1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандалот околу Ева Каили како крими-серија

Бернд Ригерт
23 декември 2022

Грчката европратеничка Ева Каили останува во притвор и за Божик. Скандалот ги има сите состојки на една крими-серија.

Ева Каили брзо беше сменета од местото потпретседателка на Европскиот парламент
Ева Каили брзо беше сменета од местото потпретседателка на Европскиот парламентФотографија: Christoph Hardt/Panama Pictures/picture alliance

Скандалот со корупција во Европскиот парламент ги има сите состојки за возбудлива серија на Нетфликс: паметна, атрактивна првоосомничена, Ева Каили, која на врвот на својата метеорска кариеракако ТВ-водителка и врвна политичарка беше потпретседателка на Европскиот парламент. Подеднакво атрактивен, помлад животен придружник, Франческо Џорџи, кој работи во Парламентот. Постар поранешен европратеник, Антонио Панцери, како човек кој ги влече конците. А вмешано е и семејството: таткото на првоосомничената Ева Каили треба да побегне со пари во куфер по инструкции на својата ќерка. И сопругата и ќерката на Панцери наводно се соучесници и од Италија ќе му бидат екстрадирани на белгиското правосудство.

Следува драмски заплет: Невладината организација со соодветно име „Борба против неказнивоста“, основана од Панцери, лобирала во Брисел. Официјално за гонење на воени злосторства, неофицијално веројатно повеќе за „држава од Персискиот Залив“, за која белгиското јавно обвинителство не дава попрецизни информации. Медиумите генерално зборуваат за Катар, каде штотуку заврши Светското првенство во фудбал. При неколку претреси во куќи, белгиските истражители, кои на случајот работат една година, заплениле вкупно 1,5 милиони евра во готовина. Обвинението против европарламентарците и нивните вработени е: корупција, перење пари, криминално здружување. Ева Каили одржа извонредно позитивен говор за Катар во парламентот и се има сретнато со официјални лица во земјата. Сепак, некои индиции укажуваат и на Мароко.

Ева Каили (д.) со партнерот Франческо Џорџи: Поранешната моќна двојка е во притвор (архивска слика)Фотографија: Apostolis Papanikolaou/Eurokinissi/ANE/picture alliance

Кој сѐ е вплеткан?

Како материјалот да мора да стаса за неколку сезони, скандалот се проширува. Поранешниот еврокомесар од Грција, Димитрис Аврамопулос, бил на платниот список на сомнителната невладина организација за лобирање. За својата работа во – почесниот – надзорен одбор на организацијата добил 60.000 евра. Аврамопулос тврди дека се откажал од соработката на почетокот на годината. Портпарол на Европската комисија објасни дека тој се среќавал со поранешни колеги во Брисел само на пријателски разговори, а не за лоби-активности.

Оставки поднесоа и други политичари од ЕУ кои седнаа во надзорниот одбор и тврдат дека никогаш не добиле пари. Сепак, сите тие сè уште се наведени како членови на надзорниот одбор на веб-страницата „Борба против неказнивоста“ (состојба од 22.12.22). Европската комисија објави дека невладината организација не добила финансии и не е вклучена волоби-регистарот бидејќи не побарала контакт со еврокомесари.

Полицијата во Белгија покажа 1,5 милиони евра во кеш пронајдени кај осомничените Фотографија: AFP

Каили тврди дека е невина

Адвокатите на Ева Каили тврдат дека нивната клиентка е невина. Но, со оглед на тоа што постои ризик од бегство или вршење влијание врз сведоци и уништување докази, судијата вчера (22.12) одлучи да ѝ го продолжи притворот за еден месец. Од тактички причини, судот не даде прецизни информации.

Судот не беше импресиониран од аргументот на адвокатите дека на двегодишната ќерка на Ева Каили ѝ е потребна мајка токму сега, за време на празниците, иако и таткото на детето, партнерот на Ева Каили, останува во притвор. Се вели дека двегодишната ќерка ја чувал нејзиниот дедо, наводниот преносител на пари.

Протекување на информации и политички последици?

Како и во секој добар политички трилер, во Брисел очигледно протекуваат информации: два весника цитираат од доверливи истражни извештаи. Адвокатите на главните осомничени протестираат. Се зборува за делумни признанија: се вели дека партнерот на Каили ја презел вината врз себе и многу го оптоварил другиот обвинет за да ги симне обвинувањата од грбот на партнерката. Таа, пак, преку својот адвокат изјави дека се чувствува „изневерена“ од својот италијански партнер. Таа наводно не знаела ништо за големите количества пари во нејзиниот стан и нивното потекло.

Антонио Панцери: некогаш европратеник, потоа лобист со сомнителни деловни практики, сега во притвор (архивска фотографија)Фотографија: Marc Dossmann/EU/European Parliament/AFP

Белгиските истражни органи сѐ уште не соопштуваат со што точно го поткрепуваат обвинението за корупција и како точно се одвивало перењето пари. Катар ги отфрли сите обвинувања дека владата подмитувала европски политичари. Неименуван дипломат од оваа заливска држава, кој работи во амбасадата во Брисел, посочи дека белгиската истрага може негативно да влијае на договорите за гас со богатиот емират.

Европскиот парламент со урнисан углед

Европскиот парламент реагираше многу решително, речиси бурно. Ева Каили беше исфрлена од претседателството на Парламентот.Социјалистичката пратеничка група и грчката партија Пасок ја исклучија од своите редови. Претседателката на парламентот, Малтежанката Роберта Мецола, најави сеопфатни реформи за евидентирање на лоби-активностите во ЕП. Парламентот, исто така, ја одложи визната либерализација за Катарците и ги замрзна сите контакти со властите и политичарите во Катар, што беше критикувано од нивна страна.

На самитот на ЕУ минатата недела, некои шефови на држави и влади го изразија своето незадоволство од скандалот во институцијата на ЕУ. Мецола рече дека чувствува „лутина, тага и бес“. „Непријателите на демократијата, за кои самото постоење на овој парламент претставува закана, нема да запрат пред ништо“, предвиде Мецола ден по апсењето на нејзината заменичка Каили. Таа, исто така, зборуваше за - внимание: Нетфликс фактор - „злонамерни актери поврзани со автократски трети земји“. Безбедносните служби на ЕУ веќе некое време тесно соработуваат со белгиските власти за да ја откријат „осомничената криминална мрежа“, вели претседателката на Парламентот.

Роберта Мецола се дистанцираше од Ева Каили и рече дека чувствува „лутина, тага и бес“Фотографија: Benoit Doppagne/BELGA/dpa/picture alliance

И во најдобрите споредни улоги...

Во меѓувреме има сомнежи и обвинувања и против функционер на синдикатот, други европратеници и десет помошници во парламентот, од кои повеќето се наводно Италијанци. Втора невладина организација, основана од обвинетиот екс-европратеник Панцери, исто така е мета на истражителите и медиумите.

Одлична споредна улога во добра драма би била онаа на тврдоглавиот, но непоткуплив иследник. Во реалноста, тоа е веројатно истражниот судија Мишел Клез во Брисел, кој го растркала клопчето на случајот и кој, според весникот „Ла Либре“, радо се соочува со моќниците и понекогаш користи контроверзни методи.

Друга споредна улога може да има вечно лутиот негативец. Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера советуваше да се укине Европски парламент за да се врати довербата на јавноста. Според Орбан, сите контроли потфрлиле. Подобро од слободно избран парламент би било собрание на претставници испратени од парламентите на 27-те земји-членки на ЕУ, смета Орбан.

Можеби ќе поминат месеци, ако не и години, пред белгискиот суд да расправа за случајот против Каили и компанија. Има уште многу време за доброто старо мото од сериите - „продолжува во следната епизода“.

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми