1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Силни светла и долги сенки од посетата на Брнс

29 август 2024

Упатно е да се демистифицираат неколку аспекти на посетата на шефот на ЦИА, Вилијам Брнс на Балканот. Пишува Арсим Зеколи

Вилијам Брнс, директор на ЦИАФотографија: Tom Williams/AP/picture alliance

Директорот на ЦИА, Вилијам Брнс, го посети регионот. Во посета која воедно беше пречекана со пофалби дека САД остануваат посветени на регионот, стабилноста и мирот, воедно пропратено со фаталистички аларми дека посетите на ЦИА-шефови никогаш не се на арно, безмалку како гаврани предвесници на војни и конфликти. Среде сета канонада анализи и коментари, единствениот кој не се огласи беше – самиот Брнс. 

Упатно е затоа да се демистифицираат неколку аспекти на таа посета. За почеток, со потсетување дека ЦИА, како и БНД, МИ‚ ДГСГ и секоја разузнавачка агенција се први партнер агенции на регионалните разузнавачи. Престојот на Брнс може да се смета и како возвратна посета на балканските колеги кои исто така биле во службени посети на Ленгли. Фаталистички негативните конотации кои редовно се поврзуваат со „Компанијата“ се резидуални остатоци од едноумието и дел од пропагандните ривалски агенди.

Според домашните анализи и коментари, причината за посетата на Брнс се Додик и мостот во Митровица. И тоа е мантрата која - со сета памет - се повторуваше денови со ред, од Загреб до Софија (Скопје, имено, не беше тука!). Таквата елаборација, од призмата на жабата, не се совпаѓа со широчината на погледите од висина на Авакс-мониторите.

Природата на посетата е дел од поширокиот контекст на активностите на американската администрација поврзани со позадинскитеслучувања во Украина и Блискиот Исток. Посетата на Брнс паралелно се одвиваше со оние на државниот секретар Ентони Блинкен на Блискиот Исток. Изборот на дестинации е базиран врз искуствата и познавањата на Брнс за Балканот и познавањата на Блинкен за Блискиот Исток. Во обата примера, делегираните претставници се одраз на искуствата на претседателот Џо Бајден со двата региона и познавањето на (не)сериозноста на државите и политичарите од двата региони.

Посетата на Босна, Србија и Косово и непосетувањето на останатите регионални држави е диктирано од фактот што трите земји се единствените сѐ уште оставени надвор од мултилатералните воено-политички сојузи (НАТО, ЕУ), додека пак останатите се дел од безбедносно-разузнавачка меѓузависност и информативна мрежа во рамките на Алијансата. Кажано поинаку, Брнс беше во посета на три држави. Но од призма на Вашингтон, од призма на кризната поврзаност и од призма на американските интереси, директорот на ЦИА повеќе беше во посета на регионот, отколку на трите држави. 

Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Друг елемент на посетата на Брнс е што таа се случува во период на нагласено незадоволство и збунетост на домашните политички општества од дејствувањата на врвните дипломатски претставници на САД во регионот, како и во расчекорот помеѓу заминувањето на Габриел Ескобар и настапувањето на Александар Касаноф, новиот претставник на САД за Западен Балкан. Сѐ погласните критики на либералните кругови (во Белград, Приштина) околу „политиките“ на Крис Хил и Џеф Ховениер, отворениот конфликт помеѓу Додик и амбасадорот Марфи во Босна, опозициските горки искуства со амбасадорката Ким во Тирана, чудното одлагање на предложениот кандидат за амбасадор во Подгорица (по потекло од Северна Македонија), како и несреќните злоупотреби на дипломатската дискреција од страна на минатите и сегашните највисоки државни претставници во однос на Кале, создаваат севкупна слика и повод за директно, in situ, согледување на состојбите, причините и разрешниците на таквите, сепак непријатни предизвици за американската дипломатија. Притоа, не треба да се изуми дека сегашниот директор на ЦИА, Вилијам Брнс, е воедно и еден од врвните дипломатски ветерани и докажани академци (заедно со Николас Брнс и Даниел Фрид) на САД. Притоа, иако можеби не директно поврзано, деновиве повеќето амбасади во регионот добија нови заменици шефови на мисии, со интересен дипломатски бекграунд и искуства.

Значаен детаљ на посетата

Упатно е да се укаже и на малиот, но значаен детаљ од севкупната посета, која започна на 20 август и заврши на 23 август 2024. Доколку секоја посета траела во просек 90 минути, тоа значи дека Брнс потрошил севкупно или цирка 360 минути, или пак сѐ на сѐ 6 часа на средби со државните раководства во Сараево, Белград, Приштина. Прашањето кое се наметнува е – на што била потрошена главнината на четиридневната посета и престој на Брнс во регионот? Прашањето е битно. Но одговорот е – длабоко сум убеден – познат на екстремно мал број луѓе, во кои е прашање дали може да се вклучат и самите врвни претставници на домашните влади. Секоја „доверлива информација“ за тој дел од посетата е едноставно шпекулација или обична лага.

Таквата дилема е секако добредојдена за развивање на секакви теории на заговор и вртоглави шпекулации. Кои се секако атрактивни за возбудување наспроти поприземните и реални причини во позадината. А тоа е дека Брнс беше во посета диктирана од потребата за зачувување на американските национални интереси, во регион покриен со американската воена и мека моќ. Особено во пресрет на претстојните избори во САД и горките искуства со домашните хакери, идеолошки, стратешки, религиски или криминални актери. Навидум заинтересирани за победа на овој или оној кандидат, но всушност полни со желба и надеж за предизвикување хаос и раздор во земјата отаде Атлантикот. А за таквите предизвици, поштенскиот фах не се наоѓа на 2201 C Street, NW туку во Langley, Virginia.

Во секоја случај, престојот на Брнс, подеднакво како и посетите на Борис Руге, помошник на генералниот секретар на НАТО за политика и безбедносни прашања, како и посетата на адмирал Стјуарт Б. Мунч, командант на здружените сили во Неапол, се досега ретко виден трилинг на Principals од воено-безбедносната компонента на западниот сојуз на Балканите. Кој може да се толкува како причина за загриженост за можните предизвици во регионот, подеднакво колку што може да се разбере и како демонстрација на решителноста на НАТО, САД, па и ЦИА истите да се спречат или стават под контрола. Во состојба во која ЕУ делува незаинтересирана, неспособна, политикантски заглибена или корумпирана за сериозен ангажман во регионот, овие посети се пополнување на вакуумот создаден од Брисел и потврда дека иако сме заборавени од евро-дипломатијата, некој сѐ уште мисли на нас.  

(Де)стабилизатори

Во секоја друга прилика, заобиколувањето на Скопје од ваквите гости би било интерпретирано како доказ дека – како што веќе наведов – бивајќи земја членка на НАТО, ние сме веќе вклучени во безбедносниот институционален чадор и систем на одбрана. За жал, реалноста на имање Влада со дискутабилна прозападна ориентација, нелегална Претседателка која именува Врховни команданти и сомнителни раководства во разузнавањето, историја на еднаш-во-десет години разоткривање на домашните тајни служби и агенти под политички азили ширум континентот, прашање е дали заобиколувањето е само контекстуално или пак претпазливо? Дотолку повеќе што алармите за можна дестабилизација на земјата беа вклучени од самиот Премиер.

Можеби Брнс требаше да ја посети Северна Македонија, колку на Премиерот да му подари убав, од крокодилска кожа изработен ремен за панталоните кои ги држи со рака уште од самото зачленување во Алијансата. Но бидејќи не дојде, останува некој друг да го потсети Премиерот дека неговата земја доскора претседаваше со Организацијата за безбедност и соработка, предводена од човек кој е добро познат на западната дипломатија и безбедност, номиниран од партија која – минус корупцијата и криминалот – е сепак ценета за конструктивниот однос кон вклучувањето на земјата во меѓународни безбедносни структури. Што не може да се каже и за партијата на Премиерот.

И на крај, некој треба да го потсети Премиерот, сосе Шефицата на непостоечката држава, дека смислата на дестабилизацијата има различен призвук кога доаѓа од устите и замислите на некој кој култивира ексклузивно топли односи со една не-НАТО земја членка, додека пак соседските НАТО-партнери ги смета за безмалку непријатели. Во таквиот контекст, дестабилизаторите се континуитет на стабилноста. Додека пак стабилизаторите се, па, предмет на опсервација. И санитарна дистанца.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми