1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје - Атина: Проблем уште со првото „калимера“

13 мај 2024

Напредокот во билатералните односи со РСМ и европскиот курс на земјата зависат од целосно спроведување на Договорот од Преспа и од употребата на уставното име на земјата, соопшти грчкото МНР.

Гордана Сиљановска Давкова Северна Македонија
Свечената заклетва на македонската претседателка Гордана Сиљановска ДавковаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Скандал, провокација, отворен фронт со Атина уште со првото „добро утро“, се дел од реакциите во грчки медиуми за свечената заклетва на македонската претседателка, во која таа не го изговори уставното име на државата.

Уште пред  инаугурацијата на Сиљановска,  од официјална Атина беа испратени пораки дека ќе чекаат да слушнат во која држава ќе се заколне новата претседателка, односно дали ќе го почитува Преспанскиот договор, имајќи ги предвид нејзните изјави во изборната кампања дека никогаш нема да каже „Северна“.

Сиљановска во свечената изјава не изговори ни Република Северна Македонија, ни Република Македонија, туку само Македонија.

Еден ден претходно грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис повика на почитување на Преспанскиот договор од новото раководство во РСМ.

„Сакам да се надевам дека она што се слушаше пред изборите  нема да се слушне по изборите.  Ако тоа се случи, ќе имаме проблеми“, рече Мицотакис во интервју за грчката телевизија Алфа.

Дали ја расипавме „калимерата“?

„Калимера“ - грчки збор што значи добро утро/добар ден, а кај нас разговорно се употребува и како израз за добри односи, според реакциите во Грција, тие добри односи паднале на првиот испит, на свечената заклетва, на првото „добро утро“.

Познавачот на грчко-македонските односи, Ставрос Ѕимас, во анализа за грчкиот весник „Катимерини“ минатата недела посочи дека ако по утрото денот се познава, со инаугурацијата на претседателката ќе се види дали односите со Атина ќе продолжат да се движат во умерена клима или ќе започне нов период на превирања. Сега ја има првата оценка под наслов „Непотребен фронт со Грција со ‘добро утро’.

„Првиот пример негативен. Со ‘добро утро’, новиот претседател на Република Северна Македонија отвори непотребен фронт со Грција, во време кога билатералните односи пловеа во мирни води“, коментира Ѕимас, по вчерашната инаугурација на Сиљановска.

Како што вели, 70-годишната професорка по уставно право ја презела одговорноста за предизвикување бура со Атина, во време кога на нејзината земја и` требаат сојузници и пријатели.

Во анализата се потсетува дека сега разликата е што Сиљановска веќе не е обичен граѓанин, ниту кандидат кој држи говор на предизборен партиски митинг, туку претседателка на Републиката, која се заколнува дека ќе го почитува Уставот на  државата која е официјално именувана внатре и надвор како Северна Македонија,  а го прекршила со самата заклетва. Според авторот, дилемата е - дали станува збор за нејзина неукост за политиката и геополитиката, или и за директива од партијата што ја поддржала, да им пркоси на одредени реакции на Атина и на западните сојузници. Доколку е во прашање второто, се смета дека тоа наскоро ќе се види при заклетвата на владата и програмските изјави на премиерот Мицкоски во случај новата влада да биде повикана да ја понесе одговорноста за назадување во односите со Грција.

Новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски при примопредавањето на должноста Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Каква и да е темата на пораката што ја испрати новата претседателка во Скопје, таа не може да се сфати како добар знак и новото раководство треба да биде подготвено да ја плати ‘сметката’. Атина, сепак, нема причина да реагира импулсивно со хранење на воденицата на национализмот на новите лидери кај соседот“, се вели во анализата на „Катимерини“.

Да се почитува Договорот од Преспа

Откако грчката амбасадорка во Скопје, Софија Филипиду, вчера во знак на протест ја напушти свечената едница за инаугурирање на Сиљановска на претседателската функција, од грчкото МНР оценија дека македонската претседателка грубо ги прекршила Договорот од Преспа и Уставот.

„Грција, во овој контекст, категорично наведува дека натамошниот напредок во нејзините билатерални односи со Северна Македонија, како и европскиот курс на оваа земја зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и пред сѐ од употребата на уставното име на земјата“, соопшти грчкото МНР.

„За Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат во пристапувањето кон ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“, порача претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, која претходно и` ја честиташе функцијата на Сиљановска.

ЕУ во кусо соопштение „потсети на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција“.

Шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис, уште пред инаугурацијата на македонската претседателка, во интервју за неделното издание на весникот „Врадини“ оцени дека е неопходно Договорот да се спроведува.

„Овој Договор е меѓународен договор, кој е над внатрешното право, треба да се почитува од страните и секако не е дозволена негова ревизија без договор на страните. Во оваа смисла, сметаме дека е неопходно Договорот да продолжи да се спроведува и верувам дека ова ќе биде ставот и на новото политичко раководство на Северна Македонија. Грчката влада континуирано и строго го следи спроведувањето на Договорот и ќе ги направи неопходните интервенции“, истакна Герапетритис.

Нема втора шанса за прв впечаток

На домашен терен, од  Коалицијата Вреди  вчера изразија загриженост што емоциите од кампањата влијаат на рационалноста во првите чекори во реал-политиката.

„Имаме разбирање за чувствата на македонскиот народ, но нема втора шанса за прв впечаток за новата шефица на државата. Претседателот на Републиката мора да биде пример за почитување на Уставот, особено кога станува збор за професорка по уставно право“, соопштија од „Вреди“.

Оттаму потсетуваат дека РСМ е полноправен член на НАТО и земја која веќе ги отпочна преговорите со ЕУ, но и дека ѝ  претстојат уставните измени за да продолжи по европскиот пат.

„Не ни треба отворање на старите рани. Затоа, добро е што новата претседателка ја потпиша заклетвата со уставното име, што сепак е знак дека реалноста де факто е прифатена од неа“, велат од Вреди.

Гордана Сиљановска Давкова при заклетвата не го изговори уставното име на државата, Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Со првата нејзина реченица веќе создаде криза помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција“, изјави вчера пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми.

Амбасадорот Денко Малески, во колумна предупредува дека конфронтација со две држави членки на ЕУ, ќе ја фрли нашата држава без излез на море, со комплексна етничка структура и со сиромашна економија, во крајно неповолна положба.

„Не може да се очекува поддршка и од оние кои вршеа притисок врз двете страни да го потпишат Преспанскиот договор, имено Америка, но и Европа и ОН. Напротив. Во обид да не бидеме однесени од бранот на популистичкиот национализам, канцеларијата на американскиот претседател издаде наредба за санкции против оние кои работат против  Преспанскиот договор,  заедно со Охридскиот и оној со Бугарија. Значи ли тоа санкции за претседателката и за владата на Македонија?“, праша Малески.

МНР: Повикуваме на внимателност

Македонското Министерство за надворешни работи ја потврдува цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на Уставните одредби како и сите меѓународно преземени обврски како што е целосното почитување на Договорот за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, познат како  Договорот од Преспа,  се вели во соопштението испратено денеска од МНР.

„Изминативе седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултираше и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на Стратешкото партнерство во Стратешки дијалог со САД. Повикуваме на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери. Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата“, се наведува во соопштението.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми