1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почит за македонските Евреи депортирани во логорот Треблинка

МИА
10 март 2026

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова денеска оддаде почит кон жртвите и положи венец пред спомен-обележјето посветено на 7.144 македонски Евреи депортирани од фашистите во логорот на смртта „Треблинка“.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова положи венец пред спомен-обележјето посветено на македонските Евреи депортирани од фашистите во логорот „Треблинка“Фотографија: North Macedonia

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на комеморацијата за 7.144 македонски Евреи депортирани од фашистите во логорот на смртта „Треблинка“ во 1943 година. Комеморацијата се одржа во Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“ во Полска.

Претседателката оддаде почит кон жртвите и положи венец пред спомен-обележјето посветено на македонските Евреи. Според соопштението на претседателскиот кабинет, Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите порача дека „застанати пред амбисот на злото, нема да дозволиме историски ревизионизам и фалсификување на вистината за Холокаустот на македонските Евреи“.

„Овде стоиме над еден доказ или амбис на злото. Сите веруваме и ветуваме дека нема да дозволиме историски ревизионизам. Не може да разубавите зло, бидејќи докази за злото има и дома, ама докази за злото има и овде. Нивните домови се кај нас, стојат нивните куќи. Неслучајно ние имаме меморијален центар на Холокаустот. Неслучајно сите знаат каде беше еврејското маало. Неслучајно сите ги памтат прекрасните луѓе. Тој прекрасен ум бил отстранет од некој ужасен, нечовечки, злобен ум.

Затоа ние честопати велиме дека не смее да се фалсификува вистината, не смее да се разубавува вистината, оти невозможно е од злото да направите добро. Тоа никој не успеал. Ние, среде Скопје, имаме три урни со пепел од Треблинка. Значи, ние имаме дел од меморијата што е овде. Таа постојано нѐ потсетува на прекрасните луѓе чии животи завршија заради некои болни умови. Значи, јас од овде верувам и ветувам дека секоја година во ова време, ние мора да се најдеме со нашите македонски Евреи, овде, на ова ужасно место. И дома да ја кажеме таа многу, многу тажна приказна. Меѓутоа, приказна која покажува дека дури и овде ние сме свесни дека нивниот дух е таму со нас. Ама и нивниот дух е и низ Полска и секаде. Нивниот дух потсетува, нивниот дух опоменува и затоа треба да го негуваме тој дух“, изјави македонската претседателка.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“Фотографија: North Macedonia

Претседателката положи цвеќе и пред централниот споменик во Треблинка, ја разгледа музејската поставка и оствари средба со директорот на Меморијалниот и музејски комплекс, Едвард Куповка. Таа го поздрави поставувањето на новиот ѕид на којшто ќе бидат напишани сите познати имиња на убиените Евреи во Треблинка, вклучително и имињата на македонските Евреи. Во Варшава, претседателката положи венец пред споменикот посветен на жртвите на Варшавското гето.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми