1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Системот не ги решава кризите, туку капитулира пред нив!

Лука Павиќевиќ е македонски истражувач и активист.
Лука Павиќевиќ
29 јули 2023

Наместо да ги решава проблемите и кризите, македонскиот образовен систем постојано капитулира пред нив. Неколку примери од средното и високото образование, во колумната на Лука Павиќевиќ

Наместо решавање на проблемите, системот капитулира пред нивФотографија: Artur Cupak/imageBroker/picture alliance

Плиткоста и неистрајноста во спроведувањето на реформите, неработењето со кадарот и игнорирањето на материјалната состојба на училиштата спречуваат каков било проактивен ангажман за подобрување на македонското образование.

Ако ова се причините зад долгорочното разорување на просветата, тогаш еднакво погубен е начинот на кој системот реагира на краткорочните проблеми. Наместо образованието да ги решава кризите, тоа секојпат капитулира пред нив. 

„Шангајската“ стипендија 

Уште од 2011 година македонските студенти запишани на првите сто најдобро рангирани универзитети во светот според Шангајската листа добиваат стипендија од Владата. Преку оваа мошне квалитетна и позитивна мерка, кандидатите го остваруваа својот сон соочени со неправдата – да се биде доволно паметен да се биде примен, но недоволно богат за сам да си го плати студирањето.

Медиумите обелоденија дека никој не водел сметка дали добитниците на стипендијата се вратиле во Македонија и дали им било понудено работно место во јавниот сектор, а државата го платила студирањето на околу 300 лица во претходните десет години.

Значи, даночните обврзници потрошиле 24,4 милиони евра за да го спонзорираат студирањето на стотици млади луѓе, а институциите не нашле време да ги вратат овие лица во Македонија и да им понудат работи. Дури можеле да ја ефектуираат одредбата која ги обврзува кандидатите да ги вратат доделените пари во износ десетпати поголем доколку не се вратат во државата.

Што направи МОН? Не, не им се јави на досегашните стипендисти да праша каде се. Не, не ги побара парите назад за да ги казни оние што не го испочитувале договорот. Ниту пак истражи зошто државните институции и високообразовните установи не им се ставиле на располаѓање на стипендистите коишто се вратиле во Македонија.

Како се справи со кризата? Ја укина стипендијата за вториот и трет циклус студии. Остана само таа за додипломските студии, но беше драматично намалена. Ако во претходните учебни години, сите примени на најдобрите универзитети добиваа стипендија, сега бројот на стипендии е ограничен на седум.

Ваквата одлука се должеше на високиот број на примени студенти. Во 2020/2021 биле стипендирани 20 додипломци, а во 2021/2022 овој број пораснал на 29. Изминатава учебна година дури 39 бруцоши добиле стипендија.

Се шпекулираше дека пандемијата го олесни патот на странските студенти коишто конкурираат на најдобрите факултети, ама ова не е точно. Напротив, со пандемијата се зголеми бројот на кандидати, а бројот на слободни места остана ист, што значи дека  стапката на прием се намали.

Ете, наместо да се радува што сè уште оваа земја со толку урнисано образование изнедрува млади луѓе коишто му се силна конкуренција на светскиот врв, државата го ограничи бројот оти финансиската импликација станувала тегоба за буџетот.

Не се казнија тие што досега не ги спровеле одредбите од договорот, ниту тие што не ги почитувале, туку идните генерации студенти!

Државна матура или приемен испит? 

Скалило подолу или од високото кон средното образование. Можеби оваа година беше првпат јавно да се види и признае препишувањето што се случува на државната матура, но ценам дека сите колективно сме потајно свесни за тоа. 

Помалку вознемирени од ова длабоко сокриено сознание, може да забележиме дека секоја година јавноста дебатира дали треба да се задржи државната матура или да се врати приемниот испит. Чинителите во образовниот процес (средните училишта, факултетите, институциите) ги охрабруваат ваквите полемики.

Најчестиот аргумент гласи: бидејќи се препишува на државна матура, треба да се вратат приемните испити имајќи предвид дека тогаш високото образование било далеку поквалитетно одошто е сега.

Ставајќи го на страна фактот дека моделот на матурски испити е повеќе застапен во светот отколку моделот на приемни испити, што всушност ваквото размислување ни кажува за тоа како реагира системот и што граѓаните очекуваат од истиот тој систем?

Ни вели дека образованието не може да се справи со препишувањето, та мора да воведе приемни испити. А кој пак ни гарантира дека нема да има препишување, корупција и непотизам на овие нови приемни испити? Проблемот не се решава, туку системот се предава. 

Oбразованието не може да се справи со препишувањето, та мора да воведе приемни испитиФотографија: Patrick Pleul/picture alliance/dpa

Матурата има свои несомнени предности. Им овозможува на учениците со еден испит да аплицираат на повеќе високообразовни институции. Проверува колку од очекуваното знаење е стекнато. Се базира на наставните програми од средното образование, ослободувајќи ги финансиско-немоќните семејства од потребата да најмуваат приватни тутори. На системот му овозможува да направи адекватна споредба на оценките од различните училишта низ земјата преку стандардизираните тестови.

Македонската реалност успева матурата, со сите нејзини силни страни, да ја претвори во малку фарсична епизода, ризикувајќи податоците од матурата да станат целосно неупотребливи.

Зошто? Затоа што не се почитуваат одредбите. Никогаш не сум ја сфаќал познатата: „Ние на хартија имаме добри закони, но праксата ни е слаба страна“. Во земја кадешто има прописи, но тие не се спроведуваат, всушност правила нема.

Државната матура треба да се полага во големи училишни простории и сали, телефоните мора да бидат целосно забранети, а за препишувањето да следуваат санкции.

Сите ли се одлични? 

Каква беше првата реакција кога се дозна дека само 11 од 292 ученици со просек 5,00 на приемниот испит во Гимназијата „Орце Николов“ ја добија највисоката оценка?

МОН најави дека размислува да воведе приемни испити или т.н. „мала матура“ за упис во сите средни училишта. Повторно, ова не е решение, туку предавање. Се адресираат симптомите, но не и причината.

Со ваков чекор државата признава дека нема контрола врз тоа како се добиваат оценки и во основното и во средното и во високото образование. Ако порано учениците се натпреварувале кој ќе има повисока оценка, сега натпреварот е кој ќе биде одличен, а кој „скроз“ одличен.

Здрав зафат за намалување на инфлацијата на оценки се состои од три чекори. Прво, потребно е создавање унифицирани критериуми и скала за секоја поединечна оценка. Второ, сегашната скала мора да се прошири за да може соодветно да ги долови нијансите во знаењата на учениците. Да речеме, од 1 до 7, или до 9, или до 12.

Последно, нужна е суштинска реформа на моделот на упис во средните училишта и на универзитетите, кој нималку не е холистички, ниту пак го признава воннаставниот ангажман на учениците, туку нив ги сведува на просек, на цифра, притоа наметнувајќи го нездравиот натпревар за „сите петки“.

Секако дека причината зад нереалните оценки и препишувањето е подлабока и тесно поврзана со партизацијата и корупцијата широкоприсутни во македонскиот образовен систем, но овие појави изискуваат посебна тема.

Сепак, пред да се решаваат овие прашања, добро би било системот следниот пат кога ќе се соочи со криза да навлезе во сржта на проблемот, а не да капитулира пред него.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

 

„Песталоци“ на универзитетот Јеил

04:13

This browser does not support the video element.

 

Лука Павиќевиќ Лука Павиќевиќ е македонски истражувач и активист. Поранешен претседател на Сојузот на средношколци.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми