1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје - Атина: Затишје пред бура

2 јули 2024

„Ако Скопје е во тешка позиција, тоа е затоа што против себе ја има меѓународната заедница“, изјавила поранешната министерка за надворешни работи Дора Бакојани.

Mazedonien Skopje Flaggen
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Христијан Мицкоски никогаш не изјавил дека Владата има намера да го репреговара Договорот од Преспа, но вербалната употреба на името Македонија во соседна Грција се толкува како обид за тоа.

„Што се однесува до Преспа, ние уште пред многу години го имаме кажано нашиот став, а тоа е дека тој договор е реалност и е дел од уставниот и правниот поредок на Македонија како држава и тука никој не треба да има никаква дилема“, повтори вчера премиерот, одговарајќи на прашање за изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер, дека нема одново преговори за Преспа ниту, пак, со Бугарија за напредокот кон ЕУ.

Според анализа на грчкиот весник „Катимерини", „логиката на повторно преговарање на Договорот од Преспа што владее во Скопје, не остава многу простор за оптимизам во Атина", бидејќи раководство на ВМРО-ДПМНЕ е решено да го „влече јажето“ во односите и со Грција и со Бугарија.

„Грција нема да се вклучи во бесмислени јавни дебати и, како што веќе директно имплицираше г-динот Мицотакис, едноставно ќе го блокира патот на Северна Македонија кон ЕУ“, се вели во анализата.

Внимание се посветува и на официјалната посета на Атина од страна на претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој таму ќе го отвори форумот на „Економист" и ќе има средби со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу. Се очекува една од темите да бидат односите со Северна Македонија.

Преспанскиот договор е реалност и е дел од уставниот и правниот поредок на Македонија како држава, изјави премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

„Координацијата меѓу Атина и Софија за ова прашање мора да се земе здраво за готово, но таа не произлегува толку од билатералните разлики на двете земји со Северна Македонија, колку од загриженоста за претворање на земјата во геополитичка црна дупка. Од истата причина, Атина ги одржува отворени каналите и со албанскиот елемент на Северна Македонија, кој е стабилизирачки фактор, но и со Косово, бидејќи премиерот Албин Курти има влијание врз албанскиот, мал владин партнер на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во текстот.

Ерга омнес- константа на грчките барања

РСМ се најде во фокусот и на репликата на поранешната грчка министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, кон критиките од поранешниот премиер Самарас за политиките на актуелната грчка влада. Oсврнувајќи се на националните прашања, Самарас критикувал дека „земјата трпи навреди, едно по друго понижување, од Скопјаните, Албанците и Турците".

Го повикал премиерот веднаш да одлучи за промена на надворешна политика - вето за Албанија, да се подготви преку создавање силна правна и политичка група експерти исклучување од опасниот договор од Преспа, да се примени, како Бугарија, вето на секој чекор на Скопје, чија неодговорност мора да биде осудувана, и целосно да се ревидира пријателството со Турција.

„Ни рече дека патот на Албанија и Северна Македонија оди преку Грција, а тоа го кажуваме и ние. Знам дека господинот Самарас беше премиер, а Евангелос Венизелос беше министер за надворешни работи и тој во име на владата на Самарас им кажа на ОН дека Грција е за сложено име со географска одредница ерга омнес“, потсетила Бакојани.

Притоа изразила чудење за ставот кон Договорот од Преспа.

„Како ќе се промени? Ме потсетува на некои луѓе кои велат дека Лозанскиот договорможе да се смени. Ако Скопје е во тешка позиција, тоа е затоа што против себе ја имаат меѓународната заедница", ја пренесуваат грчките медиуми изјавата на поранешната минстерка за надворешни работи.

Поранешната минстерка за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани изразила чудење за ставот на македонските власти кон Договорот од ПреспаФотографија: ANE/picture alliance

Грчкиот премиер Мицотакис во средината на јуни предупреди дека прашањето за непочитување на Договорот од Преспа ќе го покрене на претстојниот јулски Самит на НАТО и дека премиерот на Северна Македонија ќе се најде во многу непријатна позиција кога ќе се сретнат таму.

„Ќе го покренам, и мислам дека ќе имам многу сојузници во овој обид. Скопје да сфати дека не може да си игра со Атина за такво прашање, бидејќи ако земјата се стремеше кон двојно име, прашањето ќе беше затворено пред многу години. Скопје влезе во НАТО токму преку Договорот, кој има свои проблеми, меѓутоа обезбеди едно име за севкупна употреба. Ако тоа се оспори, Северна Македонија ќе има големи проблеми, не само во нејзините билатерални односи со Грција, туку и во нејзините односи и во НАТО и со ЕУ кон која има амбиција во некој момент да стане членка“, рече Мицотакис.

„Мојот интерес е да градиме мостови а не да ги уриваме, и да разговараме врз основа на аргументи, врз основа на факти“, рече тогаш Мицкоски одоговорајќи на новинарски прашања.

„Јас сум подготвен со аргументи и со факти да разговарам и тоа го правам целиот мој живот, не само на НАТО самитот. Каде и да е, и во Атина, и во Скопје и во Брисел“, посочи Мицкоски.

Белери како тест

За разлика грчки прогнози за вжештување на односите Скопје-Атина, помеки се прогнозите за односите Атина - Тирана, кои од лани беа торпердирани заради „случајот Белери“. Фреди Белери, осудениот градоначалник на албанската општина Химара заради купување гласови, кој е припадник на грчкото малцинство во Албанија, во меѓувреме беше избран и за европратеник од редовите на Нова демократија. Грчките власти судскиот процес против Белери го оценија како политички мотивиран, побараа тој да биде ослободен, а по неговиот избор за европратеник - порачаа дека мора да му биде дозволено да ја извршува функцијата на која е избран. Според Атина, процесот против Белери може негативно да се одрази на европската интеграција на Албанија.

Според „Катимерини", следен тест за односите меѓу Атина и Тирана ќе биде пленарната седница на Европскиот парламент на 16-ти јули. Се проценува дека Белери ќе добие специјална дозвола од албанските власти да замине во Стразбур, да ја преземе функцијата пратеник во Европскиот парламент и да гласа за избор на претседател на Европската Комисија.

„Се проценува, сепак, дека на еден или друг начин грчко-албанските односи може да бидат на пат на нормализирање во одреден момент во наредните месеци“, се оценува во анализата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми