Европа нема да ја трогнат зборовите на шефот на дипломатијата Муцунски. Нашата политика тоне во заблудата дека пропагандната реторика ќе ги ублажи проблемите. Пишува Соња Крамарска.
Реклама
Историски, Северна Македонија е земја која веќе треба да се нарече созреана држава. Над 30-годишната самостојност на државата создаде основа за раст и развивање на институциите, но исто така и на политиката. Од држава која излезе од еднопартиски систем на Македонија и претстоеше тешка трансформација на сите полиња. Едно од најзначајните сепак беше прифаќањето дека Македонија не е само на Македонците – идеја која и ден денес ги бранува националистичките кругови и е предмет на бурни дискусии кои секогаш се доминантни кога на власт е десницата.
Оттука, ако треба да почнеме од некаде во набројувањето на заблудите на македонската политика во изминатите 33 години, тогаш тоа би била заблудата дека треба и може да се прави влада без албански партии. Еден од премиерите чие владеење ги одбележа првите мигови по прогласувањето на независноста, Љупчо Георгиевски во едно интервју две децении подоцна на прашањето каде ги гледа своите грешки одговори дека била погрешнанеговата заложба за влада без Албанци. Георгиевски, кој тогаш беше на чело на „патриотскиот“ фронт кој се будеше по одвојувањето од Југославија, беше покровител директно или индиректно и на политичкиот слоган „Солун е наш“. Еден од првите конгреси на ВМРО-ДПМНЕ заврши со бурни аплаузи и повици дека „следниот конгрес да го држиме во Солун“.
Лица и настани: 29 години независност
На 8 септември 1991 година Македонија ја прогласи својата независност. Резултатите од референдумското изјаснување јасно и недвосмислено ја покажаа волјата на мнозинството граѓани да живеат во сопствена држава.
Фотографија: MIA
„Нека ни е честита слободна, суверена, самостојна Македонија!“
Со овие зборови тогашниот претседател Киро Глигоров им го честиташе референдумскиот резултат на граѓаните собрани на плоштадот во Скопје.
Фотографија: Dnevnik
Песна и оро
Независноста беше прославена со песни и ора на плоштадот. Остварен беше идеалот на генерации Македонци кои се бореа за независна држава.
Фотографија: Dnevnik
Киро Глигоров
Глигоров беше првиот претседател на независна и суверена Македонија. Ќе остане запаметен по успешните преговори за мирно напуштање на југословенската федерација и по мудрото раководење со државата во клучните, критични моменти на 1990-те години.
Фотографија: Dnevnik
Стојан Андов
Андов беше прв претседател на плуралистичкото Собрание. Во долгата политичка кариера учествуваше во носењето на речиси сите клучни одлуки за државата. „Независноста беше највисокиот дострел во нашата историја“, изјави Андов за ДВ пред 5 години, на 24 годишнина од независноста.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Врсник“ со независноста
Во 2011 година, по повод 20 годишнина од независноста, објавивме интервју со Христијан Проданов. Тој е роден пред полноќ ноќта на 8 септември 1991 година. „Мајка ми и ден денес кога на телевизија ја даваат прославата од независноста ќе ме викне и ќе ми рече во овие мигови ти се раѓаш“, ни рече тогаш Христијан.
Фотографија: DW
Конфликтот од 2001
Конфликтот во 2001 година меѓу македонските безбедносни сили и албанските бунтовници предводени од паравоената ОНА, се закануваше да ја разори кревката демократија. Конфликтот заврши со потпишување на Охридскиот рамковен договор кој во меѓувреме беше вметнат и во Уставот.
Фотографија: AP
Смртта на Борис Трајковски
На 26 февруари 2004 година авионот со кој претседателот Борис Трајковски патуваше од Скопје кон Мостар, БиХ се урна во близина на крајната дестинација. Смртта длабоко ја потресе Македонија. Покрај Трајковски, загинаа и уште осум патници- членови на неговиот кабинет, како и членови на екипажот.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Никола Груевски
Груевски беше политичар со најдолг стаж на премиерската функција во историјата на државата, но резултатите од неговото владеење се, најблаго речено, спорни. Десетте години во кои тој ја предводеше владата започнаа со добри економски резултати, но втората половина ја одбележаа антиквизацијата, драматичниот пад на демократските стандарди и оддалечување од евро-атлантските интеграции.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Шарената револуција
Иницијална каписла за најдолготрајните и најмасовни граѓански протести во македонската историја беше амнестијата која претседателот Ѓорге Иванов им ја додели на осомничените политичари и нивни соработници. Шарената револуција, како што подоцна беше наречена, успеа да се избори за повлекување на амнестијата. Критичарите велат голем дел од барањата на „шарените“ се уште не се реализирани.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Упадот во Собранието
Илјадници луѓе упаднаа во зградата на Собранието на 27 април 2017 година, протестирајќи против изборот на Талат Џафери за собраниски спикер и извесното формирање на новото владино мнозинство на СДСМ и ДУИ. Настанот ќе остане забележан како црна точка во историјата на земјата. Десетици пратеници и новинари беа повредени во нападот на толпата.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Преспанскиот договор
На 18 јуни 2018 година во селото Псарадес (Нивици) на Преспанското езеро беше потпишан Договорот од Преспа со кој му беше ставен крај на деценискиот спор околу името меѓу Македонија и Грција. Неколку месеци подоцна, и покрај неуспешниот референдум, Македонија официјално се преименува во Северна Македонија со двотретинско мнозинство гласови во Собранието.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Влезот во НАТО
На 27 март 2020 година, Северна Македонија и формално стана 30 членка на НАТО алијансата. Со тоа беше исполнета децениската цел на државата, поставена недолго по прогласувањето на независноста. Истиот месец ЕУ даде согласност да започнат пристапните преговори за полноправно членство на земјата во европскиот блок.
Фотографија: AFP/R. Atanasovski
12 фотографии1 | 12
Уставното име бркаше бројка
Оваа огромна заблуда и политичко слепило Македонија тогаш ја чинеше блокада од Грција која ќе стане константа во нејзината надворешна политика повеќе од две и пол децении кои што поминаа додека да биде решен спорот за името „Македонија“. Ако тие загуби ги пресметаме во пари тогаш нашата земја би била најголемиот губитник во регионот поради самозалажувањето дека ќе се наметне над еден моќен сосед со робусна дипломатија која се протегаше низ целиот свет. Заблудата се состоеше, меѓу другото, и во тоа што тогашната млада држава играше на погрешната карта дека мирољубивата политика на претседателот Киро Глигоров ќе ги освои срцата на светот и Грција ќе се повлече од барањето за смена на државното име на Македонија.
Реклама
Понатаму се редеа нови заблуди дека „времето работи за нас“ и дека доколку македонската дипломатија успее да го убеди мнозинството држави членки на Обединетите Нации да нѐ признаат под името „Република Македонија“,Грција ќе мора да отстапи. Беа изгубени драгоцени години и па дури и децении во педантно броење на секоја држава која ја призна Македонија под уставното име. Но тоа беше „успех“ кој ниту за милиметар не ја доближи земјата во исполнувањето на стратешките цели на надворешната политика – членство во ЕУ и НАТО.
Токму спорот со Грција ја отслика слабоста на надворешната политика на Македонија и погрешните процени на ситуацијата. САД и Европа беа заморени од овој спирален спор и веројатно тоа беше една од причините во времето на премиерот Груевски преговорите да добијат поголема динамика. Меѓутоа паралелно со преговарањето, во Скопје се водеа клубски дебати инспирирани од властите дека проблемот во спорот се грчките премиери и министри за надворешни работи а не државата. Така со радост беше дочекано доаѓањето на власт на Јоргос Папандреу кој според нашата дипломатија беше светски човек поради неговото живеење и школување во Њујорк, и нема да врши притисок Македонија да го смени името како што тоа го правеше неговиот претходник Коста Караманлис. Се разбира таквите предвидувања беа само уште едно промашување во низата погрешни сфаќања за функционирањето на политиката.
Во тој период во Македонија се ширеше и бран од одушевување што Грција падна во должничка криза и се најде на удар на Европа, што според овдешната политика беше вовед во исфрлање на земјата од ЕУ, со што ќе се запали зеленото светло за Скопје за влез во НАТО. Тоа беше врвот на заблудите на македонската политика. Во исто време нашата земја поведе спор против Грција пред Меѓународниот суд на правдата, за ветото што ни го постави на самитот на НАТО во Букурешт. Додека сите очи беа вперени во Судот и во одлуката што требаше да ја донесе, никој не размисли дали таа одлука ќе влијае за Македонија да го тргне од дневен ред спорот со Грција или не. И вистина, спорот беше добиен но тој не влијаеше на текот на случувањата и не промени ништо на шаховската табла меѓу Скопје и Атина.
Децениски спор за името меѓу Македонија и Грција
Спорот за името меѓу Македонија и Грција траеше речиси три полни децении, и беше окончан со Преспанскиот договор. Спорот беше проследен со многу протести, блокади и вето за членството на Македонија во НАТО.
Спорот меѓу двете земји ескалираше веднаш по прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија. Грција го блокираше приемот на земјата во ОН и признавањето од страна на Европската заедница и покрај позитивната препорака од т. н. Бадинтерова комисија.
Фотографија: Dnevnik
Забрана за зборот „Македонија“
Првичната грчка позиција на почетокот на 1990-те години беше дека во името на соседната држава не смее да се содржи зборот „Македонија“. Носители на таквата политика беа владата на премиерот Констанин Мицотакис, и подоцна особено шефот на дипломатијата Андонис Самарас. Самарас поднесе оставка и предизвика пад на владата на Мицотакис по приемот на Македонија во ОН под референцата БЈРМ.
Фотографија: Reuters/A. Avramidis
Привремената спогодба од 1995 година
На 13 септември 1995 година во Њујорк беше потпишана Привремената спогодба која требаше да води кон нормализација на билатералните односи. Претходно, на 6 јануари 1992 година, Македонија го смени државното знаме со симболот на сонцето од Вергина и Уставот во делот кој, според Грција,содржеше иредентистички позиции. Со тоа беше ставен крај и на 18-месечното трговско ембарго кон Македонија од Атина.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Antonov
Меѓународно признавање
По спогодбата со Грција, Македонија успеа да се избори за меѓународно признавање под уставното име од 118 држави, како и да влезе во најзначајните европски и светски институции. Но, спорот остана да се влече и во децениите кои следеа. Посуштествени напори од двете страни да се реши спорот, според неофицијални информации, се направени во 2001 и 2005 година, но без успех.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
(Нe)потребна провокација
Кон крајот на 2006 година, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски одлучи да го преименува аеродромот Петровец во Скопје во „Александар Велики“. Грција остро реагира, а спорот полека се враќа на голема врата, сѐ до целосната ескалација на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Самитот во Букурешт
И покрај обидите на медијаторот Метју Нимиц со засилени дипломатски напори и под притисок на САД да се изнајде решение за спорот до самитот на НАТО во Букурешт, тоа не се случи. Атина го блокираше приемот на Македонија во воената Алијанса. На 3 април 2008 година, НАТО му порача на Скопје дека поканата за членство останува отворена доколку се најде компромис со Атина за името.
Фотографија: AP
Тужба во Хаг
Во ноември 2008 година, македонската влада одлучи да покрене тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција поради ветото во Букурешт. На 5 декември 2011 година, Судот пресуди во корист на Македонија и заклучи дека Грција ја прекршила Привремената спогодба. Но, во истовреме Судот заклучи дека нема правна сила да ѝ нареди на Грција да го повлече ветото.
Фотографија: MIA
Антиквизација
Процесот што започна со преименувањето на аеродромот во Скопје во 2006 година, по самитот во Букурешт доби далеку пошироки димензии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ започна со масовно преименување на објекти и улици и изградба на проектот Скопје 201, во чиј центар се наоѓа споменикот на Александар Велики (наречен Воин на коњ). Проектот чинеше повеќе од 600 милиони евра и ѝ донесе многу критики на земјата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Преговори во (не)пријателска атмосфера
Иако преговорите околу спорот за името продолжија и во следните години, по самитот во Букурешт, ескалираа националистичките страсти и навреди меѓу двете држави. Грција остро реагираше на билбордот (на фотографијата) на кој грчкото знаме беше претставено со свастика. На слични провокации од грчка страна, особено од страна на грчката армија, реагираа и македонските власти.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
Чија е Македонија
И во северна Грција во меѓувреме речиси сите позначајни објекти го носат името „Македонија“. Официјалната „црвена линија“ на Атина во меѓувреме е дека мора да се најде заеднички прифатливо име за меѓународна употреба „ерга омнес“ со географска додавка. Најчесто се споменуваат придавките северна и горна кон името Македонија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Barbarousis
„Вечниот“ Метју Нимиц
Единствена константа во деценискиот спор остана американскиот правник и дипломат, Метју Нимиц. Именуван од страна на Обединетите нации за медијатор во спорот пред 23 години, Нимиц и натаму е оптимист и верува дека може да се најде решение за проблемот. Последната серија средби со политичките лидери во Скопје и Атина ја имаше во јули годинава.
Фотографија: MIA
Нов оптимизам
Смената на власта во Македонија и падот на ВМРО-ДПМНЕ донесоа нов оптимизам дека може да се најде решение за спорот. Владата на Заев по секоја цена сака да обезбеди прием во НАТО на следниот самит на Алијансата во 2018 година. Пречката за тоа и натаму останува Грција, но провејува оптимизам дека под притисок од меѓународната заедница и со нова политика во Скопје, би можело да дојде до исчекор.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
12 фотографии1 | 12
Што чекаме од Бугарија?
Денеска, надворешната политика на Северна Македонија е пред уште една голема заблуда, чекајќи во Бугарија да дојде стабилна влада со која ќе преговара за промена на условите за преговори за членство во ЕУ. Иако од Софија пристигнуваат категорични пораки дека разговорите со нив се завршени и сега нашата држава може да разговара само со Брисел, тие како да не допираат до нашето државно раководство. Владата и претседателката Сиљановска влегоа во убедувачка мисија на странските претставници дека на земјава и се прави неправда, очекувајќи дека нашите „солзи“ ќе ја расплачат Европа.
Таков беше и говорот на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски во понеделникот (02.12) пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. „По сите овие монументални промени што ги направи земјата, добиените ветување не беа исполнети, туку државата се соочуваше со нови пречки. Кога ќе отстранивме една пречка, се појавуваше друга – неправедно, неочекувано и длабоко обесхрабрувачки“, порача тој. Но, тоа е говор наменет пред сѐ за домашната јавност, затоа што Европа видела и управувала со многу потешки неправди кои има биле правени на народите низ историјата.
Прашањето е дали некого ќе го трогнат зборовите на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, или и понатаму нашата политика ќе тоне во заблудата дека пропагандната реторика ќе ги реши проблемите. Како во минатото така и сега. Од заблудите до реалноста растојанието е многу големо, а малите држави тоа го учат на потешкиот начин.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.