1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Минималецот „плаче“ за нова формула!

Костадин Делимитов
10 февруари 2026

Системското решение за минималната плата е на стаклени нозе откако синдикатот фрли се на една карта. Судирот станува уште потежок, но не и нерешлив ако владата ги седне социјалните партнери на маса, коментираат упатените

Десетици луѓе со синдикални знамиња на протест пред зградата на македонското Собрание
Цела недела, работниците преку блокади ќе им дишат во врат на пратениците во Собранието, бизнисмените и владините министри за 600 евра минималецФотографија: Petr Stojanovski/DW

Сојузот на синдикати го радикализира притисокот во битката за минималната плата. Цела недела, работниците преку блокади ќе им дишат во врат на пратениците во Собранието, бизнисмените и владините министри за 600 евра минималец и зголемување на сите плати по 6.000 денари. Во дијалогот на глуви, ССМ стартува операција со која практично фрла се на една карта во обид да издејствува пресврт. Ваквата стратегија дефинитивно ќе го поремети функционирањето на институциите, но дали ќе донесе и пробив во спорот е дилема ако се имаат предвид позициите на Владата и работодавачите, кои се дијаметрално спротивни од оние на синдикатот.

Како да се реши проблемот?

Како тогаш да се реши проблемот и дали има шанси за релаксирање во радикализацијата е сериозна дилема која ги мачи сите во државата. Експертите се загрижени и со право оти вака поставен судирот е многу тешко решлив, особено со актуелното законско решение за корекција на минималецот по формулата 50% од растот на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот кое синдикатот никако не го прифаќа. Дел од упатените не се изненадени ако се имаат предвид и податоците за динамиката на растот на платите.

„ Од јануари до ноември 2025 година, просечната нето-плата беше 45049 денари или 4016 денари повеќе во однос на истиот период во 2024 година. Истовремено, минималната нето-плата се зголеми за само 1917 денари во истиот период. Кога значајно се продлабочува разликата меѓу минималната и просечната нето-плата, се нарушува довербата во системското решение и сосема очекувано, синдикатите реагираат со барања за нов модел и нови преговори“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Александар Стојков.

Ниски плати, големи предизвици

Проблемот според него е комплексен и предизвикувачки за решавање. Посебно во услови кога платите се реално ниски, а од друга страна и големите предизвици за стопанствениците да се прифати барањето на синдикатите:

„ Месечната минимална нето-плата од 24.379 денари не обезбедува достоинствен животен стандард и јасно е дека мора да се покачи. Од удобните канцелариски фотелји обично се слуша стандардниот став дека платите треба да растат во чекор со продуктивноста на трудот, иако ретко кој би можел да си замисли да живее со толку ниска плата. Причините за ова се бараат во ниската продуктивност на трудот, за што кај нас не се одговорни само работниците. Кај дел од работодавачите постои отпор бидејќи нема да можат финансиски да го издржат трошокот предизвикан од таквиот пораст на минималната плата во една година. Порастот нема да се однесува само на примателите на минимална плата, бидејќи кога се зголемува минималната плата, се зголемува и компресијата на платите. Најниско платените работници се доближуваат со платите до повисоко платените работници, па така, и повисоко платените работници бараат покачување. Овој домино ефект е главниот проблем, односно вкупниот пораст на платите лесно може да стане финансиски неиздржлив за многу фирми. Повеќе претставници на бизнис секторот, во приватни разговори, се доверуваат дека би можеле финансиски да „издржат“ покачување на минималната нето-плата во 2026 година од околу 3.500 денари на месечно ниво, но не повеќе од тоа. Тоа е далеку под бараниот пораст од околу 12.300 денари“, укажува Стојков.   

Покрај минималец од 600 евра сиднсикатите бараат и зголемување на сите плати по 6.000 денари.Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

ЕУ искуства, дијалог и солидарност

Во ваква поставеност решенијата според професорот Стојков треба да се бараат во искуствата на државите од Европската унија. На пример, Директивата 2022/2041 која вели дека една од целите на минималната плата е да обезбеди материјална основа за достоинствен животен стандард. Стојков укажува и на препораките барем 80% од работниците да бидат синдикално организирани и заштитени со колективни договори. Сепак она што е клучно според него е да се даде шанса на дијалогот, како единствено разумно решение за да се дојде до одреден компромис:

„Треба да се даде уште шанса на дијалогот и аргументите. Освен тоа, би можело да се разговара и за промена на системското решение, така што месечната нето-плата би го следела само порастот на просечната нето-плата, или пак, минималната плата би се утврдила како фиксен процент од просечната нето-плата исплатена во претходната година. Постојат модели кои утврдуваат износ на минималната плата како процент од медијалната плата, односно платата што ја прима вработениот кој се наоѓа точно во средината на распределбата на платите. Трите страни имаат свои аргументи, ама компромис мора да се најде. Како општество, мора да покажеме повеќе солидарност и емпатија кон најниско платените и најранливите категории работници“, нагласува професорот Стојков.

Закана за конкурентноста

Дека судирот станува уште потежок, но не и нерешлив смета и универзитетскиот професор Димитар Николоски. Барањата на синдикатите според него се оправдани од аспект на синдикално делување, но од друга страна и заканувачки за конкурентноста на фирмите:

„Она што го бараат синдикатите во моментов е дискреционо, или би рекол надвор од она што законски е обврска да се направи. Дали е тоа оправдано или не, за нив е легитимно барање. Но како истражувач кој ги следам сите параметри на пазарот на трудот, вклучително и продуктивноста на трудот и во колкава мера компаниите би биле во можност да ги исплатат овие таквите повисоки плати за 40 до 50% можам да кажам дека е ризик. Вака поставено барањето на синдикатите е драстично и над можностите на компаниите. Особено на оние, кои имаат ниска продуктивност. Некои можеби тоа и ќе го поднесат, но не сите што е меч со две острици. Од една страна да имаме повисоки плати, а од друга компании кои ќе бидат соочени со неможност да исплаќаат плати, па да почнат да отпуштаат вработени и да одат во банкрот. Тоа е сериозен ризик и би ја нарушило конкурентноста. Дополнително таквото драстично зголемување би можело брзо да се прелее и врз цените на производите што би ја подгреало и инфлацијата.“, предупредува во изјава за Дојче веле универзитетскиот професор Димитар Николоски.  

Медијација од Владата

Затоа според Николоски наместо драстичен скок на платите, подобро е решението да се бара преку дијалог во кој Владата би ги седнала на маса двете страни и заеднички да се дискутира макар и за нова поинаква формула за пресметка на минималната плата:

„Владата треба да биде медијатор, да ги сослуша и едните и другите и во својата медијаторска улога да го најде најоптималното решение. Бидејќи ако тоа стане законско решение, кое треба да помине во Парламент, повторно на крајот зборуваме за политичка одлука, што значи дека Владата треба да застане зад тоа што ќе се донесе како решение, но да биде медијатор. Но ако двете страни влечат на своја страна решение нема никогаш да се најде. Затоа во случајов таква медијација е неопходна, бидејќи синдикатите бараат подрастично зголемување од законското. Но прашањето е колку е тоа можно и тоа треба да се земе во предвид да се преговара преку некоја друга формула. Да не биде на пример сегашната формула 50% од растот на просекот плус 50% од растот на трошоците за живот, туку на пример 70% со 70% или можеби и поголем процент, за да биде во согласност со потребата од одржување на тој минимум животен стандард на најниско платените работници“, укажува Николоски.  

Решението треба да се бара преку дијалог во кој Владата би ги седнала на маса двете страни и заеднички да се дискутира макар и за нова поинаква формула за пресметка на минималната платаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Декретот е илузорен

Но што е со останатите плати за кои синдикатот инсистира да се зголемат за 6.000 денари? Според професорот Николоски, тоа не може да биде прашање на условување, посебно не во економија која функционира на пазарни услови:

„Не може со платите да се зголемат со декрет, туку по автоматизам по зголемувањето на минималната плата се повлекува постепено зголемување и на останатите плати, за да се одржи тој сооднос на повисоко во однос на пониско платените. Секогаш порастот на минималната плата со извесен одложен ефект се одразува на сите останати плати, а со декрет во пазарна економија е илузорно да наложите на која било компанија да ги зголеми платите во случајов за 100 евра. Секоја компанија согласно своја конкурентност и трошоци си ја утврдува цената на трудот. Затоа имаме повеќе или помалку атрактивни компании за платите“, предупредува Николоски.

Минималецот не е економска категорија

Дел од експертската јавност пак предупредува дека минималната плата не е економска категорија и со неа мора да се внимава:

„Концептот на минимална плата не е економска, пазарна категорија. Тоа е клучна работа и истата е многу осетлива за примена. Идејата со неа е да се зголеми општото ниво на плати, но таа не се базира на реални економски параметри, продуктивност, ефикасност, туку на субјективна одлука на државата“, укажува во изјава за Дојче веле универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Од тој аспект истата според него е сериозна кога се применува затоа што има најмалку две последици: 

„Прво, порастот на минималната плата влијае на зголемување на стапката на невработеност, оти има фирми кои не можат тоа да го следат и ќе намалат вработеност. Од друга страна, оние кои решиле да студираат се мотивираат да најдат работа поради високиот минималец и на тој начин се зголемува бројот на оние кои бараат работа. Ако таа се вади од ракав без да кореспондира со проуктивноста, дефинитивно тогаш се бара инфлација. Затоа не се препорачува. Да, како административна мерка може да се користи одреден период и таа донесе одреден раст на платите, но тоа не може да биде бесконечно и да се лицитира според желби и интереси. Овдека е јасно дека се лицитира повеќе за политички поени“, предупредува професорот Ивановски. 

ССМ стартува операција со која практично фрла се на една карта во обид да издејствува пресврт околу минималната платаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Минималецот и паритетот на куповната моќ

Минималната плата во Северна Македонија изнесува 397 евра и е една од најниските во регионот. Согласно законото, секој март таа се зголемува за половина од зголемувањето на просечната плата, односно 50% од трошоците за живот, што годинава треба да достигне околу 1600 денари. Колкав број од вработените ја примаат прецизни податоци нема, но проценките се дека станува збор за неколку десетина илјади. Пресметките на синдикатот се дека нејзината вредност е безмалку тројно пониска од месечната потрошувачка кошничка. Сепак фактите зборуваат дека таа е утврдена согласно закон со кој нејзината вредност е на ниво од 57% од вредноста на просечната минимална плата, што според надлежните во Владата е повисок процент и од поголем број земји во Европската унија. Дополнителен адут на Владата во стратегијата за нејзиното утврдување се и податоците во делот на паритетот на куповната моќ кои ги објавува Еуростат, а според кои државата стоела многу подобро од некои од земјите во регионот, па дури и од членки во Европската унија како Бугарија, Чешка, Латвија и Естонија.  

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми