1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Уставниот суд да ги помати плановите за „Треска“?

ДТЗ
3 август 2023

Додека кај „Треска“ се подготвува терен за градба, Уставниот суд информираше дека ќе одлучува за измената на Деталниот урбанистички план за Буњаковец 2. Иницијативата ја поднесе „Шанса за Центар“

фабрика Треска Скопје
Може ли Уставниот суд да ги помати плановите за „Треска“? Фотографија: P. Stojanovski/DW

Додека кај „Треска“ се подготвува терен за градба, Уставниот суд информираше дека ќе одлучува за измената на Деталниот урбанистички план за Буњаковец 2. Подносител на иницијативата е адвокатката Сузана Јошевска и Граѓанска иницијатива „Шанса за Центар”.

Во иницијативата се тврди дека оспорената одлука за конкретни измени на ДУП Буњаковец 2 е во спротивност со Генералниот урбанистички план (ГУП) и дека се прави груба повреда на член 11 став 7 и член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање.  Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесената одлука за ДУП е во спротивност со владеењето на правото содржано во членот 8 од Уставот, како и дека е во спротивност со членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање. 

„Овие предмети се предадени на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница“, информираат од Уставен суд,

Се крчкаат планови за градба

Но, на терен во меѓувреме забрзано се губи битката против бетонизацијата на просторот кај поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје. Иако граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ сѐ уште чека на одлуката на Уставниот суд, веќе се крчкаат плановите за новите згради кои треба да никнат на овој потег. Веќе не е прашање дали ќе се гради, туку кој ќе ја фрли првата лопата за новите станбени комплекси.

Дел од порталите ја објавија и првата визуелизација на „Треска“. Се најавува дека ќе се гради модерен и урбан комплекс со ниски згради на местото на запуштената фабрика. Како што се наведува во објавата „комплексот е предвиден со ниски станбени згради со високо квалитетна архитектура која ќе остави впечатлив белег во околината, уредено зеленило, модерна урбана опрема, внатрешни меѓублоковски паркови и спортски игралишта“.

Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ за ДВ велат дека нивните стравувања се дека место урбанизација на просторот му се заканува бетонизација, а доказ за тоа се Деталните урбанистички планови, во кои се пречекоруваат сите градежни параметри согласно Генералниот урбанистички план, а постои и неусогласеност за тоа колку има капацитет просторот и колку се планира да се зафати со ДУП-от. 

„Шанса за Центар“ не е против урбанизација, но стравува од прекумерна бетонизација во центарот на СкопјеФотографија: Jana Belceva-Andreevska/DW

„Нова трка меѓу правдата и парите“

„Се надеваме на еднакво брзо и ефикасно постапување на судот, имајќи предвид што и инвеститорите забрзано се подготвуваат да почнат со градба. Герасимовски веќе потпиша една дозвола, а од медиумските објави се гледа дека и други инвеститори забрзано собираат милионски суми за да почнат со градба на 'наполитанките' кај Треска“, велат од „Шанса за Центар“.

Во недостиг на политичка волја да се сопре со спроведувањето на незаконските ДУП-ови, кои се косат со Генералниот урбанистички план на Скопје, тие сметаат дека само судот може да ја врати законитоста во планирањето во Центар.

„За фабриката Треска се бореа граѓани, активисти, архитекти и урбанисти, па и политичка волја за промена имаше до 2020 година, кога се прифати напуштање на решението од ДУП-от и се направи конкурс. Општинската власт, под раководство на Герасимовски, неколкумина моќници и спрегата со институциите кои го изгубија своето значење, интегритет и кредибилитет може да му пресудат на последниот поголем простор, и да си ја потврдат својата улога на непријател на граѓаните“, додаваат од граѓанската иницијатива.

Ризици

Летово е планирано да почне градбата на првата зграда во кругот на поранешната фабрика. Две фирми веќе уплатиле комуналии во висина од 800.000 евра на Град Скопје и Општина Центар за изградба на станбено-деловен објект. Ќе се гради објект со висина од 19.20 метри, катноста е приземје, 5 ката и поткровје, а вкупната бруто изградена површина изнесува 6.662 метри квадрати. Станува збор за стaнбено-деловен објект.

На тоа следеше реакција на „Шанса за Центар“ кои пред Уставниот суд го оспорија Деталниот урбанистички план за Буњаковец во чии рамки спаѓа и просторот на поранешната фабрика „Треска“, со цел да го спречат неговото понатамошно спроведување, коешто сметаат дека ќе нанесе штета на јавниот интерес.  Иницијативата до Уставен беше доставена на 14 јули, со образложение дека ДУП-овите треба да бидат во согласност со Генералните урбанистички планови, што не е случај со планот за Буњаковец. 

„Планот за Буњаковец предизвикува ризици за здравјето, безбедноста на локалната заедница и квалитетот на живот. Во ДУП се отсликува практиката на планирање од изминатава деценија, а со главен белег на зголемување на површините за домување и бројот на жители. Истовремено, се намалуваат површините под зеленило, јавните површини и објектите со социјална или образовна намена. Затоа бараме од Уставниот суд да го стави надвор од сила и да го заштити правото на граѓаните на чиста и здрава животна средина“, велат од „Шанса за Центар“.

Зошто Барселона сади толку многу дрва?

01:13

This browser does not support the video element.

Тие бараат да се почитуваат сите стандарди за хумано живеење и интересите на инвеститорите да бидат во рамнотежа со интересите на луѓето што живеат во таа урбана заедница.

Антикорупциската комисија во повеќе наврати алармираше дека на локацијата на поранешната фабрика „Треска“ не смеат да започнат градежни работи додека не завршат постапките коишто се водат во Јавното обвинителство. Овој простор веќе неколку години е во фокусот на интересот на јавноста поради битката кој да го добие и што да се гради на оваа атрактивна локација.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми