1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД: Новинар во група каде се разговарало за воени планови

АРД
25 март 2025

Високи американски функционери, вклучително и министерот за одбрана, во чет-група разговараат за планови на САД да ги нападнат Хутите, притоа испраќајќи покана за во групата до еден новинар. Политички Вашингтон врие.

САД | Пит Хегсет, министер за одбрана
Пит Хегсет, министер за одбрана на САДФотографија: Al Drago/Pool via CNP/AdMedia/picture alliance

Џефри Голдберг, главен уредник на левичарско либералното списание „Атлантик“, одржува добри контакти во политички Вашингтон - вклучително и во новата администрација. Оттука, новинарот не бил особено изненаден кога советникот за национална безбедност на Трамп, Мајк Волц, пред две недели го поканил да се поврзе со него на сервисот за пораки Сигнал.

Но, кога набрзо потоа следела покана за групен разговор со вкупно 18 високи владини функционери, Голдберг сепак бил изненаден. Особено поради информациите за кои на 15 март се разговарало во групата - само неколку часа пред САД да ги нападнат милициите на Хутите во Јемен.

Споделени тајни информации

„Тоа беше бизарна ситуација, бидејќи добив текст од некој што тврди дека е Пит Хегсет, министерот за одбрана. И овој текст содржеше оперативни воени информации, вклучувајќи ги и времињата кога бомбите требаше да паднат во Јемен“, изјави Голдберг за телевизиската мрежа ПБС.

И не само тоа: во чет-групата се споделувале и информации за оружје и цели. И се дискутирало дали нападот има смисла. Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, на пример, не го криеше својот скептицизам, цитира Голдберг од разговорот. Затоа што тоа само ќе ѝ помогнело на Европа да излезе од тешката ситуација.

Групата комуницирала преку сервисот за пораки СигналФотографија: Arnaud Journois/PHOTOPQR/LE PARISIEN/MAXPPP/picture alliance

„Ова е реално!“

„Дотогаш мислев дека ме наместиле и дека мамат“, изјави Голдберг. „Сето тоа ми изгледаше толку малку веројатно!“

Потоа, само неколку часа подоцна, и токму како што било најавено во текстот, во Јемен паднаа првите бомби. Во групата потпретседателот Венс напишал „Одлично“, додека советникот за безбедност Волц постирал емотикони со американско знаме и поздрав со тупаница. Тогаш Голдберг сфатил: „Ова е реално!“

Владата ја призна грешката

Портпаролот на Советот за национална безбедност, Брајан Хјуз, призна: Разговорот изгледа автентичен, а сега се истражува како во групата се вклучил новинар. Но, како што додаде Хјуз, целата работа е „доказ за добрата и обмислена координација меѓу високи членови на владата“.

Американскиот претседател Доналд Трамп првично изјави дека не знае ништо за разговор на Сигнал, но дека нападот врз Хутите бил полн погодок. Неговиот министер за одбрана, Хегсет, негира дека тој или некој друг пишувал за воени планови.

Полиитчки Вашингтон врие поради случајот со чет-групата Фотографија: SAUL LOEB/AFP/Getty Images

Запрепастеност во Вашингтон

Сепак, возбудата е голема, барем во Вашингтон, кој е критички настроен кон Трамп. Поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон, на пример, вели дека едноставно останал „без зборови“ поради сето тоа. Плановите за напад обично се дискутираат во високо безбедната „Соба за ситуации“, во Белата куќа, изјави Болтон за Си-Ен-Ен. Тоа, вели тој, сигурно не се прави на комерцијална апликација за пораки. Болтон нагласува дека едноставно не може да сфати како никому од високите функционери во групата тоа не му било проблематично.

Многу демократи сега потсетуваат на скандалот околу нивната поранешна претседателска кандидатка Хилари Клинтон, која како министерка за надворешни работи испраќала службени мејлови преку приватен сервер. Во споредба со сегашното нарушување на безбедноста, тоа е тривијална работа, вели лидерот на опозицијата во Сенатот, Чак Шумер: „Оние кои тогаш беа вознемирени, сега мора да бидат целосно огорчени од ваквиот аматеризам“. На крајот на краиштата, вели тој, ова става во опасност животи на луѓе, му помага на непријателот и ја загрозува националната безбедност.

Демократите бараат истрага

Демократите сега бараат истрага. Леон Панета, поранешен министер за одбрана и поранешен шеф на ЦИА, исто така смета дека случајот отвора многу прашања. На пример, чија идеја бил разговорот. А во врска со приемот на новинарот во чет-групата, Панета за ПБС рече: „Ова навистина треба да се истражи. Затоа што може да биде прекршување на нашите закони за шпионажа. Затоа што вакво прекршување едноставно не смее да се случи кога е загрозена безбедноста на САД.“

Но, дали некој навистина ќе биде повикан на одговорност е прашање - така барем смета критичарот на Трамп, Болтон. Претседателот сигурно нема да протера ниту еден од инволвираните сè додека работата не стане опасна за него. Болтон исто така вели дека има „нула“ верба дека Министерството за правда ќе спроведе истрага за издавање државна тајна.

Авторка: Јулија Каштајн, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми