1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕвропа

Европа наголемо се вооружува

Кристоф Хаселбах
13 март 2023

Првенствено како последица на војната во Украина, увозот на оружје во Европа значително пораснал, известува Стокхолмскиот институт СИПРИ. Наспроти тоа во другите делови на светот, набавките на оружје се намалиле.

Американските борбени авиони од типот  Ф-16 биле продадени во многу земји: на фотографијата авиони Ф-16  на тајванските воздухопловни сили
Американските борбени авиони од типот Ф-16 биле продадени во многу земји: на фотографијата авиони Ф-16 на тајванските воздухопловни силиФотографија: PATRICK LIN/AFP/Getty Images

Светот како целина се разоружува, Европа се вооружува и тоа драстично. Резултатите од последниот извештај на Меѓународниот институт за истражување на мирот од Стокхолм (СИПРИ) може да се сумираат во оваа формула. Шведскиот институт ја испитува и споредува глобалната трговија со оружје во периоди од четири години. На секои четири години, бидејќи трговијата со оружје често флуктуира многу во поединечни години и затоа, според мислењето на СИПРИI, подолгите временски периоди подобро го отсликуваат развојот на настаните.

„Трансферите со оружје во последните четири години значително се зголемени во европските држави“, вели за ДВ Питер Вецеман, истражувач во СИПРИ. „Улогата на САД како глобален испорачувач на оружје, исто така, јасно се зголеми.“

Европските држави во последните 4 години (2018-2022) набавиле 47 насто повеќе оружје од увоз отколку во четирите години претходно (2013-2017). Европските членки на НАТО го зголемиле увозот за дури 65 отсто.

На крилјата на оваа европска трка во вооружување, во целиот свет се зголемиле трошоците за оружје за 5 насто - иако на другите континенти е забележан пад. Извештајот го опфаќа само извезеното оружје, значи не кога на пример американската војска набавува оружје од домашно производтсво.

Бум поради војната во Украина

Главна причина за огромниот скок во Европа е војната во Украина, што ја доведе оваа земја во минатата година на третото место во светот по набавка на вооружување.

СИПРИ во извештајот ги набљудува сите „трансфери на вооружување“, што подразбира и купување и бесплатна воена помош каква што му се става на располагање на Киев. Институтот потоа ја проценува вредноста на тоа вооружување.

Борбен тенк Леопард 2: Украина бесплатно ги добива повеќето западни оружени системиФотографија: Martin Meissner/AP Photo/picture alliance

Тоа значи дека САД, на пример, минатата година, и покрај големата воена помош за Украина, голема вредност оружје извезле во Кувајт, Саудиска Арабија, Катар и во Јапонија. Но, додека овие земји добиваат најмодерни скапи системи, во Украина се испраќа половно оружје од арсеналот на САД чија вредност е пониска.

Редоследот на петте најголеми извозници на оружје не се менува. По неприкосновените САД, следат Русија, Франција, Кина и Германија.

Но, променето е тоа што Американците во периодот од 4 години го зголемиле извозот за дополнителни 14 отсто и сега на нивното вооружување отпаѓаат 40 насто од глобалниот извоз. Франција ја зголемила својата продажба за дури 44 отсто и го зазема третото место.

Како што велат од СИПРИ, таквите големи промени во проценти не се необични кај вооружувањето, бидејќи често зависат од една или две големи и скапи нарачки.

Но, како што вели Вецеман, за растот на француската индустрија има структурни причини. „Франција силно ја поттикнува својата наменска индустрија и со тоа во последната деценија постигнува големи успеси.“

Кина не продира на големите пазари

Во истиот период германскиот извоз опаднал за 35 насто, а кинескиот за 23. „На Кина не ѝ успеа да продре на некои големи пазари, во некои случаи тоа има јасни политички причини“, вели овој истражувач. На пример, Кина не продава во соседна Индија која спаѓа меѓу големите купувачи.

„Изненадувачки е пак што Кина не успеа да се избори со конкуренцијата од САД и од Европа ни во во повеќето земји од Блискиот и од Средниот Исток“, додава Вецеман.

Меѓу континентите, Африка забележала најголем пад на увозот од 40 проценти. Тоа, како што вели нашиот соговорник, не е во директна врска со бројот на вооружени конфликти. „Тамошните земји не можат да си дозволат многу вооружување со висока технологија, затоа вредноста на трансферот на оружје не е толку голема колку што би се мислело по бројот на конфликти.“

Расте влијанието на Русија во Африка: Портрет на Путин во Мали, неколку дена пред почетокот на инвазијата врз УкраинаФотографија: Florent Verges/AFP

Истражувачите забележуваат дека Русија ја престигнала Кина како главен извезувач за подсахарска Африка, што особено се збележува по државните удари во Мали. Исто така, Турција набавила значително помалку оружје од САД.

САД остануваат убедливо број 1

СИПРИ ѕирна и во порачките на скапо оружје како авиони, воени бродови, носачи на авиони и подморници за наредниот период.

Според нивната анализа, САД ќе останат далеку најголем извозник. Околу 60 отсто од сите нарачани борбени авиони и хеликоптери се од американско производство. Само минатата година 13 држави нарачале 376 такви американски летала.

Франција бележи голем број нарачки, додека германски летала не нарачал никој, но затоа нарачани се бродови. Русија има релативно малку нарачки што се објаснува со тоа што на домашната војска ѝ е потребно повеќе вооружување, па има помалку за продажба.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми