1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите погледи свртени кон Вашингтон

20 јануари 2025

Премиерот Мицкоски за време на престојот во САД по повод инаугруацијата на Трамп, се сретна со бизнисменот со македонско потекло Крис Павловски, сопственик на компанијата „Рамбл“.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан МицкоскиФотографија: Government of North Macedonia

„Директно од аеродром на состанок“, објави на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски, споделувајќи и фотографија од неговата прва средба по пристигнувањето во Вашингтон.

„Имав исклучително продуктивен долг состанок со мојот пријател Крис Павловски сопственик на Рамбл (Rumble -н.з.) компанијата каде дел од акционерската структура се и Хауард Лутник, новиот министер за економија на САД и Џ.Д. Венс, потпретседател на САД, како дел од новата администрација на претседателот Трамп. Капиталот на Павловски од Форбс е проценет на 1.2 милијарди долари. Разговаравме за инвестиции на Рамбл во Македонија во делот на дигитализацијата. Имајќи предвид дека Крис има македонско потекло, Македонија е тема која е секогаш дел од нашите разговори, зборувавме за предизвиците кои се дел од сегашноста, но и иднината. Се бориме за напредок и иднина на нашите граѓани и татковината“, напиша Мицкоски.

Павловски по потекло е од ресенско, роден е во Канада, живее во САД. На средбата бил присутен и Џери Наумоф, кој од 2013 до средината на 2017 година беше министер без ресор во македонската влада, задолжен за привлекување странски инвестиции. Во 2013 година Наумоф и Павловски (во тоа време се уште млад претприемач) беа избрани за членови на Одборот на директори на Македонија 2025. Лани во јули Павловски беше дел од групата американски бизнисмени кои ја посетија Македонија и имаа средба со владиниот врв и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

За дигиталната трансформација

Тогаш од Владата објавија на кои теми се разговарало со гостите од САД.

„На средбата се разговараше за можностите за соработка во дигиталниот сектор и дигиталните реформи кои треба да ги спроведе нашата држава со цел да се подобрат услугите кон граѓаните и поедноставување на нивниот живот фокусирајќи се на дигиталната слобода и трансформација на македонското општество. Исто така, беа разговарани повеќе можности за економска соработка во различни области во државата“, наведоа од Владата.

„Станува збор за корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт и за луѓе со големо корпоративно и политичко искуство во делот на дигитална трансформација“, посочи тогаш Мицкоски, имајќи предвид дека заедно со Павловски во Македонија пристигнаа и Девин Нунес извршен директор на „Trump Media & Technology Group и Хауард Лутник, основач и извршен директор на една од водечките финансиски корпорации во САД „Cantor Fitzgerald“.

Христијан Мицкоски и Ричард Гренел во Вашингтон, 7.07.2024Фотографија: Nordmazedonischer Premierminister Hristijan Mickoski

Во Вашингтон се очекува Мицкоски повторно да се сретне со Нунес и Лутник, како и со Линда Мекмахон, предложена за министерка за образование, со Каш Пател предложен за директор на ФБИ, идниот амбасадор на САД во НАТО, Мет Витакер, Себастијан Горка, предложен за асистент на  претседателот Трамп и виш директор за контратероризам, како и со сенатори и конгресмени. За време на посетата ќе се афирмираат македонските позиции и интереси во поглед на надворешната политика и европската интеграција на земјата, како и  соработката со САД на повеќе значајни полиња. Предвидено е  Христијан Мицкоски  да има средба и со бизнисмени со македонско потекло, на кои ќе стане збор за економска соработка и можни домашни инвестиции.

Очекувања

Она што се очекува од многуте средби, како што веќе навести Мицкоски  - е да се добие слика за оптиката со која Вашингтон гледа на регионот, но и да се привлече вниманието за предностите коишто ги нуди земјата и она што се предизвици за регионот. За разлика од други лидери во регионот, тој ја има предноста да биде во  епицентарот на настаните во Вашингтон.

Кој е поканет на инаугурацијата,  а кој не и зошто, e тема што интензивно се коментира во многу земји, меѓу кои и во регионот.

Бугарскиот претседател Румен Радев на новинарско прашање одговори дека имал покана, но не оди во Вашингтон.

„За нас е многу поважно ние да ги разиваме односите  со САД,  кои се наш стратегиски партнер и сојузник, на сите нивоа и на највисоко политичко ниво. И јас мислам дека ќе продолжиме да работиме во таа насока“, кусо изјави Радев.

Очекувања има и соседна Србија. Српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави дека очекува и верува оти новата американска администрација ќе биде барем малку повнимателна кон аргументите на Србија од претходната.

„Не очекувам дека ќе го променат курсот, не очекувам некој голем пресврт во позициите на САД, пред се, за овие прашања кои се најважни за нас, мислам на Косово и Метохија. Но, верувам дека новата администрација ќе и даде простор на српската страна да ги изнесе своите аргументи и да се слушне српскиот глас - погласно и појасно“, изјави Вучевиќ на ТВ Прва.

Доналд Трамп денеска ќе положи заклетва како 47. претседател на САД. На улиците во Вашингтон се очекува присуство на околу 200.000 луѓе, а за обезбедување на церомонијата се ангажирани 25.000. Заради ниските температури, инаугурацијата нема да се одржи на отворено, туку во зградата на Капитол.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми