1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандалот со ИПАРД предизвика жестока дебата во Собранието

18 ноември 2025

Скандалот со злоупотреби на ИПАРД програмата и суспензијата на помошта за земјоделците отвори жестока дебата во Собранието и барање оставка од министерот Цветан Трипуновски

Претседателот на Собранието, Африм Гаши.03.09.2024
Скандалот со ИПАРД ја разгоре политичката дебата – опозицијата бара одговориФотографија: Petr Stojanovski/DW

Николовски бара оставка од Трипуновски

Скандалот со злоупотребите на ИПАРД програмата и суспензијата на помошта за земјоделците предизвика жестока дебата во Собранието. Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, побара оставка од актуелниот министер Цветан Трипуновски, кој не присуствуваше на седницата на која опозицијата поставуваше пратенички прашања.

Николовски го праша заменик-министерот зошто на Платежната агенција ѝ се потребни 18 месеци за реализација на еден ИПАРД 3 повик со 107 апликации, кога ист таков повик од ИПАРД 2 бил реализиран за само четири месеци.

Одговорот на заменик-министерот Хоџа

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, од собраниската говорница рече дека за само 50 од 453 потпишани ИПАРД 3 договори има заостанувања, бидејќи се проверува дали се поврзани со кривично дело, како што се зборува во медиумите.

„Апелираме до сите надлежни институции да ги извршат проверките и контролите, за случајот да се обелодени“, додаде Хоџа.

Тој го потсети Николовски дека „Министерството за земјоделство покренало неколку процедури во Обвинителството за неговата работа додека бил министер“. Според Хоџа, Николовски формирал комисии надвор од законските процедури за доделување грантови од 10.000 евра за производство на вино во Македонија.

Љупчо Николовски бара оставка по скандалот со ИПАРД – жестока расправа во СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Обвинувања и контраобвинувања

Николовски одговори дека е подготвен веднаш да заминат во Обвинителството и дека не е точно тврдењето за 50 проблематични договори. „И еден договор да е доведен во прашање, една инвестиција, еден човек кој ги чека парите, треба да биде предмет на ваша расправа во Владата“, нагласи тој.

Според него, 453 договори се склучени, а 180 не се исплатени. Дополнително, обвини дека се сменети 40% од раководниот кадар, што е забележано и од ЕУ.

Министерот Цветан Трипуновски не присуствуваше на седницата, но преку социјалните мрежи информираше дека до 25 декември земјоделците можат да поднесат барања за финансиска поддршка за органско земјоделско производство за 2025 година.

Приведување на директорот на Платежната агенција

Случајот првично го обелодени токму Николовски, кој предупреди дека 130 милиони евра од ИПАРД програмата се блокирани, загрозувајќи 3.000 бизниси и 10.000 работни места. Илија Стоилев, поранешен директор на Платежната агенција, на 6 ноември беше приведен под сомнение за земање мито, а потоа разрешен од функцијата.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми