1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Широк фронт за заштита на кафеавата мечка

ДТЗ
2 октомври 2023

Активистите за заштита на дивите животни алармираат дека се создава притисок за драстични мерки што сериозно може да го загрози опстанокот на кафеавата мечка.

мечки
Широк фронт за заштита на кафеавата мечкаФотографија: picture-alliance/dpa

Ирфан Селими веќе петнаесетина години се грижи за десетици кафеави мечки кои што гравитираат на подрачјето на Шар Планина, особено на потегот околу тетовското село Доброште. Со буриња тешки по 100 килограми, полни со пченка, постојано прави дотур на храна на два пунка во планината за мечките и нивните младенчиња, особено во години како оваа, кога има недостиг на храна во природата. Јаболка и марули се оставаат на повеќе локации - вели дека нив мечките особено ги сакаат. 

„Бурињата со пченка се штелувани автоматски да исфрлаат храна двапати во денот. Во моментот има околу 24 мечки  и мечиња за коишто се грижиме“, вели Селими за Дојче веле. Тој е претседател на здружението „Шара беар“, коешто изминативе години води битка на два фронта - како да се заштити кафеавата мечка, која често е мета на отстрел, но и како да се заштитат активистите, кои место да добијат помош се изложени на осуда и напади. 

Има ли решение? 

„Решението е да се обезбеди храна за мечките за да се преброди оваа тешка година кога немаше доволно овошје во природата, а не да се застрелуваат. Пчеларите треба да преземат мерки самите и да постават заштитни мрежи, а не со сила да се прави хајка за мечките кои отсекогаш ги имало тука. Често им се префрла вина за штети кои не ги предизвикале. И постарите жители на селата сведочат дека до сега не се случило мечка да нападне некого од мештаните“, вели Селими. 

Тој апелира што повеќе граѓани да го следат неговиот пример - да обезбедат храна и да се грижат за дивите животни, особено мечките, а не да посегнуваат по нивниот живот. 

„Пчеларите место да вложат 200 евра за заштитна ограда, постојано се жалат дека имаат штета од мечките. Се создава притисок за драстични мерки што сериозно може да го загрози опстанокот на овој вид“, вели нашиот соговорник. 

Колективен притисок 

Тој е револтиран поради притисокот кој се создава во јавноста дека едно од решенијата за намалување на популацијата на кафеавата мечка е во нејзиниот отстрел. На иста линија се и другите активисти за заштита на животните кои деновиве повикаа да се престане со колективниот притисок за отстрел на дел од популацијата на кафеавата мечка во националните паркови, најизразено во Маврово.

Од здружението Анима мунди порачаа дека мечката е важен и витален дел од националните паркови т.н. инженер на екосистемот. Таа го одржува балансот во екосистемот и ја зголемува вегетацијата во шумите. 

Веќе подолг период жителите на неколку села што се протегаат во националните паркови алармираат за присуство на заштитената кафеавата мечка која во потрага по храна талка по населени места и претура по кантите за отпадоции и дивите депонии. 

Но, според Анима мунди, поради незаинтересираноста на надлежните институции чија заштита на овие и сите диви животни постои само на хартија, состојбата кулминираше дотаму каде што немилосрдно беа убиени три мечки на дива депонија обидувајќи се да се прехранат. 

Проблемот се лоцира во несоодветното управување со комуналниот отпад во руралните населени места и несоодветното финансирање на националните паркови кое би осигурало ефикасна ренџерска служба, а која од своја страна би применила низа мерки за одвраќање на мечките односно нивно задржување во природното живеалиште.

Активистите се против отстрел на мечките под притисок на јавноста, пред да применат други мерки коишто би дале ефект. Фотографија: Jakub Mrocek/Zoonar/picture alliance

Да не се дозволи отстрел 

Активистите се против отстрел на мечките под притисок на јавноста, пред да применат други мерки коишто би дале ефект. 

„Наместо надлежните институции со доза за сериозност да пристапат кон овој проблем, да се консултираат со експерти на оваа тема и да најдат безболно решение кое не вклучува смрт, натежнуваат кон масовно убиство на повеќе од половина од популацијата на мечки во нашите национални паркови - мерка која нема да доведе до никаков резултат, бидејќи нема да ја исклучи можноста останатиот дел од мечките да гравитираат повторно низ населените места за лесен пристап до храна од кантите за отпадоци и дивите депонии“, посочуваат од здруженијата за заштита на животни.

Тие стравуваат дека поради досега непостоечки механизам на контрола и заштита на дивите животни, ќе дојде до истребување на заштитениот вид. 

Надлежните институции деновиве се во интензивна комуникација за да се надмине проблемот со зголеменото присуство на кафеава мечка во Маврово и Ростуше која ги загрозува жителите. Како што информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, без согласност на Министерството за животна средина не може да има отстрел, а од друга страна државата мора да ја гарантира безбедноста на населението.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов во петокот потврди дека во Националниот парк Маврово, но и на други подрачја на државата е забележано зголемено присуство на кафеава мечка, а Општината Маврово и Ростуше поради ваквата ситуација побара прогласување кризна состојба.
Министерот за земјоделско, Љупчо Николовски апелишаре Законот за ловство и дивеч кој е во собраниска процедура побрзо да се донесе и да не се блокира, бидејќи во него е регулирано како се постапува кога во урбани средини и други населени места се загрозени животот на луѓето и објектите.

Законски одредби

Проценките се дека во Националниот парк Маврово има околу 160 мечки, а нормите налагаат на тој потег да има околу 70 мечки. 

Кафеавата мечка е забранета за лов и спаѓа за строго заштитен вид уште од 1996 година. Во овој момент заштитата на кафеавата мечка ја регулираат два закони. Првиот е Законот за ловство, којшто предвидува дека Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство може да го дозволи ловот на трајнозаштитен дивеч, меѓу кои спаѓаат и мечките, ако прави штета во ловиштето или на корисникот, односно сопственикот на земјиштето и водите, по претходно мислење на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Сличен член постои и во Законот за заштита на природата, каде се регулира дека отстрел на диви животни се врши врз основа на претходно добиена дозвола од министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на ловството, а врз основа на претходно добиено мислење од министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата.

 

Мечките- попишани, но недоволно заштитени

01:04

This browser does not support the video element.


 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми