Земјотрес во северен Авганистан - бројни жртви и повредени
3 ноември 2025
Земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала го потресе северен Авганистан. Според Геолошкиот завод на САД, потресот се случил ноќеска во близина на градот Мазар-и-Шариф во покраината Балх на длабочина од 28 километри. Геолошкиот завод на САД првично пријави длабочина од 10 километри, но набргу потоа го коригираше тоа.
Повеќе од 20 лица загинале во покраините Саманган и Балх, објави Министерството за здравство, околу 320 лица се повредени. Ова е прелиминарна проценка.
Земјотресот бил почувствуван дури до главниот град Кабул, на околу 300 километри оддалеченост, според дописниците на АФП. Локалните власти објавија телефонски броеви за контакт во итни случаи за погодените граѓани.
Во Мазар-и-Шариф, многу луѓе истрчале на улиците од страв дека нивните домови ќе се урнат, објави дописник на АФП. Се јавува и дека земјотресот уништил дел од светилиштето на Мазар-и-Шариф, како што изјави Хаџи Заид, портпарол на покраината Балх, мислејќи на Сината џамија.
Минатиот септември, земјотрес со јачина од 6,0 степени во источен Авганистан предизвика смрт на повеќе од 2.200 луѓе. Пред две години, во земјотрес во регионот Херат, во близина на иранската граница, загинаа повеќе од 1.500 луѓе и беа уништени повеќе од 63.000 домови.
Во земјата, која се наоѓа на пресекот на две тектонски плочи во планините Хиндукуш, често се случуваат земјотреси. Од 1900 година, според Британскиот геолошки завод, се регистрирани дванаесет земјотреси со јачина поголема од 7,0 степени.