1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скапотија: Од што прво се откажуваат Германците?

Дијана Рошчиќ | СН | АРД | агенции
30 ноември 2024

Криза е и многу Германци ги стегаат ремените: повеќе од една третина ги купуваат само основните работи, речиси половина се откажуваат од одење во ресторани или театри. Песимизмот на Германците за иднината расте.

Што да се купи? Многу Германци се исправени пред ова прашање при секое одење во супермаркет
Што да се купи? Многу Германци се исправени пред ова прашање при секое одење во супермаркетФотографија: Shafaat Himel/DW

Потрошувачите (така економијата ги нарекува луѓето кои купуваат стоки или плаќаат за услуги) се прилагодуваат на економската ситуација - а ситуацијата во Германија е мрачна.

Според актуелното истражување на компанијата Ернст и Јанг (ЕЈ), повеќе од една третина од Германците (37 проценти) изјавуваат дека сега ги купуваат само најосновните работи.

Дополнително, Германците се песимисти кога станува збор за нивната животна ситуација во наредниот период, но и воопшто кога станува збор за економската состојба во земјата. Во овој поглед, Јапонците се уште се „најлоши“ во светот и се исклучок во споредба со другите азиски земји, а во Европа, Французите и Италијанците се попесимистични од Германците.

Ова се дел од резултатите на најновиот Потрошувачкиот индекс за иднината на ЕЈ – глобално истражување во кое беа анкетирани повеќе од 23.000 потрошувачи. Во Германија во истражувањето учествувале 1.000 луѓе. Ернст и Јанг е една од четирите главни консултантски фирми во светот во областа на книговодството и даноците. Има 395.000 вработени, од кои повеќе од 11.100 се во Германија.

Германците се загрижени поради трошоците за енергија, храна... 

Според истражувањето, голем дел од населението во Германија е загрижено за високите или зголемените трошоци за енергија (86 проценти), трошоците за храна и покуќнина (84 проценти), како и трошоците за бензин и други горива (69 проценти).

Помалку трошење на колбаси и други готови јадењаФотографија: Norbert Eisele-Hein/imageBROKER/picture alliance

Интересно е што 40 отсто Германци поради финансиската состојба, преминале од купување на брендирани производи на слични, но многу поевтини, кои супермаркетите и дрогериите најчесто ги нудат под сопствената марка. 

Поради кризата, потрошувачите во Германија сакаат да ги намалат трошоците за испорака на намирници (49 проценти) и готови оброци (48 проценти), членства во фитнес клубови (43 проценти) и трошоци за посети на ресторани, театри и кина (40 проценти). Кога станува збор за услугите за стриминг, на нив планираат да заштедат 34 проценти од Германците

Само за свежа храна, повеќе луѓе во Германија планираат да потрошат повеќе пари (29 проценти) отколку да заштедат (10 проценти), стои во извештајот на ЕЈ. 

Туристичката индустрија не треба да се грижи - засега 

Што се однесува до патувањето, се чини дека Германците се откажуваат од него дури на крајот. И покрај инфлацијата и економската стагнација, германската туристичка индустрија забележа раст во текот на летото. Според податоците на Германската туристичка асоцијација (ДРВ), до крајот на август вкупниот приход бил за десет отсто поголем од летото 2023 година.

Дали ќе остане така, се разбира, не е сигурно. „Но, не смееме да бидеме наивни“, предупреди директорот на ДРВ, Норберт Фибиг, „Доколку негативните економски трендови се одржат, овој развој нема да го заобиколи ниту туристичкиот сектор. 

Лична состојба - Германците се претежно песимисти 

Генерално, Германците се песимисти за иднината, забележува ЕЈ. Само 26 отсто сметаат дека нивната животна состојба ќе се подобри во следните три години. За разлика од нив, 74 отсто сметаат дека ситуацијата ќе се влоши (36 отсто) или ќе остане иста.

Излегува дека Германците се особено песимистично доколку се споредат на меѓународно ниво. Низ светот, 40 отсто од луѓето очекуваат нивната животна ситуација да се подобри, додека само 28 отсто мислат дека ќе се влоши.

Истражувањето исто така покажува дека Европејците се значително попесимистични од луѓето во Азија (освен Јапонија) и Северна Америка.

Така, мнозинството од испитаниците во Индија (79 отсто), Саудиска Арабија (71 отсто) и Кина (67 отсто) веруваат во подобрување на нивната животна ситуација, додека во САД во тоа верува секој втор испитаник (50 отсто).

Спротивно на тоа, оптимизмот е значително помал во Италија (23 проценти), Франција (15 проценти), а најмал во Јапонија (14 проценти).

Членството во фитнес клуб е една од првите работи од кои се одрекуваат Германците погодени од економската кризаФотографија: Oliver Dietze/dpa/picture alliance

Економска состојба во државата: песимизам во Европа - оптимизам во Азија

Германија заостанува зад меѓународниот просек и кога станува збор за економската ситуација во земјата: само 31 отсто од испитаниците сметаат дека германската економија ќе закрепне во следните дванаесет месеци - додека 36 отсто го веруваат спротивното.

И - не се гледа подобрување дури и кога ќе се земат предвид официјалните податоци: германската влада во минатата недела ја намали економската прогноза за 2024 година, па се предвидува рецесија - втора година по ред.

Сепак, тоа не е случај насекаде: на глобално ниво, 40 отсто од луѓето очекуваат закрепнување на економијата на нивната земја, во споредба со 29 отсто кои веруваат во спротивното.

Во Индија 80 отсто очекуваат економски раст, во Кина (73 отсто) и Саудиска Арабија (67 отсто) повеќето испитаници се позитивни, а во САД (44 отсто) исто така има значително повеќе оптимисти отколку во Германија.

Сепак, Германците не се најголемите песимистиу ниту во светот ниту во Европа: така во Италија (22 отсто), Франција (20 отсто) и дури само 12 отсто во Јапонија, луѓето веруваат во економското закрепнување на нивната земја.

Сите четири земји се членки на Г7- групата од најразвиените индустриски земји.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми