.
Пратениците во АНБ и АР
Изјавата следи откако во јавноста се појавија информации дека во периодот од 2019 до 2024 година се прислушувале функционери, новинари и бизнисмени. Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изрази сомнеж дека биле следени и неговите деца, поради што побара одговорност за незаконското следење. Опозициската СДСМ, пак, не се откажува од барањето за декласифицирање на документите со цел да се открие вистината за „случајот АНБ“.
Собраниска комисија за надзор над работата на АНБ и АР веќе два дена врши увид во просториите на овие органи, а за тоа е известено и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ЈОГОКК), коешто веќе отворило предистражна постапка.
Тешко кривично дело и напад на демократијата
„Секое незаконско следење или прислушување претставува тешко кривично дело и напад врз демократијата. Затоа, најважно е институциите и органите на прогонот независно и професионално да ја истераат истрагата до крај. Се работи за многу чувствителна материја – тоа се класифицирани информации и каква било нивна компромитација спротивно на Законот за класифицирани информации би наштетила на текот на истрагата и би предизвикала директно попречување на органите што постапуваат“, порачува претседателката и додава: „Никој, ниту во Агенцијата за разузнавање, ниту во Агенцијата за национална безбедност, ниту во кој било друг орган, нема право да ја злоупотребува државата за лични или партиски цели“.
Но, лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција во четвртокот (11.09) рече дека и покрај тоа што пратениците имале безбедносни сертификати, не им бил дозволен увид во документите со што се крши Уставот.
Тој порача дека за време на нивното владеење немало никаква злоупотреба, ниту незаконско следење и прислушување, туку дека станува збор за обид за конструирање на афера во предизборната атмосфера.