1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски го замислува „Скопје 2014“ во модерен стил

ДТЗ
15 август 2024

Премиерот вели дека е грдо да се гледаат незавршените објекти. Пари за годинава нема, но ќе се обезбедат за 2025 година. Дали објектите ќе добијат модерен стил ќе се консултираат и архитектите

Скопје
„Скопје 2014“ ќе се доизгради - но дали во барок или модерен стил?Фотографија: DW/A. Feilcke

Новата влада планира да го заокружи проектот „Скопје 2014“ којшто мируваше изминатите години. Премиерот Христијан Мицкоски најавува дека недовршените објекти треба што поскоро да се завршат, оти го грдат лицето на главниот град, но дали ќе бидат во барок или во модерен стил, дополнително ќе се одлучува. 

„Јас сум љубител на модерниот стил и би сакал тие згради и објекти да бидат час поскоро завршени само за да не го грдат лицето на главниот град, бидејќи се заборавени“, изјави Мицкоски во четвртокот (15.08) при посетата на Царинската управа.

Премиерот вели дека е грдо да се гледаат незавршените објекти. Пари за годинава нема, но ќе се обезбедат за 2025 година.Фотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

За стилот ќе се консултираат и архитектите

Како човек роден и израснат во Скопје, за премиерот е премногу грдо да се гледаат незавршените објекти во центарот на градот.

„Јас за вкусовите не сакам да дискутирам, можеби мене тоа што ми се допаѓа, на друг не му се допаѓа. Но, јас сум љубител на модерниот стил и би сакал тие згради и објекти да бидат час поскоро завршени“, вели Мицкоски.

Дали градот ќе продолжи да се „облекува“ во барок или објектите ќе добијат поинакви фасади, ќе се консултираат и архитектите.  „Тоа треба да кажат стручните лица архитектите. Ќе повторам, доколку е тоа возможно јас сум љубител на модерниот стил“, рече Мицкоски.

Скопје 2014: Ослободување без уривање

01:48

This browser does not support the video element.

Не се предвидени пари во буџетот

Со оглед на тоа дека со ребелансот на буџетот не се предвидени пари за завршување на тие објекти годинава, ќе треба да се обезбедат средства за наредната година. Според Мицкоски, пари не се предвидени бидејќи се прават анализи каков е нивниот правен статус, бидејќи дел од тие објекти се и приватни инвестиции.

„Сега не можеме ние како држава и тие приватни објекти да ги санираме, но секако со инвеститорите би сакале да разговараме, да работиме да тоа се заврши. Да видиме што можеме да помогнеме навистина. Прочитав еден податок дека бројот на туристи кај нас е зголемен за 11 проценти споредено со минатата година, додека читам во околината оние традиционално интензивни туристички држави имаат намален број на туристи оваа година, во некои од државите и до 20-25 проценти“, рече премиерот.

За него е многу важно земјата да има јасна промоција на туристичките капацитети коишто ги нуди и за да тоа биде комплетно, мора да се заврши она што е незавршено. „Откако ќе ја завршиме таа анализа, бидете сигурни дека веќе во буџетот за следната година тоа што е работа на државата ќе биде завршено“, вели Мицкоски.

Проектот „Скопје 2014“ го иницираше ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога премиер беше Никола Груевски. Проектот, чија изградба започна во 2010 и требаше да чини 80 милиони евра, ги подели граѓаните и го смени „личниот“ опис на градот. 

Претходната влада предводена од СДСМ, целиот проект го стави под лед - немаше пари ниту за уривање, ниту за дислоцирање на повеќето споменици.  Во меѓувреме останаа да зјаат недовршени зградата на ЕСМ, фасадата на „Пелагонија“, новите згради на Факултетот за физичка култура и ФИНКИ и други објекти.  

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми