1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скапата струја ја враќа во игра онлајн наставата

ДТЗ
22 септември 2022

Дел од градоначалниците бараат зимскиот распуст да трае два месецa или да има онлајн настава. Надлежните сметаат дека во интерес на децата е да одат на училиште. Како ќе се одвива наставата во студените денови?

Училница Северна Македонија
Конкретни одлуки за наставата во студените зимски денови сѐ уште не се донесени Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Пред почетокот на грејната сезона, мерките за штедење и стравувањата од ценовниот шок за струјата, ги враќаат во игра калкулациите дали е подобро да се продолжи зимскиот распуст, или повторно да се врати онлајн наставата во училиштата. Министерството за образование, но и социолозите укажуваат дека во интерес на децата е да продолжи наставата со физичко присуство. Конкретни одлуки сѐ уште не се донесени, но во јавноста е сѐ поголем притисокот околу одвивањето на наставата во студените зимски денови. 

Онлајн наставата не е решение?

„Во интерес на учениците е настава со физичко присуство, нема промена во начинот на нејзината реализација, а Владата за справување со предизвиците од енергетската криза е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука“, вели портпаролот на Владата, Душко Арсовски. 

Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на дел од општините за продолжување на зимскиот распуст на учениците заради штедење струја и огрев и колку се оправдани барањата дел од трошоците и субвенциите да ги покрива Владата, Арсовски рече дека на седница на Владата немало дискусија на оваа тема. Од Владата потенцираат дека остануваат посветени во надминување на предизвиците предизвикани од енергетската криза. 

Излезни решенија

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) бара Владата и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) заедно да изнајдат прифатливо решение за надминување или ублажување на енергетската криза во училиштата. Наставата од далечина, според нив, не е прифатлива опција на најзасегнатите: учениците, родителите и наставниците. 

Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ  порача дека наставата со физичко присуство е најдобра за учениците. „Онлајн наставата во изминатиот период не даде задоволителни резултати во Македонија. Изминатите неколку години главно поради пандемијата и други разни причини, како што е новата Концепција за основно образование се направија бројни промени во образованието на штета на учениците и наставниците. Поради тоа доста беше експериментирање со нашите деца“, вели таа. 

Таа предлага Владата да ги покачи блок дотациите на општините, училиштата од индустриска струја да ги префрли на тарифа како за домаќунствата, да одреди неколку дополнителни пократки распусти, со обврзно продолжување на училишната година во јуни, да не ги крати наставните програми и секаде каде што е можно да воведе настава во една смена или да го помести почетокот на втората смена порано.

Организирањето на трошоците за загревање на училиштата е во надлежност на локалната самоуправа и за тоа од Министерството за образование и наука се исплаќаат дотации до општините. Според Арсовски, тие се одговорни и во интерес на учениците е физичко присуство на наставата.  

Но, поради енергетската криза, градоначалниците од Полошкиот регион побараа зимскиот распуст да трае два месеца или евентуално да има онлајн настава. Според градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, целта е да се заштеди во време на криза кога сметките за струја се неколкупати повисоки.

„Идејата е со оглед на тоа што сметките за енергија годинава се три до четири пати повисоки од лани. Месеците кога е најстудено, јануари и декември, годишниот распуст да трае два месеца или да се разгледа опцијата за дигитални алатки, со цел да заштедиме енергија. Или распустот да биде во јануари-февруари или декември – јануари, а учебната година да продолжи до 30 јуни и да почне на 15 август“, изјави деновиве Таравари. 

Барањето од Советот на Полошкиот регион, во кој спаѓаат девет општини, е упатено до Министерството за образование и наука (МОН) и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС). Дел од градоначалниците, пак, предлагаат ингеренциите за образовните институции да ги преземе Владата.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми